Хектор
From Wikipedia, the free encyclopedia
Хектор (старогрчки: Ἕκτωρ = „потпора, потпирач“) — лик во старогрчката митологија, тројански принц и најголемиот воин на Троја во Тројанската војна при што бил штитеник на Аполон.[1] Како првороден син на кралот Пријам и кралицата Хекаба, потомок на Дардан, кој живеел под планината Ида, како и на Трос, основоположникот на Троја,[2] тој бил принц од кралската куќа и наследник на престолот на својот татко. Хектор бил оженет со Андромаха, со која го имал синот Скамандриј (кого Тројанците го викале Астијанакт). По освојувањето на Троја, грчката војска го фрлиле Скамандриј од ѕидините на Троја поради пророштвото дека тој ќе го обнови тројанското кралство.[1] Хектор бил водач на Тројанците и на нивните сојузници во одбраната на Троја, убивајќи 31 грчки воин.[3] Во европскиот Среден век, Хектор имал улога како еден од Деветте достоинственици, познат не само по својата храброст, туку и по својот благороден и љубезен карактер. Хомер го прикажува Хектор како мирољубив, грижлив, како и храбар, добар син, сопруг и татко, без скриени намери. Кога Тројанците се расправале дали предзнаците се благонаклонети, тој одговорил: „Еден предзнак е најдобар: одбраната на татковината.“