From Wikipedia, the free encyclopedia
Леон Батиста Алберти[а] (италијански: Leone Battista Alberti; 18 февруари[б] 1404, Џенова - 25 април[в] 1472, Фиренца) — италијански архитект, хуманист и поет, кој се смета за значаен претставник на ренесансната архитектура и водечки ренесансен теоретичар воопшто.
Леон Батиста Алберти | |
---|---|
Националност | Италијанец |
Познат(а) по | архитектура, сликарство, вајарство, книжевност, криптографија |
Правец | рана ренесанса |
Алберти бил првиот којшто поврзано ги вовел математичките основи за изучување на перспективата. Исто така придонел многу во развојот на криптографијата, развивајќи ја идејата за шифри со повеќе букви.
Животот на Алберти е опишан во делото „Животите на најизвонредните сликари, вајари и архитекти“ од Џорџо Вазари.
Леон Батиста Алберти се родил во Џенова и бил еден од двата вонбрачни сина на Лоренцо Алберти, богат трговец од Фиренца. Неговата мајка, Бјанка Фјески, била од Болоња и како и други семејства во време на голема епидемија била прогонета од својот дом под раководство од Албисалс. Тогаш, неговото семејство се преместило во Венеција, каде Лоренцо се оженил во 1408 година. Неговата забрана за семејството била подигната во 1428 година, кога Леон за првпат отпатувал во Фиренца. Уште како млад пројавил интерес кон барањето на теоретски и практични правила и норми, на кои треба да се заснова и најмалиот архитектурен детаљ.
Алберти се здобил со огромно образование, па започнал да наликува на италијански благородник. Од околу 1414 до 1418 година тој ги проучувал светските класичари во познатото училиште на Гаспарино Барзица во Падова. Подоцна се запишал на факултетот по правни науки во Болоња по правни науки, кој го завршил во 1928 годна. Според некои извори, во својата младост можел да прескокне преку човечка глава со двете нозе заедно, бил одличен јавач, а се посочува и дека:
„изучувал музика без учител, а неговите композиции ги воодушевувале професионалните критичари.“[1]
По смртта на неговиот татко, за него се грижеле неговите чичковци. Во своите дваесетти го напишал делото За предностите и недостатоците на буквите, кое му го посветил на братот, Карло, кој исто така бил учител и писател. Како и Франческо Петрарка, кој ги изучувал римските поети, Алберти ја сакал класиката, но читајќи ги по неколкупати класичните книжевни дела. Во делото Филодоксиј навел дека:
„оној којшто е посветен на изучувањето и напорната работа, може да достигне слава, исто како и оној којшто е богат или среќен.“
Во тој период ги напишал и делата: Амадор (околу 1429), Екатонфилеа (околу 1429) и Делфина (околу 1429-1434), чиишто содржини се исполнети со љубов и доблест.
Својата докторска кариера Алберти ја завршил во 1428 година. Во 1430 година, заминал во Рим, каде работел како надзорник во папската курија. Извршл препис на традиционалните латински биографии за светците и мачениците. Бидејќи извршувал свети свештенички наредби, се верувало дека раководи со манастирот Сан Мартино а Гангаланди во Ластра а Сигна. Во 1448 година, бил назначен за епарх на епархијата Сан Лоренцо во Муџело.
Во 1450 година, на Алберти му била дадена порачка чија задача се состоела во трансформирање на црквата Свети Франческо во Римини во споменик на местниот воен началник. Црквата, која е позната како Темпио Малатестијано изобилува со класичен триумфален свод, но нејзината фасада никогаш не била целосно довршена. Како и Темпио Малатестијано, фасадата на црквата Санта Марија Новела во Фиренца претставува обележје во периодот на создавањето на ренесансната архитектура. Единствените градби, на кои работел целосно сам биле црквите Сан Себастијан и Санта Андреа во Мантова. Црквата Санта Андреа била довршена во 18. век, а нејзиниот триумфален свод бил поголем, дури и од оној на Темпио Малатестијано.
Алберти изработил планови за изградба на неколку градби за семејството Ручелај, како фасадата на Палацо Ручелај, за што бил ангажиран Бернандо Роселино, фасадата на црквата Санта Марија Новела, мермерниот ковчек на светата гробница и веројатно капелата Ручелај.
Алберти ги проучувал остатоците од градбите од класичната архитектура. Додека престојувал во Рим, бил ангажиран од страна на папата Никола V во обновата на папската палата и римскиот аквадукт „Аква Вергине“, на чиешто место денес се наоѓа барокната Фонтана ди Треви. Во Мантова, работел на изградбата на црквите Сан Себастијан и Санта Андреа, додека во Римини на црквата Сан Франческо.
Некои студии посочуваат дека можеби планот за изградбата на Вила Медичи ди Фриесоле е на Алберти, а не на Микелоцо, со што станала пример за ренесансна вила.[2] Вилата, чијашто изградба ја нарачал Џовани Медичи, го задоволува критериумот на Алберти да биде оддалечена од градот, сместена на рид од кој има поглед кон градот (villa suburbana).
Алберти е автор и на влијателната книга за архитектурата, De Re Aedificatoria, напишана на латински јазик, којашто на италијански, француски, шпански и англиски била преведена дури во 18. век.
Во сликарството, Алберти е познат како автор на неколку влијателни дела. Неговата најпозната расправа, De pictura (1435), го содржи првото научно проучување на перспективата. Преводот на делото на италијански бил завршен во 1436 година, само една година по објавата на оригиналното дело, со обраќање кон Филипо Брунелески во предговорот. Латинското издание било посветено на мецената на Алберти, Џанфранческо Гонцага. Автор е и на делото De Statua, кое се однесува за вајарството.
Своите расправи ги пишувал со цел да го прикаже почетокот на новата хуманистичка теорија на уметноста. Со тоа станал привлечен за некои раноренесансни уметници, како Брунелески и Мазачо, сакајќи да обезбеди практичен прирачник за ренесансниот уметник.
Алберти бил и познат криптограф, кој ја открил шифрата составена од повеќе букви, којашто денес е позната како Албертиева шифра. Шифрата со повеќе букви се смета за најголемо достигнување во криптографијата од времето на Јулиј Цезар. Криптографскиот историчар, Давид Кан го нарекол Алберти, „татко на западната криптографија“, посочувајќи три значајни достигнувања на Алберти:
„најраниот западен пример на криптоанализа, откривањето на замената на повеќе букви и откривањето на шифрираниот код.“[3]
Особен интерес, Алберти имал и во цртањето и создавањето на географски карти, па соаботувал со астрономот, астролог и картограф, Паоло Тосканели.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.