From Wikipedia, the free encyclopedia
Војна во Приднестровие (романски: Războiul din Transnistria; руски: Война в Приднестровье) — вооружен конфликт што избувнал на 2 ноември 1990 година во Дубасари (руски: Дубосса́ры, Dubossary) помеѓу про-Приднестровските (ПМР) сили, вклучувајќи ги републиканската гарда на Приднестровие, милицијата и нео-козачки единици (кои биле поддржани од елементи на руската 14-та армија) и промолдавските сили, вклучително и молдавските трупи и полиција.
Војна во Приднестровие | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Распад на Советскиот Сојуз | |||||||
Територијална контрола во регионот на Приднестровие по војната |
|||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Молдавија
Романски волонтери
Поддржани од: | Приднестровие | ||||||
Команданти и водачи | |||||||
Мирча Снегур Валери Муравски | Игор Смирнов Владимир Рилјаков |
||||||
Вклучени единици | |||||||
Армија на Молдавија Министерство за внатрешни работи на Молдавија
| Армија на Приднестровие
Министерство за внатрешни работи на Приднестровие
Армија на Русија Руски волонтери Украински волонтери |
||||||
Сила | |||||||
25.000 - 35.000 | 35.000 - 40.000 | ||||||
Жртви и загуби | |||||||
279–324 убиени[9][10] 1.180 повредени | 364–913 убиени 624 повредени[11] |
||||||
316–637 вкупно загинати цивили[12] |
Борбите се интензивирале на 1 март 1992 година, а наизменично со ад хок прекини на огнот, траеле во текот на пролетта и почетокот на летото 1992 година сè додека не бил прогласен прекин на огнот на 21 јули 1992 година, кој се одржал. Конфликтот понекогаш е познат како Молдо-руска војна (романски: Războiul moldo-rus) во Молдавија и Романија.[13]
Пред советската окупација на Бесарабија и Северна Буковина и создавањето на Молдавската ССР во 1940 година, Бесарабскиот дел на Молдавија, односно делот што се наоѓа западно од реката Днестар (Нистру), бил дел од Романија (1918–1940). Пактот Молотов-Рибентроп помеѓу Советскиот Сојуз и Нацистичка Германија, кој довел до настаните од 1940 година, подоцна бил осудуван од денешна Молдавија, која го прогласила за „ништовен и неважечки“ во својата Декларација за независност во 1991 година. Меѓутоа, по распадот на Советскиот Сојуз, територијалните промени кои произлегле од него останале на место.
Пред создавањето на Молдавската ССР, денешната територија на Приднестровие била дел од Украинската ССР, како автономна република наречена Молдавска Автономна Советска Социјалистичка Република, со Тираспол како главен град (1924–1940). Приднестровие претставува нешто повеќе од една десетина од територијата на Молдавија.
Дел од темата Молдавија |
Античка историја |
---|
Рана историја |
Среден век |
Романци |
Модерна Молдавија |
Бесарабија |
Портал:Молдавија |
Во текот на последните години од 1980-тите, политичкиот пејзаж на Советскиот Сојуз се менувал поради политиката на перестројка и гласност на Михаил Горбачов, што дозволил политички плурализам на регионално (републиканско) ниво. Во Молдавската ССР, како и во многу други делови на Советскиот Сојуз, националните движења станале водечка политичка сила.[14] Бидејќи овие движења покажувале сè понационалистички чувства и изразиле намера да го напуштат СССР во корист на обединување со Романија, тие наишле на растечко противење од етничките малцинства во републиката, кои главно зборувале руски јазик.[15] Ова противење на новите трендови и потенцијалните идни политики се манифестирало на повидлив начин во Приднестровие, каде што, за разлика од остатокот од МССР, етничките Молдавци (39,9%) биле надбројани од комбинираната бројка на Руси и Украинци (53,8%), според пописот од 1989 година во Приднестровие, главно поради зголемената имиграција за време на советската ера.
