From Wikipedia, the free encyclopedia
Ернест Теодор Амадеус Хофман (24 јануари 1776 - 26 јуни 1882 ) — германски писател, композитор, цртач, судија и професор по музика. Во своите фантастични раскази, тој го сликал животот на соништата, хипнозата, телепатијата и стравот. Неговите дела влијаеле врз многу писатели, како што се: Балзак, Едгар Алан По, Франц Кафка и други.
Хофман е роден во Кенингсберг, во Источна Прусија, како син на судски службеник. Неговите родители се развеле, кога тој бил на возраст од само три години.[1] На крштевката, Хофман ги добил имињата Ернст Теодор Вилхелм, но подоцна, како голем љубител на музиката, тој самиот го заменил името Вилхелм со Амадеус во знак на почит кон Волфганг Амадеус Моцарт. По завршените студии по право, Хофман работел како судски службеник во Полска (Познањ, Плоцк и Варшава), во областите што тогаш биле под власт на Прусија. Растргнат меѓу службеничката и уметничката кариера, Хофман водел двоен живот: дење, водел обичен, прозаичен, па дури и малограѓански живот како совесен и вреден службеник и татко на семејството; ноќе, во кафеаните каде што се собирале уметниците, со своето луле и со чаша вино, тој водел бесконечни дискусии за уметноста.[2] По победата на Наполеон над Прусите, во 1807 година, Хофман бил отпуштен од службата, а од 1806 до 1813 година живеел како наставник по музика, како музички директор на театар и како капелник во Бамберг, во Дрезден и во Лајпциг. По поразот на Наполеон, тој повторно се вратил во државната служба и од 1814 година па до смртта живеел во Берлин, каде работел како правен советник.[1]
Хофман почнал да пишува книжевни дела дури на возраст од 32 години. Неговиот прв расказ, „Благородникот Глук“ (напишан во 1808, а објавен во 1809 година), не само што има тема од областа на музиката, туку бил објавен во едно музичко списание. Со овој расказ, Хофман се појавил како основач на фантастичниот расказ како книжевен поджанр. Всушност, преку внесување на реалноста во натприродното, тој го одделил фантастичниот расказ од авторската сказна којашто веќе била омилен жанр во германскиот романтизам. По успехот на ова дело, Хофман ја напуштил музиката и се префрлил во книжевноста создавајќи голем број куси и долги раскази во следните 12 години. Негов издавач станал трговецот со вино Карл Фридрих Кунц, кој често му плаќал со бочви вино наместо со пари. Првата книга раскази на Хофман е „Фантазии во стилот на Кало“, инспирирана од делата на францускиот графичар Жак Кало. Потоа, тој ја објавил збирката „Ноќни случки“, а по неа „Серапионови браќа“ во која шестмина луѓе се собираат и раскажуваат приказни. Покрај раскази, Хофман објавил и неколку романи, од кои најуспешен е „Ѓаволските еликсири“, напишан под влијание на англискиот „готски“ роман. Други поважни негови романи се „Мачорот Мур“ и „Принцезата Брамбила“ со поднаслов „Капричо во стилот на Кало“.[3] Од сите претставници на германскиот романтизам, Хофман извршил најголемо влијание врз развојот на книжевноста во Европа во 19 век. Неговото влијание особено било големо во Франција, каде неговите дела била повеќе читани и ценети отколку во Германија, но исто така, тој бил многу влијателен и во Русија и во Скандинавија. Уште повеќе, тој ја определил идната насока во развојот на фантастичниот расказ.[4]
Денес, Хофман е најпознат по своите фантастични раскази. Уште со својот прв расказ „Благородникот Глук“, тој се јавил како основач на фантастичниот расказ. Дејството на расказот се одвива во Берлин, во почетокот на 19 век. Во таа потполно реална средина се случува нешто невозможно - се појавува германскиот композитор Христоф Вилибалд Глук кој починал во 1787 година, т.е. 22 години пред објавувањето на расказот. На тој начин, за првпат, Хофман фантастиката ја поврзува не со измислени суштества, туку со обични луѓе во секојдневна средина и опишува настани што не можат да се објаснат со логиката и со рационалниот пристап. Во својата прва збирка „Фантазии во стилот на Кало“, детаљите од реалниот свет Хофман ги доведува до апсурдот, гротеската, бизарното.[5]
