Џепиште
село во Општина Дебар From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Дебар From Wikipedia, the free encyclopedia
Џепиште — село во Општина Дебар, во областа Голо Брдо, во околината на градот Дебар.
Џепиште | |
Воздушен поглед на селото Џепиште | |
Координати 41°26′34″N 20°31′58″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | Дебар |
Област | Голо Брдо |
Население | 347 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1250 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 08036 |
Надм. вис. | 740 м |
Џепиште на општинската карта Атарот на Џепиште во рамките на општината | |
Џепиште на Ризницата |
Селото е едно од двете села од областа Голо Брдо (заедно со селото Отишани), кои се наоѓаат на денешна Македонија. Главно е населено од Македонци, но дел од Македонците-муслимани се изјасниле како Турци или како Албанци поради политичко-религиски причини.
Името на селото првпат е забележано во XVI век (1583 г.) во турски документи како Жепиште, додека во 1882 година се споменува и како Жепишча Името Жепишта потекнува од зборот жепа што означува вид извишено место, споено со -иште што означува место каде што се наоѓа(ла) жепа. Името Џепишта пак потекнува од личното име Џеп или Џепо, што може да доаѓа од турското име Реџеп. За Џепишта има и друго објаснување, односно се поврзува со самиот збор џепиште кое означува место каде што има одрони (џепови).[2]
Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Дебар, чиј атар се допира со државната гранична линија со Албанија.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 740 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 12 километри.[3]
Селото се наоѓало над реката Црн Дрим, додека денес всушност е над новосоздаденото Дебарско Езеро, во врвот на долината на еден краток поток, а под врвовите Црвеница, Голема и Мала Краста, кои го одделуваат од Албанија. .[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ливаѓе, Бигор, Ледина, Равен, Ускула, Параспур (некогашно манастирско земјиште), Садовик, Гаталица, Подбраненица, Прелози и Питулец.[4]
Низ самото село поминува регионалниот пат 1201, кој ги поврзува градовите Дебар и Струга.
Во селото се наоѓа изворот Студенец, потоа Извор во Петковско Маало, Бероец во Ѓиновско Маало и Тушинец во Ќеовско Маало.[4]
Самото село е поделено на маала, а куќите во маалата се збиени. Муслиманско маало било Ќеовци, додека христијански маала биле Ковачко, Ѓиновци, Марковци и Краста, додека мешано било Петковци.[4]
Подрачјето на Џепиште е населено уште од римско време, за што сведочат повеќе наоѓалишта во неговата околина.[5]
Се пренесува дека порано во селото имало само четири куќи, кои биле раштркани, а подоцна од тие куќи се создале четири маала. Краста е основана во поново време.[4]
Селото било погодено од чума, поради која селаните го напуштиле селото и избегале во требишката шума.[4]
Во селото постоел и чифлиг, каде работниците често се менувале, но во последните години од отоманската власт, истите почнале да го откупуваат и околу 1912 година скоро целиот чифлиг бил откупен.[4]
Под муслиманското маало Ќеовци порано имало црква посветена на Преображение, каде и денес една рамнина се нарекува Манастирец. По Балканските војни во 1912 година, муслиманите го растуриле тоа црквиште.[4]
Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 3,4 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 204 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 65 хектари, а на пасиштата 49 хектари.[3]
Во селото работат услужни објекти.[3]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 35 домаќинства со 25 жители муслимани (Македонци) и 75 христијани (Македонци).[7]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година, селото Џепиште имало 300 жители, сите Македонци, од кои 165 православни и 135 муслимани.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Џепиште имало 168 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[10]
Селото во 1961 година имало 293 жители, од кои 162 биле Турци, 88 Македонци и 30 жители Албанци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 421 жител, од кои 207 биле Македонци, 132 Турци и 74 жители Албанци.[3]
Според пописот од 2002 година, селото Џепиште броело 499 жители од кои:[11]
Целосното муслиманското население на селото се Македонци-муслимани, но поради политичко-религиски причини се пишале како Турци. Во тој однос, треба да се напомене дека селото е населено исклучиво со Македонци, бидејќи жителите попишани како Турци или како Албанци се всушност Македонци-муслимани, како и сите останати жители на селото. Доказ за тоа е наглата промена во изјаснувањето на жителите како Македонци и Турци (или како Албанци).
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 347 жители, од кои 45 Македонци, 75 Албанци, 181 Турчин, 24 останати и 22 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 300 | 168 | 312 | 287 | 293 | 303 | 382 | 476 | 421[б 1] | 499 | 347 |
Селото Џепиште отсекогаш е населено во целост со Македонци. Денес селото е речиси целосно населено со Македонци-муслимани, а во минатото во него живееле и православни христијани.[4]
Според истражувањата од 1937 година, родови во селото биле:
Од ова село има многу иселеници. Во времето на истражувањето од 1937 година, голем дел од православното население се преселило во Скопје.[4]
Кон крајот на XIX век, Џепиште било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Дебар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Манастирец, во која влегувале селата Буринец, Дренок, Модрич, Отишани, Селце и Џепиште. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Џепиште, во која влегувале селата Отишани и Џепиште.
Во селото постои избирачкото место бр. 0553 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Отишани.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.030 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.076 гласачи.[19]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.