Додека некои веруваат дека комбинацијата на различна историја (особено 1918-1940) и стравот од дискриминација од страна на Молдавците, предизвикале сепаратистички чувства, други веруваат дека само етничките тензии не ја објаснуваат динамиката на конфликтот. Според Џон Мекинлеј и Питер Крос, кои спровеле студија заснована на извештаи за жртвите од конфликтот, значителен број од Приднестровците и Молдавците се бореле заедно на двете страни од конфликтот. Тие сугерираат дека конфликтот бил повеќе политички по природа.[16]
На 31 август 1989 година, Врховниот совет на Молдавската ССР донел два закони. Еден од нив го издигнал молдавскиот јазик за официјален јазик, наместо рускиот, де факто официјален јазик на Советскиот Сојуз. Во него се споменува и лингвистички молдоромански идентитет. Вториот закон предвидувал враќање на латинската азбука. Молдавскиот јазик е термин што се користел во поранешниот Советски Сојуз за практично идентичен дијалект на романскиот јазик во текот на 1940-1989 година. На 27 април 1990 година, Врховниот совет на Молдавската ССР го усвоила традиционалното тробојно (сино, жолто и црвено) знаме со молдавскиот грб, а подоцна во 1991 година ја променила државната химна во Deșteaptă-te, române!, државна химна на Романија од 1990 година. Подоцна во 1990 година, зборовите Советски и Социјалистички биле отфрлени и името на државата било сменето во „Република Молдавија“.
Овие настани, како и крајот на режимот на Чаушеску во соседна Романија во декември 1989 година и делумното отворање на границата меѓу Романија и Молдавија на 6 мај 1990 година, навеле многумина во Приднестровие и Молдавија да веруваат дека унијата меѓу Молдавија и Романија е неизбежна. Оваа можност предизвикала страв кај рускојазичното население дека би било исклучено од повеќето аспекти на јавниот живот. Од септември 1989 година, во регионот имсло силни протести против етничките политики на централната власт. Протестите прераснале во формирање на сецесионистички движења во Гагаузија и Приднестровие, кои првично барале автономија во рамките на Молдавската ССР, со цел да ги задржат рускиот и гагаускиот како официјални јазици. Бидејќи молдавскиот Врховен совет, во кој доминирале националистите, ги забранил овие иницијативи, Република Гагауз и Приднестровие прогласиле независност од Молдавија и ја објавиле својата апликација за повторно приклучување на Советскиот Сојуз како независни федерални републики.[15]
Јазичните закони претставувале особено нестабилно прашање бидејќи голем дел од немолдавското население на Молдавската ССР не зборувало молдавски (романски) јазик. Проблемот со официјалниот јазик во МССР станал Гордиев јазол, кој бил преувеличен и можеби, намерно политизиран. Некои ги опишале законите за јазиците како „дискриминаторски“ и ја критикувале нивната брза имплементација. Други, напротив, се пожалиле дека законите не се почитувале.
На 2 септември 1990 година, била прогласена Приднестровската Молдавска Советска Социјалистичка Република. На 22 декември 1990 година, претседателот Горбачов потпишал декрет со кој се прогласиле неважечки одлуките на Вториот конгрес на пратениците на Приднестровие од 2 септември. Молдавските власти два месеца се воздржувале од преземање мерки против оваа прокламација. Приднестровие станала една од „непризнаените републики“ што се појавиле низ целиот СССР, заедно со Абхазија, Јужна Осетија и Нагорно-Карабах. Овие самопрогласени држави одржувале блиски врски меѓу себе.
