Големата Црвена Дамка е постојано подрачје под висок притисок во атмосферата на Јупитер, кое ја предизвикува најголемата антициклонска бура во Сончевиот Систем. Се наоѓа на 22 степени јужно од екваторот на Јупитер, и се развива ветар со брзина до 432 km/h. Се верува дека ова е истата бура што ја забележале астрономите од 1665 до 1713 година, и ако ова е така, таа постои најмалку 356 години.[1] Потоа била забележана во септември 1831 година, и од тогаш до 1878 година била забележана уште 60 пати, од кога започнале континуираните набљудувања.[2][3]

Thumb
Големата Црвена Дамка видена од вселенското летало Јунона, во април 2018 година

Историја на набљудување

Thumb
Поглед на Јупитер и неговата Големата Црвена Дамка. Слика направена од Војаџер 1 во 1979 година. Белата овална бура веднаш под Големата Црвена Дамка има пречник приближно еднаков на Земјата.
Thumb
Временска секвенца од приближувањето на Војаџер 1 до Јупитер, при што се гледа движењето на атмосферските појаси и виулицата во Големата Црвена Дамка. Слика од НАСА .

Не може со голема веројатност да се одреди од кога постои Големата Црвена Дамка. Таа можеби постоела и пред 1665 година, но исто така може сегашнава дамка на Јупитер да била за првпат видена дури во 1830 година, а добро проучена дури по јасното појавување во 1879 година. Бурата што била видена во 17 век можеби била поинаква од денешната.[4] Постои долг временски јаз од нејзиното забележување во 1830 година и откритието во 17 век. Постојат многу малку докази кои би ја поврзале првата видена дамка на Јупитер со онаа што денес ја знаеме како Големата Црвена Дамка.[5]

За прв човек кој ја здогледал Големата Црвена Дамка се смета Роберт Хук, кој опишал дамка на планетата во мај 1664 година. Но, можно е дамката која ја забележал Хук да била во друг појас (Северниот екваторијален појас, за разлика од сегашната местоположба на Големата Црвена Дамка во Јужниот екваторијален појас). Многу поубедлив е описот на Џовани Касини за „постојана дамка“ следната година.[6] Дамката на Касини била забележувана од 1665 до 1713 година, меѓутоа јазот од 118-години ги тера астрономите да се сомневаат дека се работи за истата дамка. Првобитната дамка била забележувана во пократко време и поспорото кружно движење од сегашната дамка го отежнува донесувањето заклучок дали се работи за истата дамка.[7]

Има мала нејаснотија во врска со дамка на Јупитер прикажана на слика од Донато Крети од 1711 година, изложена во Ватикан.[8][9] Како дел од серијата панели во кои различни (зголемени) небесни тела служат како позадина за различни италијански сцени, и сите надгледувани од астрономот Евстахио Манфреди за точноста, сликата од Крети е прва слика која ја прикажува Големата Црвена Дамка како црвена. Ниту една јупитерова одлика не била експлицитно опишана во писмена форма како црвена пред крајот на 19 век.[9]

Големата Црвена Дамка била забележувана од 5 септември 1831 година. До 1879 година била видена над 60 пати.[2] Откако стекнала популарност во 1879 година, почнала континуирано да се набљудува.

Во 21 век, Големата Црвена Дамка почнала да се стеснува. На почетокот на 2004 година, имала приближно половина од пречникот што го имала пред еден век, кога достигнала ширина од 40.000 км, околу трипати поголема од пречникот на Земјата. Со тековната стапка на стеснување, таа до 2040 година ќе стане округла. Не се знае колку долго ќе трае дамката, ниту дали промената е резултат на нормални флуктуации.[10] Во 2019 година, Големата Црвена Дамка почнала да се „лупи“ по рабовите, при што делови од бурата се откинувале и се распаѓале.[11] Поради стеснувањето и „лупењето“ некои астрономи биле загрижени дека Големата Црвена Дамка би можела да исчезне за 20-тина години. Но, други астрономи веруваат дека видливата големина на Големата Црвена Дамка ја одразува нејзината покриеност со облаци, а не големината на вистинскиот, основен вител, и тие исто така веруваат дека појавата на лупење може да се објасни со замното дејство со други циклони или антициклони, како и нецелосно впивање на помали системи; ако е така, тоа би значело дека нема опасност дека Големата Црвена Дамка ќе ја снема.[12]