Сите раскази на Хофман не се чисто фантастични, туку некои од нив се допираат со гротеската и со сатирата. Тоа го забележал уште Теофил Готје, кој напишал дека „волшебното кај Хофман не е волшебното од сказните; тој е секогаш со едната нога во реалниот свет...“ Така, во неговите раскази секогаш е прикажано германското општество од 19 век, и тоа иронично и доведено речиси до карикатура. Во расказите на Хофман доминираат неколку поврзани теми: трагичната љубов, лудилото, сонот, музиката и двојството. Љубовта е постојано присутна во неговите раскази, но таа секогаш е неостварена и остава голема празнина во ликовите од расказите. Темата на лудилото произлегува од интересот на германските романтичари за темната страна на човечката психа. Хофман често се интересирал за менталните нарушувања кај своите пријатели-лекари и така стекнал голема дарба за опишување на бројните нијанси на човековото однесување. За ликовите од неговите раскази, лудилото често претставува излез од судирот меѓу идеалите и стварноста и обид да навлезат во поинаква стварност. Сонот, халуцинациите и мешањето со стварноста се присутни во голем број раскази на Хофман. Музиката како тема е често поврзана со трагичната љубов и на таа им носи среќа на ликовите, но понекогаш ги води во лудило или во смрт. Хофман ја третира музиката како највисока форма на уметноста, суспститут на највисоката духовност и највисокиот врв на стремежот кон отадешното. Конечно, темата на двојството се остварува низ присуството на кукли, маски, автомати и статуи, кои се јавуваат како двојници на човековиот облик. Според некои толкувачи на творештвото на Хофман, овие имитации на човечката фигура се симбол на стегите со кои човекот е окован во општетвото. Оттука, во целото творештво на Хофман се провлекува потребата од верување во ирационалното, во невидливата страна на човекот и на светот и во тајните сили на природата.[6]
Покрај големиот број ракази, Хофман е автор и на неколку романи од кои најуспешен и најпознат е „Ѓаволските еликсири“. Романот е напишан под влијание на англиските „готски“ романи и во него Хофман ја обработува темата на двојството. Имено, калуѓерот Медардо открива во визбата на манастирот шишиња со старо вино кое, според старите преданија, содржи ѓаволски еликсир. Тој не може да издржи и пие од виното, по што запаѓа во низа неволји. Него постојано го следи злосторникот Викторино, кој многу личи на Медардо. Поради таа сличност, сите злосторства што ги прави Викторино му ги припишуваат на Медардо, кој никако не може да се ослободи од таквата судбина. За овој роман, Хофман рекол: „Во него постои стремеж да се покажат... таинствените врски на човечкиот дух со сите оние повисоки правила што се скриени во целата природа и кои само понекогаш ќе блеснат, а тој блесок тогаш го нарекуваме случај.“[7]
Кон крајот на животот, Хофман го напишал романот „Мачорот Мур“, но тој останал недовршен. Во него, авторот применил иновативна техника на испреплетување на две дејствија: „Дневникот на учениот мачор Мур, философ и поет“ и „Животот на диригентот Јохан Крајслер“. Притоа, двата тека се необично измешани: авторот постојано ја прекинува историјата на мачорот и внесува фрагменти од биографијата на Крајслер. Во романот, авторот се претставува како посредник меѓу пронаоѓачот на ракописот и издавачот. Притоа, тој го објаснува мешањето на двете приказни на следниов начин: додека пишувал, мачорот Мур бил нестрплив и не можел да чека да се исуши мастилото, па така меѓу напишаните страници вметнувал листови од една книга за доживувањата на диригентот Крајслер. По грешка, тие листови останале во ракописот и издавачот ги отпечатил како дел од книгата. На тој начин, Хофман се претставил како исклучително модерен писател кој бил пред своето време, зашто намерно ја напуштил класичната постапка на раскажување и на романот му дал динамичка структура, полна со изненадувања за читателот. Во тој поглед, романот се одликува со многу сложена фабула, полна со епизоди на преправања и маскирања, со што Хофман уште еднаш ја допира темата на двојството.[8]
Кон неговите романи може да се вброи и долгата проза „Принцезата Брамбила“ со поднаслов „Капричо во стилот на Кало“. Дејството се случува за време на карневалот во Рим и зборува за двајца обични луѓе - шивачката Џачинта и пропаднатиот артист Џиљо Фава. Двајцата си создаваат свој свет на илузии со цел да ја замени бедата на нивната реалност, но во еден миг тие навистина влегуваат во измислениот свет.[9]