Еден од првите судири меѓу молдавската влада и сепаратистите се случил на 2 ноември 1990 година во Дубасари. Мештаните упаднале во Судот и Обвинителството и таму останале неколку часа. Потоа бил испратен полициски одред за да се расчисти блокадата поставена од жителите на градот на мостот на реката Днестар, што практично го отсекол градот од централната влада. Откако биле спречени да ја расчистат блокадата, полицајците отвориле оган, при што тројца жители на Дубасари биле убиени, а 13 биле ранети, што резултирало со првите жртви во конфликтот.[17]
По неуспехот на Августовскиот државен удар во СССР во 1991 година, на 27 август 1991 година, молдавскиот парламент ја усвоил Декларацијата за независност на Република Молдавија. Во декларацијата се споменува Пактот Молотов-Рибентроп како „неважечки“ и се гледа на независноста на Молдавија како на чин на елиминирање на „политичките и правните последици од горенаведеното“, изјавувајќи дека формирањето на Молдавската ССР на териториите на Бесарабија, Северна Буковина, регионот Херца и Молдавската АССР биле направени во отсуство на „каква вистинска правна основа“.
Република Молдавија немала своја армија и првите обиди да се создаде се случиле на почетокот на 1992 година како одговор на ескалацијата на конфликтот. Новонезависниот молдавски парламент побарал од владата на СССР „да започне преговори со молдавската влада со цел да се стави крај на нелегалната окупација на Република Молдавија и да се повлечат советските трупи од територијата на Молдавија“.
На 29 август 1991 година, водачот на независноста на Приднестровие, Игор Смирнов и уште тројца пратеници пристигнале во Киев, главниот град на Украина, за да се сретнат со украинскиот лидер Леонид Кравчук. Смирнов и Андреј Чебан биле уапсени од молдавската полиција и веднаш пренесени во затвор во Молдавија. Во знак на протест, женскиот штрајкувачки комитет на чело со Галина Андреева ја блокирале железничката линија Москва-Кишинев на попатниот пункт помеѓу Бендер (Тигина) и Тираспол, додека мажите не биле ослободени.
До 1992 година, Молдавија имала војници под Министерството за внатрешни работи. На 17 март 1992 година, тие почнале да регрутираат војници за новосоздаденото Министерство за одбрана. До јули 1992 година, вкупната сила на молдавските војници се проценува на 25.000-35.000, вклучувајќи повикани полицајци, регрути, резервисти и доброволци, особено од молдавските локалитети во близина на зоната на конфликтот.[18]
Покрај советското оружје наследено по независноста, Молдавија добила и оружје од Романија. Романија, исто така, испратила воени советници и доброволци да и помогнат на Молдавија за време на конфликтот.
Во исто време, руската 14-та гардиска армија на територијата на Молдавија броела околу 14.000 професионални војници. Властите на ПМР имале 9.000 полицајци обучени и вооружени од офицери на 14-та армија. Голем број на волонтерите пристигнале од Руската Федерација: голем број Дон, Кубан, Оренбург, Сибир и локални Транснистриски Црноморски Козаци се приклучиле да се борат заедно со сепаратистите. Поради неправилниот состав на силите, спорна е јачината на трупите на ПМР, но се верува дека во текот на март таа броела околу 12.000.
Првите жртви во конфликтот се случиле на 2 ноември 1990 година, два месеци по прогласувањето независност на ПМР на 2 септември 1990 година. Молдавските сили влегле во Дубасари со цел да го поделат Приднестровие на две половини, но биле спречени од жителите на градот, кои го блокирале мостот над Днестар, кај Лунга. Во обид да ја пробијат блокадата, молдавските сили отвориле оган. Во текот на конфронтацијата, тројца локални жители на Дубасари биле убиени од молдавските сили, а шеснаесет лица биле ранети.[19]
Вториот молдавски обид да го премине мостот Лунга се случил на 13 декември 1991 година. Како резултат на борбите, 27 војници на ПМР биле заробени, а четворица молдавски војници биле убиени, без Молдавија да може да го помине мостот. По овој втор неуспешен обид, имало затишје во воената активност до 2 март 1992 година. Овој ден бил истиот ден кога Молдавија била примена како членка на Обединетите Нации, односно добила целосно меѓународно признавање на нејзината декларација за независност од 27 август 1991 година. По напредокот на паравоените сили на Приднесториве, Молдавија прогласила вонредна состојба на 29 март. Вооружениот конфликт кулминирал во мај и јуни во три области покрај реката Днестар, а се стабилизирал на 19-21 јуни по битката кај Бендер, каде интервенирала 14-та поранешна советска армија, поразувајки ја молдавската војска ставајќи крај на конфликтот.
