Мирче Ацев
From Wikipedia, the free encyclopedia
Мирче Ацев (Ореовец, 20 октомври 1915 [1] – Скопје 4 јануари 1943 ) — македонски комунист, антифашист, учесник во НОВ. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година,[2] како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов - Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски - Карпош и Кузман Јосифовски - Питу).
Мирче Ацев | |
---|---|
Роден(а) | 20 октомври 1915
Ореовец (Прилепско) |
Починал(а) | 4 јануари 1943
Скопје, Окупирана Македонија, Царство Бугарија |
Занимање | студент по право, народен херој 29 јули 1945 |
Организација | НОБ, КПЈ (1939) |
Мирче Ацев е израснат во револуционерно семејство и неговите предци во неколку генерации дале борци за националното ослободување на македонскиот народ.[3] Името го добил по стрико му Мирче Ацев, војвода од времето на османлиското владеење во Македонија. Неговата сестра Вера Ацева исто така учествувала во НОВ и била прогласена за народен херој.[4]