Имхотеп
From Wikipedia, the free encyclopedia
Имхотеп (египетски: ii-m-ḥtp *jā-im-ḥatāp, „дојдениот во мир“) бил староегипетски полихистор,[1] кој служел за време на III династија како канцелар на фараонот Џосер и како свештеник на сончевиот бог Ра во Хелиополис и се смета за првиот архитект и лекар во историјата кој се знае по име.[2] Полната список на неговите титули е:
Имхотеп во хиероглифи | ||||
Канцелар на Кралот на Долен Египет, Прв по Кралот на Горен Египет, Управник на Великата Палата, Наследен благородник, Висок свештеник на Хелиополис, Градител, Главен столар, Главен вајар и Главен изработувач на вазни.
Имхотеп е единствениот смртник прикажан на подложниот камен на кралевата статуа и еден од малкуте обични граѓани воздигнати до божество по смртта. Центар на неговиот култ бил Мемфис. Од Првиот преоден период па натаму, Имхотеп бил длабоко почитуван и како поет и филозоф. За неговите изреки се зборувало во песните:
Ги имам чуено зборовите на Имхотеп и Хордедеф со чии расправи луѓето толку зборуваат. [3]
Местоположбата на гробницата на Имхотеп се заборавила уште во антиката [4] и ден денес не се знае каде е, и покрај сите напори за нејзино наоѓање. По општа согласност се смета дека е некаде во Сахара.
За него знаеме најмногу од преданија и претпоставки. Египќаните му припишувале многу изуми. Како државник на фараонот Џосер тој веројатно ја конструирал Џосеровата пирамида (Скалестата пирамида) во Сакара околу 2630-2611 п.н.е. [3] Се мисли дека е првиот кој употребил столбови во архитектурата. Се смета и за изумител на папирусната ролна.
Имхотеп е основачот на египетската медицина и автор на медицински трактат кој е значаен по тоа што во себе не содржи никакви магии. Ова дело се нарекува Едвин Смитов папирус и во него подробно се зборува за анатомски набљудувања, заболувања и лекови. Денес зачуваниот папирус е напишан некаде околу 1700 п.н.е., но може да е препишан примерок од 1000 години постаро дело. Меѓутоа и прокрај ова, авторството на делото е предмет на спорови.[5].
Се сметало дека татко му бил богот Птах, додека мајка му била смртничка по име Хреду-анк.