Хидролиза
From Wikipedia, the free encyclopedia
Хидролиза (од старогрчкиот хидро- 'вода', и лисис 'да одврзе') ― хемиска реакција во која една молекула се дели на два дела при реакција со молекула на вода, која има хемиска формула H2O. Еден од деловите на поделената молекула добива OH- јон од молекулата на водата, додека другиот дел добива H+ јон од водата. Поимот е користен нашироко за супституциски, елиминација и солвациски реакции во кои водата е нуклеофил.[1][2]
- Да не се помеша со електролиза, честиот метод за производство на гасовит водород од вода.
Оваа реакција е различна од реакцијата на хидратација, во која водените молекули се адираат на супстанца, но делење на молекулата воопшто не се случува. Во органската хемија, хидролизата може да се смета како спротивен процес на реакцијата на кондензација, процес во кој два молекуларни фрагменти се спојуваат за сметка на секоја молекула вода која се создава. Бидејќи хидролизата е повратна реакција, кондензацијата и хидролизата може да се случат во исто време, со положбата на рамнотежа која ја детерминира количината на секој производ. Во неорганската хемија, овој збор често се користи за раствори на соли и реакциите при кои тие се претвораат во нови јонски соединенија или во талози (оксиди, хидроксиди или соли). Некои примери на хидролиза се објаснети подолу.
Резултатот на протолитичка реакција меѓу вода и сол на силна киселина и слаба база, средината ќе биде кисела, додека резултатот на протолитичката реакција меѓу вода и сол на слаба киселина и силна база ќе биде базна средина. Меѓутоа, сите соли не се хидролизираат. На пример, ако се работи за сол образувана од силна киселина и силна база (како што е натриум хлоридот), водните раствори се неутрални, т.е. кај нив концентрациите на хидроните и на негативните OH-јони се еднакви. Имено, катјоните што се образуваат при дисоцијацијата на ваква сол не донатори на протони, а анјоните не се (или се сосем слаби) акцептори на протони, така што не може да настане протолитичка реакција. Според тоа, во водните раствори на соли образувани од силна киселина и силна база нема да дојде до хидролиза.[3]