From Wikipedia, the free encyclopedia
Франсиско Хосе де Гоја (шпански: Francisco José de Goya y Luciente; Фуентетодос, Арагонија, 30 март 1746 - Бордо, 16 април 1828) — истакнат шпански сликар и гравер од времето на романтизмот.
Франсиско Гоја | |
---|---|
Портрет на Франсиско де Гоја од Висенте Лопес и Портања (1826). масло на платно , 93 × 75 cm, Музеј Прадо, Мадрид, Шпанија | |
Роден(а) | Франсиско Хосе де Гоја 30 март 1746 Фуентетодос, Арагон, Шпанија |
Починал(а) | 16 април 1828 82) Бордо, Франција | (возр.
Почивалиште | Royal Chapel of St. Anthony of La Florida 40.42536° СГШ; 3.72560° ЗГД |
Националност | Шпанец |
Образование | José Luzán |
Познат(а) по | сликање, цртање, вајарство, |
Работел ѕидни композиции за цркви, нацрти за таписерии и сцени од секојдневниот живот. Неговата слика „Стрелањето на бунтовниците“ го одбележа почетокот на новата ера во европското сликарство. Автор е на неколку циклуси графики и цртежи. Од делата најпознати му се „Трети мај 1808“, „Борба со бикови“, „Гола Маја“ и „Облечена Маја“.
Гоја е роден 1746 година во малото место Фундетодос, во Шпанија како четврто дете, а втор син на Хосе де Гоја, златар, и Грацие Луциентес. Починал 1828 година во Бордо, Франција. Како дете времето го поминувал во работилницата на својот татко кој сакал да го наследи неговиот занает, но Гоја сепак се определува за професијата сликар. Во Сарагоса со 14 години започнува да учи за уметноста од пријателот на неговиот татко, сликарот Хосе Лусан. Многу бргу заминува за Мадрид каде работи како помошник на дворскиот сликар Франсиско Бајеј. Оттаму во 1771 оди за Рим за да ги продолжи своите уметнички студии, но истата година се враќа во Сарагоса, каде добива прва значајна порачка за изработка на фрески во локалната катедрала, на кои работи непрекинато наредната деценија. Во 1773 година Гоја се жени со сестрата на Франсиско Бајеј, а во тој брак има три деца од кои полнолетност доживеало само најмалото дете, што придонело за мачното расположение на сликарот.Последните години Гоја ги минува во доброволно прогонство во Бордо, Франција, иако во текот на животот не бил познат надвор од границите на Шпанија. Неговото дело Ужасите на војната во Франција го открил сликарот Едуар Мане, на половината на XIX век од кога и тој ќе остави неизбришлива трага на модерните текови на уметноста. Умрел во Бордо, на 16 април 1828 година.
Кариерата на Гоја на дворот започува 1775 година, каде слика за Кралската фабрика на таписерии - Света Барбара. Работени на платната со мали димензии, но и на картоните, мотивите од овие композиции се глетки на тогашниот живот, на аристократските и народните настани и обичаи. Во оние кои ги работи во наредниот период се забележува прогресивно оддалечување од уметничките традиции и развој на сопствениот стил, како последица на делата на сликарот Диего Веласкес, кои тогаш се наоѓаа во кралската ризница. Гоја го проучува Веласкес преку слободните копии на неговите дела користејќи се со различни техники на графика. Многу подоцна, во своите списи забележува: "Признавам само три мајстори Веласкес, Рембрант и пред сè природата". Во 1780 година Гоја е избран за член на Кралската академија Сан Фернандо во Мадрид. Како услов за пристапување кон Академијата, Гоја приложува слика со религиозна тематика "Христос на крстот". Во 1785 година станува помошник на директорот на Академијата, а веќе наредната, главен сликар на кралот Карлос Трети. Во деценијата што следува слика многобројни портрети на дворските чиновници и членови на шпанската аристократија, претставајќи ги во конвенционални пози, карактеристични за сликарството на 18 век. Под Карлос Четврти, чие владеење завршува со Наполеонова инвазија на Шпанија Гоја ќе стане најценетиот и најуспешниот уметник во Шпанија. За време на својот престој на југот на Шпанија зимата 1792 година, тешко заболува. Бидејќи бил познат по својот промискуитетен живот се претпоставувало дека е во прашање некоја венерична болест. Како последица на болеста тој останува потполно глув, но продолжува да слика. Во 1799 на барање на владетелот го завршува ремек делото, портрет познат како "Семејството на Карлос Четврти". Таа година за првпат е објавена серија на неговите графики под име "Каприци", во која Гоја директно напаѓа политички, општествени и религиски прилики и догми, користејќи ја популарната техника на карикатурата, но и збогатувајќи ја со свои уметнички квалитети и несекојдневна досетливост. Во 1808 година, кога Гоја бил на врвот на својата кариера, Карлос Четврти и неговиот син Фернандо се принудени да абдицираат. Наполеонова војска влегува во Шпанија, а Наполеоновиот брат Жозеф е поставен на шпанскиот престол. Гоја ја задржува својата позиција на сликар на кралскиот двор и во текот на војната слика портрети на шпански и француски генерали. Преку серија графики под име "Ужаси на војната (за првпат објавени повеќе од половина век подоцна, Гоја ги пренесува своите реакции на ужасот и трагичните последици на војната. По доаѓањето на дворот на Фердинанд Седми во 1814 година и протерувањето на француската војска, Гоја е помилуван поради службата на францускиот крал и повторно станува сликар на кралскиот двор. Во серијата портрети на Фернанд Седми, Гоја евоцира впечатлив карактер на неговата сурова и тиранска личност.
Меѓу најпознатите слики на Гоја се Гола маја и Облечена маја. И двете се од периодот од 1800 до 1805 година. Тие денес, како и повеќето негови дела, се наоѓаат во Музејот Прадо во Мадрид. Оригиналното име на сликите се Циганки бидејќи под тоа име фигурирале на списокот на Мануел Годој, кој бил нивен прв сопственик. Името "маја" под кое денес се познати, се должи на инквизицијата, која така ги нарекла поради очигледната смелост и дрскост која сликите ги поседуваат. Шпанскиот збор "маја" во време на Гоја се користел во Шпанија за жени од пониска класа кои имале преслободно и провокативно однесување со мажите. Позната е и енигматичната серија под назив "Црни слики" со кои ги декорирал ѕидовите од својот дом, (1820-1823, кои исто така се во Музејот Прадо), како и серија графики под име "Поговорки" и "Бесмислици", кои претставуваат визии од ноќните кошмари со добра доза на цинизам, песимизам и очај. Од другите негови дела познати се сликите "Трети мај 1808" во која е насликано погубувањето на бранителите на Мадрид, "Борба со бикови"..
Во песната „Светилници“, францускиот поет Шарл Бодлер го опејува Гоја како „кошмар преполн со непознати грозотии“.[1] Во 1959 година, рускиот поет Андреј Вознесенски ја напишал песната „Гоја“, посветена на овој голем сликар.[2]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.