Географија на Танзанија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Географијата на Танзанија е една од најразновидните и најкарактеристичните во светот. Ја опфаќа највисоката точка во Африка, врвот на планината Килиманџаро (5.895 м)[1] , како и разни езера, планини и многубројни природни паркови.
Североисточниот дел на Танзанија е планински. Најпознати планини во овој предел се Меру и Килиманџаро, кои се активни вулкани. Природната убавина и височината на Килиманџаро привлекува голем број на туристи.
Западно од планините се наоѓа националниот парк Серенгети, познат по годишната преселба на милиони белобради гнуа, како и поради изобилството на лавови, леопарди, слонови, носорози и биволи. Недалеку од паркот се протега клисурата Олдувај, каде се пронајдени многу од најстарите човеколики фосили и наоди. Во оваа северна област има и неколку солени езера, вклучувајќи го езерото Натрон кое претставува значајно место за размножување на фламинга и екорегион самиот по себе.
Уште позападно се наоѓа езерото Викторија, на тромеѓето Кенија–Уганда–Танзанија. Ова е најголемото езеро во Африка и извор на реката Нил. На југозапад се наоѓа езерото Тангањика, кое ги ја Танзанија од ДР Конго. Се смета дека ова е второ по старост (и длабочина) во светот, по Бајкалското Езеро во Сибир. Западниот дел од земјата, помеѓу езерата Викторија, Тангањика и Малави се одликува со рамни предели кои Светскиот фонд за дива природа (WWF) ги смета за дел од екорегионот Среднозамбески миомбовски кории. Во појужните делови, на границата со Замбија, се сместени Каламбовските водопади, каде се пронајдени најраните наоди на употреба на дрво кај праисторискиот човек.
Во средиштето на Танзанија се издига голема висорамнина. Јужната половина е покриена со тревнати предели, кои влегуваат во екорегионот Источни миомбовски кории. Најголем дел од овие предели се дел од огромниот ловен парк Селус. На север оттука се протега обработливо земјиште и новиот главен град Додома.
Источното крајбрежје на Танзанија е топло и влажно. Тука се наоѓа најголемиот град во земјата - Дар ес Салам. Веднаш на север од градот е сместен островот Занзибар, кој е полуавтономна територија на Танзанија позната по производството на зачини. На север е помалку познатиот остров Пемба. Крајбрежјето е обраснато со Источноафриканските мангрови, кои се мангровски мочуришта, кои претставуваат важно живеалиште за копнените и водните видови.
Климата на Танзанија се движи од топла и влажна на крајбрежјето, до поумерена во извишените средишни предели. Земјата има две дождовни сезони - долга и обилна од март до мај, и пократка и посува од ноември до јануари.
Земјата се дели на 25 региони од кои 20 се копнени, три на островот Занзибар и два на островот Пемба.