Список на периодични комети
список на статии на Викимедија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Периодична комета (наречена и краткопериодична комета) — комета со орбитален период помал од 200 години или кои се забележани во текот на повеќе од еден перихелски премин[1] (на пр. 153P/Икеја–Џанг). Под поимот „периодична комета“ понекогаш се подразбира и секоја комета со периодична орбита, дури и да е поголема од 200 години.
Ваквите комети добиваат трајна бројчена наставка обично по вториот перихелски премин, поради што има и периодични комети без број, како што е P/2005 T5 (Бротон). Кометите кои не се забележани по извесен број перихелски премини, или се сметаат за уништени, ја добиваат ознаката D, а оние со број кои подоцна се изгубени исто така добиваат [n]D наместо [n]P; вакви примери се 3D/Бјела и 5D/Брорсен.
Во речиси сите случаи, кометите се именуваат по нивните откривачи, но во неколку случаи како 2P/Енке и 27P/Кромелин, го носат името на лицето кое ги пресметало нивните орбити. Долгорочните орбити на кометите се тешки за пресметување поради грешки во познатата траекторија кои се натрупуваат со растројувања од планетите, па во времето пред електронските сметачи, некои лица посветувале цели кариери на овие пресметки. Сепак, на извесен број комети им е изгубена трагата, бидејќи на нивните орбити влијаат и негравитациски чинители како испуштањето на гасови и друг материјал кој ги сочинува комата и опашката на кометата. За разлика од долгопериодичната комета, следниот перихелски премин на периодична комета со број може да се предвиди со голема точност.
Периодичните комети понекогаш имаат повторливи имиња (на пр. девет со име Шумејкер–Леви и дваесет и четири со име NEAT); системот на Меѓународниот астрономски сојуз ги разликува според бројчената наставка или според полната ознака (на пр. и 181P и 192P/Шумејкер–Леви се „Комета Шумејкер–Леви“). Во литературата се применува неформален бројчен систем (изоставувајќи ги непериодичните), па така 181P и 192P се познати како Коемта Шумејкер–Леви 6 и Комета Шумејкер–Леви 1. Непериодичните комети Шумејкер–Леви се вметнуваат во таа низа: C/1991 B1 меѓу 2 и 3, C/1991 T2 меѓу 5 и 6, C/1993 K1 и C/1994 E2 по Шумејкер–Леви 9.
Во номенклатурата на кометите, буквата пред косата црта е или „C“ (непериодична), „P“ (периодична), „D“ (изгубена или распадната), „X“ (комета за која не може да се пресмета поуздана орбита — обично историски комети), „I“ за меѓуѕвездено тело и „A“ за објект кој погрешно бил заведен како комета, но впрочем е мала планета,[1] или пак објект на хиперболична орбита кој не покажува кометна активност.[2]
На некои списоци е зачувана претставката „C“ за комети со периоди поголеми од 30 години сè додека не се потврди нивниот повраток.[3]