Ирски јазик
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ирски јазик (Gaeilge, мктр. гелѓе) — матичен јазик на Ирска од гојделската група на келтски јазици во индоевропското семејство. Како мајчин јазик го говори сам мал дел од населението, но истиот е многу позастапен како втор јазик. Јазикот ужива уставен статус како национален прв службен јазик на Република Ирска. Ужива и статус на службен јазик на ЕУ и законски признат како малцински јазик во Северна Ирска.
Ирски | |
---|---|
Gaeilge | |
Изговор | ˈɡeːlʲɟə |
Застапен во | Ирска |
Подрачје | Гелтахт |
Говорници | околу 133.000 во Ирска и помал број во странство (2011)[1] како втор јазик:
|
Јазично семејство | |
Претходни облици: | примитивен ирски
|
Писмо | ирска азбука (латинична) |
Статус | |
Службен во | Ирска Европска Унија |
Признаен како малцински во | Обединето Кралство (Северна Ирска) |
Регулативен орган | Совет за ирски јазик (Foras na Gaeilge) |
Јазични кодови | |
ISO 639-1 | ga |
ISO 639-2 | gle |
ISO 639-3 | gle |
Linguasphere | 50-AAA |
Говорници на ирскиот јазик во Република Ирска и Северна Ирска во 2011 г. |
Ова бил единствен (или главен) јазик на ирскиот народ во најголемиот дел од негова историја, ширејќи се со преселбите и во други земји како Шкотска и на островот Ман, каде постепено се претвориле во шкотски гелски и мански јазик.[4][5][6] Ирскиот ја има најстарата книжевност на народен јазик во цела Западна Европа.[7]
Понатамошната судбина на јазикот претежно се должи на зголемувањето на влијанието на англиската држава. Опаѓањето почнало во XVII век, а го доживеало својот врв во подоцнежниот дел од XIX век, со драстичното намалување на бројот на говорници предизвикано од Големиот глад (1845–1852), кога населението на Ирска се намалило за 20-25% поради смрт или иселување. Најпогодени биле подрачјата каде ирскиот бил најзастапен. На крајот од британското владеење со земјата, јазикот го говореле помалку од 15% од населението на Ирска.[8] Од тогаш наваму, ирскиот јазик е малцински, дури и во местата во ирскојазичното подрачје Гелтахт (Gaeltacht). Направени се доста усилби од државата, поединци и организации за зачувување, обнова и унапредување на јазикот, но со мешани резултати.
На почетокот на XXI век ирскиот бил мајчин јазик на 20.000 до 80.000 луѓе.[9][10][11] На пописот од 2006 г. во Република Ирска, 85.000 испитаници рекле дека секојдневно го користат ирскиот вон образовниот систем, а 1,2 милиони рекле дека го користат барем повремено во училиштата или вон нив.[12] На пописот од 2011 г. овие бројки се искачиле на 94.000 односно 1,3 милиони.[13] Во Северна Ирска има неколку илјади говорници. Се проценува дека активните говорници сочинуваат 5 до 10 отсто од населението на Ирска.[14]
Изминатите некоклу децении бележат значаен пораст во бројот на говорници на ирскиот јазик во градски средини, особено во Даблин. Ова се должи на зголемувањето на бројот на училиштата каде наставата се одвива на ирски јазик[15]
Има повеќе говорници на ирскиот јазик и во странство, особено во САД и Канада.[16][17]