Помала точка, означена како Овална БА, која се формирала во март 2000 година преку спојување на три бели овали,[13] добила црвеникава боја. Астрономите на 5 јуни 2006 година ја нарекле Мала Црвена Дамка или Црвен Јуниор. Се чинело дека Големата Црвена Дамка и Овалната БА се приближуваат за да се спојат.[14] Бурите се одминувале една од друга на секои две години, но одминувањата во 2002 и 2004 година биле малку позначајни. Ејми Сајмон-Милер, од Центарот за вселенски летови Годард, предвидела дека бурите ќе се доближат најблиску на 4 јули 2006 година. Таа работела со Имке де Патер и Фил Маркус од Универзитетот Калифорнија во Беркли и тим од професионални астрономи од април 2006 година за да ги проучуваат бурите со помош на вселенскиот телескоп Хабл; на 20 јули 2006 година, двете бури биле фотографирани од Опсерваторијата Близнаци како поминуваат една до друга без да се спојат.[15] Во мај 2008 година, трета бура на Јупитер поцрвенала.

Големата Црвена Дамка не треба да се меша со Големата Tемна Точка, одлика забележана во близина на северниот пол на Јупитер во 2000 година од вселенското летало Касини-Хајгенс.[16] И во атмосферата на Нептун има слична одлика, исто така наречена Голема темна дамка. Нептуновата темна дамка била снимена од Војаџер 2 во 1989 година и се претпоставува дека можеби била атмосферска дупка наместо бура. Ја снемало во 1994 година, иако слична дамка се појавила посеверно.

Thumb
Одблиску на Големата Црвена Дамка преземена од околу 5,000 милјаs (8,000 kм) над него (11 јули 2017)

Истражување

На 25 февруари 1979 година,[17] кога вселенското летало Војаџер 1 било на 9.200.000 километри од Јупитер, ја пратило првата детална слика од Големата Црвена Дамка. Биле видливи мали облачиња до 160 км. Шарената, брановидна структура од облаци што се гледа лево (западно) од Големата Црвена Дамка е подрачје со исклучително сложено и променливо браново движење.

Вселенското летало Јунона, кое влегло во поларна орбита околу Јупитер во 2016 година, откако му се приближило на Јупитер на 11 јули 2017 година, прелетало врз Големата црвена Дамка и направило неколку слики од бурата на растојание од околу 8.000 км над површината.[18][19] Во текот на мисијата Јунона, леталото ќе продолжело да го проучува составот и еволуцијата на атмосферата на Јупитер, особено неговата Голема Црвена Дамка.[18]

Структура

Thumb
Приближна споредба на големината на Земјата и Големата Црвена Дамка.

Големата Црвена Дамка на Јупитер ротира спротивно од стрелките на часовникот, за период од околу шест Земјини дена [20] или четиринаесет Јупитерови дена. На 3 април 2017 година измерената ширина на Големата Црвена Дамка била 16.350 км, што значи дека нејзиниот пречник е за 1,3 пати поголем од оној на Земјата.[18] Облаците од оваа бура се издигнуваат на околу 8 км над околните облаци.[21]

Според прибавените инфрацрвени податоци Големата Црвена Дамка е постудена (а со тоа и на повисока кота) од повеќето други облаци на планетата.[22] Меѓутоа, горната атмосфера над бурата има значително повисоки температури од остатокот на планетата. Ова загревање на највисокото подрачје се објаснува со тоа што е предизвикано од акустични (звучни) бранови кои се издигнуваат од турбуленциите на невремето во долниот дел.[23]

Преку внимателно следење на одликите на атмосферата, во далечната 1966 година се открило дека Големата Црвена Дамка ротира спротивно од стрелките на часовникот, што било потврдено и од снимките од леталото Војаџер. [24] На јужниот раб од дамката има млазна струја кога тече кон исток, и многу посилна млазна струја на северниот раб која се движи кон запад.[25] Иако ветровите околу работ на дамката можат да достигнат брзина до 432 km/h, се чини дека струењето во внатрешноста како да го нема, со мали придвижувања кон внатре и нанадвор.[26] Со текот на времето, времето за кое ротира дамката се намалува, можеби како директен резултат на неговото постојано смалување.[27]