Првата област на воена акција била на источниот брег на реката Днестар, од север кон југ, селата Моловата Нуа, Коциери (околу 6.000 жители), Корјова и градот Дубасари (околу 30.000 жители), заедно формирајќи населено подрачје 10-12 км покрај брегот. Единствената врска со западниот брег од трите села е или траект или два моста во Дубасари.
На 1 март 1992 година, Игор Шипченко, началникот на милицијата на ПМР во Дубасари, бил убиен од тинејџер, а молдавската полиција била обвинета за убиството. Овој инцидент, иако помал, бил доволна искра за да се разнесе и онака многу напнатата ситуација и да дојде до ескалација на конфликтот.
Како одговор, Козаците кои дошле од Ростов на Дон за да ја поддржат страната на ПМР, упаднале во полицискиот округ во Дубасари во текот на ноќта. Молдавскиот претседател Мирча Снегур, плашејќи се да не започне вооружен конфликт, им наредил на 26-те полицајци да се предадат на напаѓачите Козаци и силите на ПМР. Тие подоцна биле разменети за генерал-полковник Јаковлев.
На 2 март 1992 година, локалните жители од Кочиери, откако слушнале за ситуацијата во Дубасари, упаднале во малото локално складиште за оружје за да се вооружат против страната на Приднестровие. Загинале тројца локални жители, но воената единица од Коциери била поразена од Молдавците. Офицерите и нивните семејства биле принудени да го напуштат селото.[20] Повеќе полицајци биле превезени следните денови од западниот брег на Днестар. Тие организирале одбранбена линија околу трите села, додека силите на ПМР ја задржале контролата над Дубасари.
Сличен развој се случил на 13 март во селата Косниција, Пирита, Поребеа и Дороцаја. Во април, рускиот потпретседател Александар Руцкој го посетил Приднестровие и ја изразил целосната поддршка на Приднестровските сепаратисти од Советска Русија.
Во текот на јуни додека се одвивале преговори за прекин на огнот во областа Бендер, избувнала битката од целосен размер, откако редовните молдавски сили влегле во градот Бендер во обид да ја обноват власта на Молдавија во тој дел. Пријавено било дека оваа акција била одговор на застојот во полициската станица во Бендер на 19 јуни 1992 година. Попладнето истиот ден, молдавската полиција во Бендер го уапсила мајорот на 14-та армија Јермаков под сомнение дека планирал субверзија. По неговото апсење, чуварите на ПМР отвориле оган врз полициската станица. Молдавската влада им наредила на своите војници да влезат во градот следното утро. Следела урбана војна меѓу двете страни во густо населениот град, предизвикувајќи цивилни жртви.[21] Молдавското радио соопштило дека три советски руски тенкови Т-64 од 14-та армија, некои со руски знамиња, биле уништени при приближување кон центарот на Бендер, од кои два со противтенковски топови Т-12, а третиот од ракетна граната која му го запалила моторот. Четвртиот тенк бил онеспособен кога неговите траги биле погодени од ракетна граната. Портпаролите на руската армија изјавиле дека тенковите биле запленети од складиштата од сепаратистите. Руски извори објавиле „десетици мртви“ на улиците.[21]
Веста за хаосот во Бендер стигнал до Тираспол, на само 11 километри, додека молдавските трупи се приближувале до клучниот мост над Днестар. Во овој момент, со поддршка на тенковите, Приднестровската републиканска гарда и козачките доброволци побрзале да се спротивстават на молдавските сили. Рускиот потпретседател Руцкој во говор одржан на главниот канал на руската телевизија ги повикал сите руски сили во Тираспол да упаднат во Бендер. Во текот на следните денови, делови од градот Бендер, вклучително и центарот, биле повторно преземени од силите на ПМР.
