From Wikipedia, the free encyclopedia
Нихилизам (од латински nihil „ништо“) ― филозофија или семејство на гледишта во рамките на филозофијата, што ги отфрла општоприфатените или основните аспекти на човековото постоење,[1][2] како објективната вистина, знаењето, моралот, вредностите или значењето.[3][4] Различни нихилистички положби имаат различно мислење дека човечките вредности се неосновани, дека животот е бесмислен, дека знаењето е невозможно или дека некои збирови на ентитети не постојат или се бесмислени.[5][6]
Изучувачите на нихилизмот може да го сметаат за само етикета што е применета на различни одделни филозофии,[7] или како посебен историски концепт што произлегува од номинализмот, скептицизмот и филозофскиот песимизам, како и од самото христијанство.[8] Современото разбирање на идејата главно произлегува од Ничеовата „нихилистичка криза“, од која произлегуваат двата централни концепти: уништување на повисоките вредности и спротивставување на афирмацијата на животот.[5][9] Сепак, претходните форми на нихилизам може да бидат поселективни во негирање на специфичните хегемонии на социјалната, моралната, политичката и естетската мисла.[10]
Поимот понекогаш се користи во асоцијација со аномија за да се објасни општото расположение на очај при воочената бесмисленост на постоењето или самоволието на човечките принципи и општествените установи. Нихилизмот исто така е опишан како впечатлив или суштествен во одредени историски периоди. На пример,[11] Жан Бодријар[12][13] и други ја карактеризираа постмодерноста како нихилистичка епоха[14] или начин на размислување.[15] Исто така, некои теолози и религиозни личности изјавиле дека постмодерноста[16] и многу аспекти на модерноста[17] го претставуваат нихилизмот со негирање на религиозните принципи. Меѓутоа, нихилизмот нашироко се припишува и на религиозни и на нерелигиозни гледишта.[8]
Во популарната употреба, поимот најчесто се однесува на облици на егзистенцијален нихилизам, според кои животот е без внатрешна вредност, значење или цел.[5] Други истакнати положби во рамките на нихилизмот вклучуваат отфрлање на сите нормативни и етички ставови (морален нихилизам), отфрлање на сите општествени и политички установи (политички нихилизам), став дека никакво знаење не може или не постои (епистемолошки нихилизам) и голем број метафизички позиции, кои тврдат дека неапстрактните предмети не постојат (метафизички нихилизам), дека составните предмети не постојат (мереолошки нихилизам), па дури и дека самиот живот не постои.
Етимолошкото потекло на нихилизмот е латинскиот корен збор nihil, што значи „ништо“. Поимот нихилизам се појавил на неколку места во Европа во текот на 18 век,[7] особено во германскиот облик Nihilismus,[18] иако исто така бил во употреба во текот на средниот век за означување на одредени облици на ерес.[1] Самиот концепт најпрво бил образуван во руската и германската филозофија, кои соодветно ги претставувале двете главни текови на дискурсот за нихилизмот пред 20 век.[18] Поимот најверојатно влегол во англискиот или од германскиот Nihilismus, доцнолатинскиот nihilismus, или францускиот nihilisme.[19]
Раните примери за употреба на поимот се наоѓаат во германски публикации. Во 1733 година, германскиот писател Фридрих Леберехт Гец го користел како книжевен поим во комбинација со ноизам (германски: Neinismus).[20] Во периодот околу Француската револуција, поимот исто така бил пејоратив за одредени вредносно-деструктивни трендови на модерноста, имено негирање на христијанството и европската традиција воопшто.[7] Нихилизмот за прв пат влегол во филозофско проучување во рамките на дискурсот околу Кантовата и послекантовата филозофија, особено појавувајќи се во делата на швајцарскиот езотеричар Јакоб Херман Оберајт во 1787 година и германскиот филозоф Фридрих Хајнрих Јакоби во 1799 година.[21] Веќе во 1824 година, поимот почнал да добива социјална конотација со германскиот новинар Јозеф фон Герес кој го припишува на негација на постоечките општествени и политички установи.[22] Руската облик на зборот, нигилизм, влегол во публикација во 1829 година кога Николај Надеждин го употребил како синоним за скептицизам. Во руското новинарство зборот продолжил да има значајни социјални конотации.[1]
Од времето на Јакоби, поимот речиси целосно испаднал од употреба низ цела Европа додека не бил оживеан од рускиот автор Иван Тургењев, кој го внесол зборот во популарна употреба со неговиот роман од 1862 година „Татковци и синови“, наведувајќи многу изучувачи да веруваат дека тој го измислил поимот.[23] Нихилистичките ликови од романот се дефинираат себеси како оние кои „негираат сешто“, кои „не земаат никаков принцип на верата, без оглед на почитувањето во тој принцип“, и кои сметаат дека „во сегашно време, негацијата е најкорисна од сите".[24] И покрај антинихилистичкото движење на Тургењев, многу од неговите читатели исто така го презеле името нихилист, со што му го припишале името на руското нихилистичко движење.[25] Враќајќи се на германската филозофија, нихилизмот бил дополнително дискутиран од германскиот филозоф Фридрих Ниче, кој го користел поимот за да го опише распаѓањето на традиционалниот морал во Западниот свет.[1] За Ниче, нихилизмот се однесувал и на современите трендови на уништување на вредностите изразени во „смртта на Бога“, како и на она што тој го гледал како моралот на христијанството што го негира животот.[26][27] Под длабокото влијание на Ниче, поимот потоа бил дополнително третиран во рамките на француската филозофија и континенталната филозофија пошироко, додека влијанието на нихилизмот во Русија веројатно продолжил и во советско време.[28]
Верските изучувачи како Алтизер изјавиле дека нихилизмот мора нужно да се разбере во однос на религијата и дека проучувањето на основните елементи на неговиот карактер бара фундаментално теолошко разгледување.[29]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.