Ваденско Море
море / From Wikipedia, the free encyclopedia
Ваденското Море (холандски: Waddenzee, германски: Wattenmeer, долногермански: Wattensee/Waddenzee, дански: Vadehavet, западнофризиски: Waadsee) е крајбрежен појас во југоисточниот дел на Северното Море. Сместено е помеѓу брегот на северозападна континентална Европа и Фризиските Острови, образувајќи плитка водна површина со плитаци и мочуришта. Целото подрачје се одликува со голема биолошка разновидност. Во 2009, холандскиот и германскиот дел на морето биле прогласени за светско наследство на УНЕСКО.[1]
светско наследство на УНЕСКО | |
---|---|
Критериум | природно: viii, ix, x |
Навод | 1314 |
Запис | 2009 (XXXIII заседание) |
Според стручњаците, Ваденското Море има еден од највидоизменетите брегови во светот како последица на човечките активности,[2] што може да се забележи од системите од бразди и насипи на копното и ниските крајбрежни острови. Ваденското Море се протега од Ден Хелдер во Холандија на југозапад, ги одминува големите речни устија на Германија и завршува кај северната граница на Скалинген, северно од Есбјерг во Данска. Овој потег има вкупна должина од 500 км и површина од околу 10.000 км2. Во рамките на Холандија, морето се граничи со Ајселското Езеро крај насипот Афслејтдејк.
Островите во морето се нарекуваат Ваденскоморски Острови или Фризиски Острови, кои го добиле името од месното население — Фризите. Меѓутоа, фризискиот јазик не се говори во најзападниот дански остров Тексел веќе со векови. Данските Ваденскоморски Острови никогаш немале фризиско население. Оддалечениот германски остров Хелголанд етнички е фризиски, но не се наоѓа во Ваденското Море.