![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/6/69/Ariana_Grande_at_the_Met_Gala_2024_%25281%2529.jpg/640px-Ariana_Grande_at_the_Met_Gala_2024_%25281%2529.jpg&w=640&q=50)
Аријана Гранде
From Wikipedia, the free encyclopedia
Аријана Гранде-Бјутера (англиски: Ariana Grande, 26 јуни 1993) — американска пејачка, глумица и текстописец. Се смета за поп-икона и влијателна фигура во забавната музика. Препознатлива е по нејзиниот вокален дијапазон од четири октави. Гранде во текот на нејзината кариера добила многу признанија, меѓу кои: две Греми награди, една награда Брит, две музички награди од Билборд, три Американски музички награди, девет MTV видео музички награди, а соборила 36 Гинисови рекорди. Ролинг стоун ја прогласил за една од најдобрите пејачи на сите времиња.
Аријана Гранде | |
---|---|
![]() Аријана Гранде во 2024 | |
Животописни податоци | |
Родено име | Аријана Гранде-Бутера |
Роден(а) | 26 јуни 1993(1993-06-26) (31 г.) Бока Ратон, Флорида, САД |
Жанрови | Поп, R&B |
Занимања | Глумица, пејачка, текстописец |
Инструменти | Вокали, пијано |
Период на активност | 2008–сегашност |
Издавачи | Republic |
Мреж. место | arianagrande.com |
Со продадени над 90 милиони плочи, Аријана Гранде се вбројува меѓу музичарите со најмногу продадени албуми; сите нејзини студиски албуми биле сертифицирани со најмалку платинест тираж од Здружението на музички сниматели на Америка (RIAA). Вкупно има собрано 98 милијарди стримови, а со тоа Гранде е меѓу најстримуваните музичари на сите времиња и најстримувана музичарка (со податоци до 2021 година). Таа била најстримувана жена-изведувач во 2010-тите и во женска конкуренција има најмногу песни со преку милијарда стримови (вкупно 14 песни) на Spotify. Гранде има многу следбеници на друштвените мрежи; со над 380 милиони следбеници, таа е шеста најследена личност на Инстаграм и една од најпретплатените и најследените музичари на YouTube и Spotify. Од списанието Билборд била прогласена за жена на годината (2018) и за најуспешна музичарка која ја започнала кариерата во 2010-тите; се нашла на многу списоци, како: годишниот список за влијателни личности Time 100 (2016 и 2019), годишната листа на Форбс од 100 најмоќни луѓе (2019-2020) и била највисоко рангирана музичарка на списокот од „Музичари со најголеми приходи“ од Форбс (2020).
Аријана Гранде, покрај музичката и филмската кариера, соработувала со многу добротворни организации и се залагала за правата на животните, душевното здравје и родова, расна и ЛГБТ еднаквост. Во 2021 година го лансирала козметичкиот бренд R.E.M. Beauty.