From Wikipedia, the free encyclopedia
Нуклеозомот е основна единица на ДНК пакување кај еукариотските организми, кој се состои од еден сегмент на ДНК обвиткан околу осум[1] хистонски јадра.[2] Оваа структура често се споредува со конец обвиткан околу калем.
Нуклеозомите се основните градбени единици на еукариотскиот хроматин,[3] кој се користи за да се спакува големиот еукариотски геном во клеточното јадро, а истовремено се обезбедува и соодветен пристап до него (во клетките на цицачите околу 2 m линеарна ДНК е спакувана во јадро со пречник од 10 µm). Нуклеозомите се пакуваат во серија на структури од сукцесивно повисок ред, за да на крајот формираат хромозом; на овој начин не само што се пакува ДНК молекулата туку и се овозможува регулаторна контрола, која обезбедува точна генска експресија. Се претпоставува дека нуклеозомите се носители на епигенетски наследни информации во форма на ковалентни модификации на нивните хистонски молекули. Позициите на нуклеозомите во геномот не се случајни, па затоа е значајна местоположбата на секој нуклеозом, бидејќи на овој начин се одредува пристапот на ДНК за дејството на регулаторните белковини.[4]
Дон и Ада Олинс биле првите кои ги набљудувале нуклеозомите под електронски микроскоп во 1974 година,[5] а нивната структура (како хистонски октамер обвиткан со околу 200 базни парови на ДНК) била предложена од страна на Роџер Корнберг.[6][7] Улогата на нуклеозомот како општ генски репресор била демонстрирана in vitro од страна на Лорч и соработниците[8] во 1988 година, и од страна на Хан и Грунштајн in vivo во 1988 година.[9]
Централната честичка на нуклеозомот се состои од околу 146 базни парови (бп) на ДНК[10] обвиени во 1,67 левогира суперхеликсна структура околу хистонски октамер, кој се состои од 2 копии на хистоните H2A, H2B, H3 и H4.[11] Овие централни честички се поврзани преку линкер ДНК, која може да биде долга до 80 бп. Технички, нуклеозомот е дефиниран како централната честичка плус еден од овие поврзувачки линкер региони; меѓутоа зборот нуклеозом најчесто е синонимен со централната честичка.[12]
Линкер хистоните, како што е H1 и неговите изоформи, се вклучени во компактирањето на хроматинот и се наоѓаат во основата на нуклеозомот, во близина на влезната и излезната точка на ДНК и се врзуваат за линкер регионите на ДНК.[13] Некондензираните нуклеозоми без линкер хистонот кога се набљудуваат под електронски микроскоп личат на нанижани зрнца на конец од ДНК.[14]
За разлика од повеќето еукариотски клетки, созреаните сперматозоиди најчесто користат протамини за пакување на нивната геномска ДНК, најверојатно за да се постигне уште поголем степен на пакување на ДНК.[15] Хистонски еквиваленти и поедноставена хроматинска структура се среќава и кај археите,[16] што укажува на тоа дека еукариотите не се единствените организми кои користат нуклеозоми за компактирање на нивната ДНК.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.