Географската ширина на Големата Црвена Дамка е стабилна за целото време на набљудување, и обично варира за околу еден степен. Неговата географска должина, сепак, постојано се менува.[28] Бидејќи Јупитер не ротира подеднакво на сите географски широчини, астрономите дефинирале три различни системи за дефинирање на географската должина. Системот II кој се користел за географски ширини од повеќе од 10 степени и прво се базирал на просечниот вртежен период на Големата Црвена Дамка од 9 часа 55 м 42 с. И покрај ова, сепак, дамката ја обиколила планетата во Систем II најмалку 10 пати од почетокот на деветнаесеттиот век. Нејзината стапка на придвижување се менува во голема мера со текот на годините и е поврзана со осветленоста на Јужниот екваторијален појас и присуството или отсуството на Јужно тропско нарушување.[29]

Боја и состав

Thumb
Од горе лево (во насока на стрелките на часовникот): Слика на видливиот спектар од Хабл; инфрацрвена слика од опсерваторијата Близнаци ; композит од повеќе бранови должини на податоци од Хабл и Близнаци кои покажуваат видлива светлина во сина и топлинска инфрацрвена боја во црвено; ултравиолетова слика од Хабл; детали од видлива светлина

Не е познато што ја предизвикува црвеникавата боја на Големата Црвена Дамка. Хипотезите поткрепени со лабораториски експерименти претпоставуваат дека може да е поради хемиските смеси создадени со сончевото ултравиолетово зрачење на амониум хидросулфид и органското соединение ацетилен, при што се формира црвеникав материјал - сложени органски соединенија наречени толини.[30] Големата висинска кота на соединенијата исто така може да биде причината за ваквото обојување.[31]

Нијансите на Големата црвена дамка варираат од речиси тула-црвена до бледа-лосос или дури и бела боја. Дамката понекогаш исчезнува, и може да се види само преку Шуплината на црвената дамка, која се наоѓа на нејзиното место во Јужниот екваторијален појас (ЈЕП). Очигледно, можноста да се види е поврзана со ЈЕП; кога појасот е светло бел, дамката тежнее да стане потемна, а кога ЈЕП е темен, дамката обично е светла. Овие периоди кога дамката е темна или светла се случуваат во неправилни интервали; од 1947 до 1997 година, дамката била најтемна во периодите 1961–1966, 1968–1975, 1989–1990 и 1992–1993 година.[5]

Механичка динамика

Нема општоприфатена теорија за тоа што го предизвикува создавањето или бојата на Големата Црвена Дамка. Лабораториските студии ги испитуваат ефектите што космичките зраци или УВ светлината од Сонцето ги имаат врз хемискиот состав на облаците на Јупитер. Се поставува прашањето дали зрачењето од Сонцето реагира со амониум хидросулфидот во надворешната атмосфера на Јупитер за да се создаде темноцрвена боја.[32] Истражувањата наведуваат дека бурата создава огромни количини на гравитациски бранови и акустични бранови, поради турбуленциите во бурата. Акустичните бранови патуваат по вертикала нагоре до висина од 800 км над бурата каде што се пробиваат во горната атмосфера, претворајќи ја брановата енергија во топлина. Поради ова регионот во горната атмосфера има температура од 1,600 K (1,330 °C; 2,420 °F) што е за неколку стотици Келвини потопла од остатокот на планетата на ваква висинска кота.[23] Ефектот е опишан како „плискање [...] на океански бранови на плажа“.[33] Причината за опстанокот на бурата (која трае со векови) е што Јупитер нема планетарна површина (само течно јадро од водород) која преку физичко триење би го спречила овој процес; гасните витли опстојуваат многу долго во атмосферата бидејќи нема нешто што би се спротивставило на нивниот аголен моментум.[34]

Галерија

Поврзано

Наводи

Дополнителна литература

Надворешни врски

Wikiwand in your browser!

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.

Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.