Гален
From Wikipedia, the free encyclopedia
Елиј Гален или Клавдиј Гален (грчки: Κλαύδιος Γαληνός; септември 129 – ок. 200/ок. 216), попознат како Гален од Пергам[1] — познат грчки лекар и филозоф во Римското Царство.[2][3][4] Тој бил еден од најпознатите истражувачи на полето на медицината во античкиот период, кој влијаел врз развојот на различни медицински дисциплини и на други научни дисциплини, како на пример: анатомијата,[5] физиологијата, патологијата, фармакологијата,[6] неврологијата, како и на филозофијата и логиката.
Гален | |
---|---|
Портрет на Гален од 18 век, насликан од Георг Паул Буш | |
Роден(а) | септември 129 година Пергам |
Починал(а) | ок. 210 година |
Занимање | Лекар |
Како син на богатиот архитект Елиј Никон, Гален од најраното детство ја имал привилегијата да се здобие со квалитетно образование, што му овозможило понатаму во животот да изгради успешна кариера како познат лекар и филозоф. Роден во Пергам (денешна Бергама, Турција), Гален често патувал во текот на својот живот, поради што бил постојано изложуван на разни медицински теории и откритија. По неговото конечно населување во престолнината Рим, тој работел за истакнати членови на римското општество, дури станал и личен лекар на неколку римски цареви.
Галеновото разбирање за медицината и анатомијата се основало на теоријата на хумор или теоријата за четирите телесни сока (крв, слуз, жолта жолчка и црна жолчка), која теорија потекнува од времето на старогрчкиот лекар Хипократ. Оваа теорија се задржала и имала големо влијание врз западната медицина повеќе од 1300 години. Описот на анатомската градба кај Гален се засновала врз описот на секцирањето на мајмуни (посебно на берберските макаки мајмуни) и свињи, затоа што секцирањето на луѓе во тоа време не било дозволено. Неговите записи од анатомските испитувања биле надминати дури во 1543 година, кога била објавена книгата De humani corporis fabrica од Андреас Везалиус каде биле испечатени описи и илустрации на човековата анатомија,[7][8] но во која сѐ уште била задржана Галеновата физиолошка теорија.[9] Теоријата на Гален за физиологијата на циркулаторниот систем останала неоспорена до 1242 година, кога Ибн ал-Нафис ја објавил својата медицинска енциклопедија Sharh tashrih al-qanun li’ Ibn Sina (Коментар за анатомијата во канонот на Авицена), во која за првпат била прикажана белодробната циркулација.[10]
Гален себеси се сметал и како лекар и како филозоф, што го напишал во своето дело „Најдобриот доктор е исто така и филозоф“.[11][12][13] Тој исто така бил заинтересиран за дебатата помеѓу рационалистичките и емпириските медицински гледишта,[14] а неговата обука на студентите преку непосредно набљудување, секцирање и вивисекција претставувало комбинација на овие две различни медицински гледишта.[15][16][17] Поради тоа неговото објаснување на поимот болест се нарекува синтетичка концепција на болестите. Многу од неговите дела се сочувани и/или преведени од оригиналниот грчки јазик, а дел од нив се или уништени или, пак, некои дела, кои му се припишуваат, се лажни. Во 1530-тите години, белгискиот лекар и анатом Андреас Везалиус превел многу од записите на Гален од грчки на латински јазик. Неговото најпознато дело De humani corporis fabrica било напишано под влијание на делата на Гален.