From Wikipedia, the free encyclopedia
Чистилиште (латински: purgatorium)[1] претставува привремена состојба по физичката смрт во која душата се стекнува со прочистување.[2]
Чистилиштето како поим постои во римокатоличката доктрина која тврди дека постои ваквата привремена состојна и дека во процесот на прочистувањето на умрените може да им помогнат молитвите на живите луѓе.[3] Според теолозите и во популарната претстава, чистилиштето е место каде прочистувањето се спроведува со помош на оган, а според Жал Ле Гоф, ваквото сфаќање се појавило во Западна Европа кон крајот на 12 век,[4] но тоа никогаш не било прифатено како официјално толкување на римокатоличката црква. Уште повеќе, папите Јован Павле II и Бенедикт XVI негирале одредени аспекти на ваквото сфаќање на чистилиштето, а останатите христијански цркви ја отфрлаат „римската доктрина во однос на чистилиштето“, иако Православната црква, Источните православни цркви и некои елементи на Англиканската црква и Методистичката црква се согласуваат дека за некои луѓе постои прочистување по смртта и ги прифаќаат молитвите за умрените.[5][6][7][8][9] Јудаизмот, исто така, ја дозволува можноста за прочистување по смртта како начин да го објасни значењето на Гехена.[10]
Во делото „Црковна историја на Англите“ на Беда Венерабилис се среќава опис на чистилиштето, претставено преку визијата на некој Дриктхелм кој видел голема долина: на левата страна од неа горел огромен пламен, а на десната страна беснеела бура со снег и град и владеел неподнослив студ; меѓу едната и другата страна скитале многу души кои во мразот барале спас од неподносливата жештина, а бегајќи до студот повторно се фрлале во огнот и така во недоглед. Дриктхелм помислил дека тоа е пеколот, но неговиот водич му објаснил дека тоа е местото на кое се прочистуваат душите на оние кои до смртта го одложувале каењето и искупувањето на гревовите; меѓутоа, откако се покајале, макар и на смртната постела, тие ќе влезат во рајот на судниот ден.[11] Во делото „Speculum historiale“ на Винсент од Бова се опишува случката на некое дете кое го посетило чистилиштето и таму видело како возрасните луѓе се вареле во казани сè додека не се претвориле во новороденчиња, потоа пак станувале возрасни и повторно се вареле и се претворале во деца, а таа постапка се повторувала.[12]
Според Данте Алигиери, на влезот во чистилиштето се наоѓа порта која се отвора со клучевите кои св. Петар му ги дал на ангелот-чувар на портата.[13]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.