Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Андреј Андреевич Вознесенски (руски: Андре́й Андре́евич Вознесе́нский; 12 мај 1933 , Москва - 1 јуни 2010 , Переделкино, Москва) — современ руски поет, писател и есеист, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
Андреј Вознесенски е роден на 12 мај 1933 година во Москва, каде живеел до крајот на својот живот. Во раниот период од својот живот, Вознесенски бил фасциниран од сликарството и архитектурата и во 1957 година дипломирал на Московскиот Архитектонски Универзитет. Неговиот ентузијазам за поезија, сепак, се покажал како посилен. На 14-годишна возраст му ги испратил своите стихови на Борис Пастернак, кој го повикал на гости. Пријателството со него извршило силно влијание врз Вознесенски. Неколку децении подоцна, Вознесенски бил иницијатор вилата на Пастернак во Переделкино да се претвори во музеј.[1]
Неговата прва збирка песни под наслов "Парабола" е објавена во 1958 година и таа веднаш го прикажала неговиот оригинален стил, карактеризиран со живата тендеција да "се вреднува" современиот човек преку модерни категории и слики, преку ексцентрични метафори, преку сложен ритмички систем и богати звучни ефекти. Владимир Мајаковски и Пабло Неруда најчесто се цитираат како поетите кои најдлабоко влијаеле врз неговото творештво, иако тој самиот, како свои најголеми примери ги истакнувал доцниот Миро и раниот Корбизје.[2]
Вознесенски бил еден од таканаречените "деца на 60-тите", една генерација мислители кои го вкусила интелектуалното ослободување за време на постсталинистичкото одмрзнување. Неговите иновативни стихови ги иритирале властите и тој честопати бил критикуван од конзервативните советски писатели. Во историјата ќе остане запаметено дека во 1963 година во Кремљ јавно бил критикуван од тогашниот шеф на советската држава Никита Хрушчов, кој хистерично викал: „Земете го пасошот и заминете надвор, господине Вознесенски“.[1][3] Во текот на 1960тите, Вознесенски редовно патувал во странство: САД, Франција, Германија, Италија и неколку други земји биле неговите најчести одредишта. Притоа, популарноста на Вознесенски била обележана со голем број рецитации пред илјадници воодушевени слушатели на стадиони, во концертни сали и на факултети. Една негова збирка песни, "Antimiry" ("Анти-светови") била основа за една многу позната претстава, поставена од познатиот режисер Јулиј Љубимов во театарот Таганка во 1965 година. Тогаш, на сцената за првпат со гитара се појавил Владимир Висоцки, кој подоцна станаl голема руска и советска ѕвезда. Вознесенски со своите текстови ги инспирирaл и другите познати режисери, како Марко Захаров од театарот „Ленком“, а Родион Шчедрин ја компонирал музиката.[1]
Пријателството на Вознесенски со голем број од тогашните видни писатели и уметници имала свој одраз во неговата поезија и есеистика. На пошироката публика ѝ е најпознат најмогу по супер-хитот Милион скарлетни ружи напишан за Ала Пугачова во 1984 година и по особено успешната рок-опера Juno and Avos (1979), заснована врз животот и смртта на рускиот благородник Николај Резанов. Вознесенски во 1979 година учествувал во создавањето на алманахот „Метропол“. Вознесенски сакал и да експериментира, па создавал „видеоми“ така што текстот го пишувал во форма на цртежи. Така, во вид на крст го напишал циклусот „Распетие“.
Во 1978 година Вознесенски ја добил Државната награда на Советскиот Сојуз, а во 1984 година се закитил со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Исто така, тој бил почесен член на десет академии, меѓу кои Руската академија на учењето (1993), Американската Академија на Уметности и Писма и париската Académie Goncourt.
Последните десетина години од својот живот, Вознесенски сè потешко зборувал. Во април 2010 година го доживеал и вториот мозочен удар. Во првите денови од мај, Андреј со сопругата Зоја Богуславскаја се вратил од Германија, каде имал операција на артеријата за да се спречи нов шлог. По роденденот, повторно му се влошило здравјето и починал на 1 јуни 2010 година, во својата дача во селото на писателите во Переделкино во Подмосковието.[1][3][4]
Андреј Вознесенски, заедно со Евгени Евтушенко, Бела Ахмадулин, Роберт Рождественски и Булат Окуџава припаѓа на славната генерација советски поети кои се појавиле околу 1960 година и кои за брзо време станале познати низ целиот свет. Неговите дела се преведени на најголемите светски јазици. Вознесенски бил слободоумен космополит, иноватор во поезијата, модерен во поглед на формата и содржината, а во песните ги обединувал своите широки и разновидни интереси (модерната наука, филозофија, модерното сликарство, модерната музика). Најголемата вредност во неговата поезија е јазикот, зашто тој имал слух и интуиција за феноменот на јазикот, за пронаоѓање врски меѓу најоддалечените зборови и по тоа потсетува на Хлебников. Исто така, покажувал голема грижа за формата на песната, страст за артизам и педантерија. Во своите песни, тој ги мешал епското и лирското, јазичните и звучните асоцијации, метафорите, градскиот жаргон, народниот говор, звучни рими, научни изрази, фолклорни елементи, странски зборови, изреки.[5]
Проза започнал да пишува во 1980-тите години на XX век. Така, во 1982 година, ја објави приказната „О“, а во 1984 година книгата „Духовен надзорник“.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.