На 22 јуни 1992 година, дејствувајќи по веста дека војниците од 14-та армија се подготвени да го преминат Днестар и да се движат длабоко кон Молдавија, молдавската војска наредила воздушен напад за да се уништи мостот помеѓу Бендер и Тираспол. Три авиони МиГ-29 полетале од Кишињев, два од нив вооружени со по шест бомби ОФАБ-250. Другиот авион бил МиГ-29УБ кој обезбедувал покривање. Не биле постигнати директни удари на наменетата цел, но мостот бил оштетен од експлозијата. Една од бомбите залутала и паднала врз цивилна резиденција, при што загинале голем број луѓе внатре. Извори од 14-та армија го објавиле вториот напад на МиГ-29 врз нафтена рафинерија во Тираспол следниот ден, во кој еден авион наводно бил соборен со ракета С-125 Нева/Печора, но овој напад бил демантиран од молдавските власти.
На 21 јули бил потпишан договор за прекин на огнот. Овој официјален документ чии широки линии ги утврдила руската страна, го потпишале претседателите на Русија (Борис Елцин) и на Молдавија (Мирча Снегур). Договорот предвидувал мировни сили задолжени за обезбедување и почитување на примирјето, составени од пет руски баталјони, три молдавски баталјони и два баталјони на ПМР под наредба на заедничка воена командна структура.
Се проценува дека вкупно речиси илјада луѓе загинале во конфликтот, а бројот на ранети се приближува до 3.000. За разлика од многу други постсоветски конфликти, внатрешно раселените лица не достигнале голем број во војната во Приднестровие.
Неколку дена по договореното примирје, воен судир меѓу локалната единица за самоодбрана и молдавската војска се случил во Гиска, село со етничко руско население во близина на Бендер. Убиени биле најмалку тројца селани. За време на борбата, цивилните згради биле оштетени или уништени од артилериски оган. Подоцнежните извештаи за прекршување на примирјето биле ставени под контрола без познати човечки загуби.
Улогата на руската 14-та армија во областа била клучна за исходот на војната. Позицијата на инфериорност на молдавската армија ја спречила да добие контрола над Приднестровие. Русија оттогаш ја распуштила 14-та армија и ја намалила јачината на војниците во Приднестровие на корпус од околу 1.300 војници.
Со огромната воена супериорност на ПМР, Молдавија имала мали шанси да постигне победа и борбите биле непопуларни кај скептичното молдавско население.
Според извештајот на Центарот за човекови права „Меморијал“, жителите на Бендер на 19 јуни 1992 година пријавиле како молдавски војници во оклопни возила намерно пукале по куќи, дворови и автомобили со тешки митралези. Следниот ден, молдавските војници наводно пукале во цивили кои се криеле во куќите, се обидувале да избегаат од градот или им помагале на ранетите чувари на ПМР. Други жители сведочеле дека истиот ден, невооружени мажи кои се собрале на плоштадот Бендер на барање на Извршниот комитет на ПМР, биле нападнати од молдавската војска со митралези.[22]
Од 21 до 22 јуни, двете страни се вклучиле во интензивни урбани улични борби, каде што користеле тенкови, артилерија и бомби. Офицери од двете страни признале дека овие акции довеле до зголемување на цивилните жртви. Во овој временски период, било пукано и по брзата помош, при што двете страни меѓусебно се обвинувале за нападите. Извори на ПМР изјавиле дека во Бендер загинал еден лекар, а неколкумина биле ранети, додека шест лица од брзата помош биле ранети во Каушани.[23]
Во молдавскиот град Кишинев, набљудувачи на Меморијалот на ХРЦ интервјуирале 12 воени заробеници од Приднестровие. Затвореници изјавиле дека првично биле приведени и испрашувани во Каушани од страна на молдавската полиција, додека подоцна биле жестоко тепани со палки и пушки и дека им се заканувале со стрелачки одреди. Имало извештаи и за заробени молдавски полицајци, војници и доброволци кои биле тепани и мачени од силите на ПМР.