Од повеќето големи писатели, Хофман се разликува по тоа што впечатокот што го оставаат некои негови поединечни дела не е во согласност со впечатокот што го остава целокупното негово творештво. Во неговите дела, често ликовите се доближуваат до карикатурата, а и нивните страсти често се прикажани во карикирана форма, но сепак, тие делуваат многу уверливо и полни се со интензитет. По правило, страстите од кои страдаат неговите ликови имаат во себе нешто патолошко и често тие не се воздржуваат да извршат некое злосторство. Во тој поглед, многу од неговите дела, според тематиката и структурата, се блиски до денешните детективски раскази. Токму елементите на чудовишното, таинственото и злосторничкото без сомнение придонеле за големата популарност на делата на Хофман, кои продолжиле да го привлекуваат вниманието на публиката дури и речиси два века по неговата смрт. Тоа се должи на фактот што привлечноста на Хофмановите дела не се исцрпува само во нивниот криминолошки тип, туку тие имаат антрополошко и психолошко значење. Исто така, наспроти богатите фантастични елементи присутни во неговите дела, нивната основа е сосема реалистична и тоа има дава трагична боја и уверливост. По правило, дејството во неговите дела е прецизно определено, како просторно така и временски, а тој ги опишува настаните и местата веродостојно и пластично, одејќи до најситните детаљи. Со тоа, неговата книжевна постапка остро се разликува од типичните романтичарски дела кои се случуваат во неопределените предели на фантазијата. Во основата на неговата поетика лежи принципот дека писателот треба да има „око кое навистина гледа“, т.е. да ги забележува лицата, предметите и постапките од секојдневниот живот и цврсто да ги фиксира. исто така, тој има исклучителен осет за композицијата и за распределба на масата, така што одделните пасуси не одземаат ништо од убавината на делата и не го попречуваат развојот на основната тема. Најпосле, важна негова одлика е тоа што дури и ирационалните појави ги опишува со рационални, трезвени реченици, со логичен стил кој понекогаш наликува на судските акти и записници.[10]
Сепак, Хофмановото дело не е одраз само на моментите од неговиот личен живот (човек без вистинска татковина, без вистинска професија, со слаба волја, со наклонетост кон пиењето и болен), туку тоа е одраз и на историските околности во кои живеел тој. Оттука, на индиректен начин, во делата на Хофман е прикажан расчекорот меѓу историскиот императив и стварните германски прилики на почетокот на 19 век. Навистина, тој не го направил тоа експлицитно и остро, туку премолчено, во завиткана форма и малку искривено, т.е. на типично германски начин. Притоа, тој не го прикажал процесот на умирање на благородништвото во стилот на германските романтичари од кои бил неколку години помлад. Навистина, со нив го врзувал интересот за окултните и парапсихолошките појави, за соновите и бајките, но сепак, по повеќето свои одлики, тој не му припаѓа на романтизмот, туку е носител на поинакви ставови. Така, тој е еден од првите германски писатели кои почнале да ги зафаќаат меѓучовечките односи, како и душевните реакции на човекот од 19 век, истакнувајќи се како еден од творците на германската општествена новела. Преку воочувањето на отуѓувањето на човекот, подвоеноста на личноста, проблемот на несфатениот уметник во општеството итн., Хофман ги допрел централните теми на европскиот реализам. Во тој поглед, иако Гете го потценувал како претставник на „болниот романтизам“, набљудувано од историска перспектива, јасно е дека Хофман се оддалечил од романтизмот, зашто неговата книжевна постапка во голема мера е реалистична, а во неговите дела нема религиозна мистика, ниту глорификација на средновековието.[11]
Во 2002 година, издавачката куќа „Македонска книга 2002“ ја објавила збирката „Фантастични раскази“ што содржи осум раскази на Хофман. Преводот од германски јазик го направила Зорица Симовска.[12]
Пред да ѝ се посвети на книжевноста, Хофман бил голем љубител на музиката. Врз неговото музичко творештво најголемо влијание извршиле Моцарт и раниот Бетовен. Притоа, Хофман работел како композитор, диригент, режисер на опери и приватен учител по музика. Иако не бил оригинален композитор, Хофман создал неколку музички дела, а некои од нив сè уште се изведуваат. На пример, тој ја компонирал операта „Ундина“ според познатиот расказ на Фридрих де Ла Мот-Фуке, но партитурата е загубена.[13]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.