![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/7/7c/USS_Kearsarge_medical_team_treat_patients_at_Arima_District_Health_Facility_DVIDS126489.jpg/640px-USS_Kearsarge_medical_team_treat_patients_at_Arima_District_Health_Facility_DVIDS126489.jpg&w=640&q=50)
Церебрална парализа
From Wikipedia, the free encyclopedia
Церебрална парализа — група на нарушувања на движењата кои се појавуваат во првите години од животот, со варијабилни знаци и симптоми.[1] Чести симптоми се лоша координација, вкочанети мускули, слабост на мускулите и тремор, но исто така може да постојат сетилни проблеми, проблеми со видот, слушање, голтање и зборување.[1] Често бебињата со церебрална парализа не можат да седат, лазат или да одат како децата на нивна возраст.[1] Други симптоми може да бидат конвулзии и когнитивни проблеми, кои се јавуваат кај една третина од луѓето со церебрална парализа.[1] Иако симптомите се согледуваат најчесто после првата година, болеста не е прогредирачка.[1]
![]() | Ве молиме, обратете внимание на важното предупредување во врска со темите поврзани од областа на медицината (здравјето). |
Церебрална парализа | |
---|---|
![]() | |
дете со церебрална парализа | |
Специјалност | Педијатрија, неврологија |
Симптоми | нарушена координација, вкочанети мускули, ослабеност на мускулите, тремор[1] |
Компликации | епилептични напади, интелектуални попречености[1] |
Вообичаена појава | рано детство[1] |
Времетраење | цел живот[1] |
Причинители | често непознати[1] |
Ризик-фактори | предвремено раѓање, близнаци, некои инфекции за време на бременост, тежок пораѓај[1] |
Дијагностички метод | во зависност од развивањето на детето[1] |
Третман | физикална терапија, работна терапија, говорна терапија, надворешни протези, хируршки[1] |
Лекови | дијазепам, баклофен, ботулински токсин[1] |
Честота | 2.1 на 1,000[2] |
Церебралната парализа е предизвикана од абнормален развој или повреда на деловите на мозокот кои ги контролираат движењата, рамнотежата и држењето на телото.[1][3] Многу често проблемите се случуваат за време на бременоста, но исто така може да се случат за време на пораѓање или после раѓање.[1] Често причината е непозната.[1] Во ризични фактори спаѓаат предвремено раѓање, близначна бременост, некои инфекции за време на бременост како токсоплазмоза или рубела, изложување на метил жива за време на бременост, тежок пораѓај и повреда на главата во првите години од животот.[1] Околу 2% од случаите се поради генетски наследност.[4] Класифицирани се неколку поттипа во однос на специфичниот проблем кој се покажува: оние кои имаат вкочанети мускули имаат спастична церебрална парализа, тие кои имаат слаба координација имаат атаксична церебрална парализа, и оние кои имаат движења во вид на извиткување имаат атетоидна церебрална парализа.[1] Дијагнозата се поставува во однос на развојот на детето.[1] Крвни и имиџинг тестови може да се користат за да се исклучат други болести.[1]
Церебралната парализа е делумно може да се превенира преку имунизација на мајката и внимавање на повреди на глава кај деца преку зголемена безбедност.[1] Нема терапија која би ја излечила церебралната парализа, но одредени третмани, лекови и хируршки операции може да помогнат околу нејзино менаџирање.[1] Во нив спаѓаат физикална терапија, работна терапија, и говорна терапија, лекови како дијазепам, баклофен, и ботулинум токсинот кои можат да помогнат во релаксирање на вкочанетите мускули, и од страна на хирургијата помагаат операциите за издолжување на мускулите и сечење на премногу активните нерви.[1] Надворешни протези и друга асистивна технологија е често од помош.[1] Некои деца можат да достигнат нормален живот со соодветен третман.[1] Нема никаков доказ за користење на таканаречената комплементарна и алтернативна медицина (sCAM).[1]
Церебралната парализа е едно од најчестите нарушувања на движењата кај децата[5], кое се јавува кај 2.1 на 1000 родени.[2] Церебралната парализа е документирана во историјата со први сознанија и описи во времето на Хипократ, во 5 век п.н.е.[6] Екстензивни истражувања за болеста започнале во 19 век од Вилијам Џон Литл, по кој спастичната диплегија била наречена "Литл".[6] Вилијам Ослер е првиот кој ја нарекол "церебрална парализа" од германскиот "zerebrale Kinderlähmung" (церебрална детска парализа).[7] Различни потенцијални терапии се истражуваат, вклучувајќи ја и терапија со стем клетки,[1] но повеќе истражувања се потребни за да се одлучи нејзината делотворност и безбедност.[1]