Француски директорат
виш управен орган на Франција од 1765 до 1799 година / From Wikipedia, the free encyclopedia
Директоратот (наречен и Директориум, француски: le Directoire) бил влада на Првата Француска Република од 2 ноември 1795 до 9 ноември 1799 година, кога по државниот удар од 18-ти бример бил соборен од Наполеон Бонапарт и бил заменет со Конзулат. Времето на Директоратот ги опфаќа четирите последни години од Француската револуција. Во историографијата[1] терминот се користи за периодот од распуштањето на Националниот конвент на 26 октомври 1795 година (4 бример) до државниот удар на Наполеон.
Директоратот бил во постојана војна против странските коалиции, составени од Британија, Австрија, Прусија, Кралството Неапол, Русија и Отоманската империја. Директоратот успеал да ја анектирала Белгија и левиот брег на Рајна, и формирал 196 краткотрајни сестрински републики во Италија, Швајцарија и Холандија. Освоените градови и држави требало на Франција да ѝ испратат огромни суми пари, како и вредни уметнички дела кои биле искористени како експонати за новиот музеј Лувр во Париз. Армијата предводена од Бонапарт се обидела да го освои Египет и стигнала до Сен-Жан-Д'Акр во Сирија. Директоратот го спречил возобновувањето на бунтот во Вандеја, граѓанска војна предводена од ројалистите во регионот на Вандеја, но не успеал да го поддржи Ирскиот бунт од 1798 година за создавање на Ирска Република.
Економската криза во Франција продолжила и за време на Директоратот. На почетокот, касата била празна; книжните пари (асигнатите) загубиле најголем дел од својата вредност, а цените растеле. Директоратот престанал со печатење асигнати и парите си ја вратиле својата првобитна вредност, но тоа предизвикало нова криза; цените и платите паѓале, но стагнирала економската активност.
Во првите две години, Директоратот се концентрирал на ставање крај на практиките од Јакобинското владеење на теророт; престанале масовните погубувања, а мерките преземени против прогонетите свештеници и ројалисти биле ублажени. Јакобинскиот клуб бил затворен и владата го задушила планираното вооружено востание од Јакобинците.
Во 1799 година, по неколкуте порази на француската армија, Директоратот ја изгубил сета поддршка од политичките партии. Во октомври 1799, Бонапарт се вратил од Египет и бил ангажиран од опатот Сијес да изврши парламентарен државен удар на 8-9 ноември 1799 година. По превратот бил укинат Директоратот и бил заменет со Францускиот конзулат на чие чело застанал Бонапарт.