Иако руската армија официјално завзела позиција на неутралност и неинволвирање, многу нејзини офицери биле сочувствителни кон новородената Приднестровска Молдавска Република (ПМР), а некои дури и пребегнале со цел отворено да и помогнат на страната на ПМР. Саперскиот баталјон РОГ Парчани, под наредба на генералот Буткевич, преминал на страната на ПМР. Овој баталјон подоцна ги уништил мостовите кај Дубасари, Гура Бикулуи-Бичок и Коснита. Молдавските сили употребиле авиони во селото Парчани (Паркани) и ја гранатирале тамошната станица, што значело ангажирање не само на ПМР, туку и на руските сили.
Во 1991 година, паравоените сили на ПМР извршиле упади во складиштата за снабдување на 14-та армија, присвојувајќи непозната, но голема количина на опрема. Со оглед на тоа што командантот на 14-та армија, генерал Јаковлев, отворено ја поддржувал новосоздадената ПМР, овие напади обично не добиле отпор од армиските стражари, кои никогаш не се соочиле со казна. Јаковлев на крајот учествувал во основањето на ПМР, служел во Врховниот совет на ПМР и ја прифатил позицијата како прв претседател на Одделот за одбрана на ПМР на 3 декември 1991 година, предизвикувајќи врховниот командант на вооружените сили на ЗНД, Евгениј Шапошников, навремено да го ослободи од чинот и службата во руската војска. Наследникот на Јаковлев, генералот Јуриј Неткачев, зазел понеутрален став во конфликтот. Сепак, неговите обиди за посредување меѓу Кишинев и Тираспол биле главно неуспешни и ситуацијата ескалирала до отворен воен конфликт до јуни 1992 година. На 23 јуни, во пресрет на координирана офанзива на молдавските сили, генерал-мајор Александар Лебед, пристигнал во штабот на 14-та армија со постојани наредби да ја прегледа армијата, да спречи кражба на вооружување од нејзините складишта, да го запре тековниот конфликт со сите расположливи средства и да обезбеди непречена евакуација на вооружувањето и армискиот персонал од Молдавија и преку украинска територија. Откако накратко ја проценил ситуацијата, тој ја презел командата на армијата, ослободувајќи го Неткачев и им наредил на своите војници директно да влезат во конфликтот. На 3 јули во 03:00 часот, масовен артилериски напад од формациите на 14-та армија стационирани на левиот брег на Днестар ги уништил молдавските сили концентрирани во шумата Гербоветски, во близина на Бендер, практично завршувајќи ја воената фаза на конфликтот.[24][25]
На страната на Приднестровие се бореле доброволци од Русија и Украина, вклучително и Донски и Кубански Козаци. Не постои општ консензус за бројот на доброволци или за воената улога што тие ја одиграле во конфликтот. Проценките се движат од 200 до 3.000 војници.[26]
За време на војната во Приднестровие, членовите на УНА-УНСО се бореле заедно со сепаратистите од Приднестровие против молдавските владини сили во одбрана на големото етничко-украинско малцинство во Приднестровие. Несоодветниот мотив за помагање на претежно прорускиот регион бил „борбата на Словените над молдавско-романската агресија“. По војната, на 50 членови на УНСО им бил доделен медал „Бранител на Приднестровие“.[27]
Според романски извори, најмалку еден затвореник бил ослободен од затворот Бендер за да биде запишан во гардата на Приднестровие.
Непосредно пред ескалацијата на конфликтот кон крајот на јуни 1992 година, Романија обезбедила воена поддршка на Молдавија со снабдување со оружје, муниција и вооружени возила, а исто така и со испраќање воени советници и обука на молдавските воени и полициски сили. Волонтери од Романија се бореле на страната на Молдавија.[28][29][30]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.