Фаре
From Wikipedia, the free encyclopedia
Фаре програмата е еден од трите претпристапни инструменти финансирани од Европската Унија за поддршка на земјите од централна и источна Европа во нивните подготовки за приклучување на Европската Унија.
- Овој прилог е за програма на Европската Унија. За другите значења на Фаре, види Фаре (облакодер).
Создадена е во 1989 година како помош за реконструкција на полската и унгарската економија [1]. Од Полска и Унгарија, Фаре го прошири покривањето и на десет други земји. Оваа програма дава поддршка на осум од десетте земји кои пристапија кон ЕУ во 2004 година ( Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија), како и земјите што пристапија во 2007 година (Бугарија и Романија) во период на огромно економско преструктуирање и политички промени. На француски, Фаре значи светилник.
Почнувајќи од 2000 година западно-балканските земји (Албанија, Македонија и Босна и Херцеговина) станаа корисници на Фаре. Сепак, од 2001 година КАРДС[2] програмата за поддршка на заедницата за реконструкција и стабилност на Балканот им овозможува финансиска поддршка на овие земји.
По поставувањето на копенхашките критериуми и поканата на земјите од централна и источна Европа да аплицираат за членство, Фаре поддршката беше преориентирана кон оваа цел, вклучувајќи забележително зголемување на инфраструктурните инвестиции. Од 1997 година, Фаре целосно се фокусира врз стратегијата за претпристапување, како одговор на Луксембуршкиот Совет кој го започна тековниот процес на проширување. Фаре фондовите се целосно фокусирани врз претпристапните приоритети нагласени во насоките и партнерствата за пристап, кои ги поставуваат главните приоритети кон кои земјата мора да се насочи за да се подготви за пристапувањето,како и ресурсите кои треба да им стојат на располагање. Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (acquis) претставува распоред на земјата кандидат на подготовките за пристап. Националната програма врши проценка на времетраењето и трошоците на чекорите кои се потребни за подготовка на земјата за членство и последиците за кадарот и финансиските ресурси.