Валхала (споменик)
споменик и музеј во Баварија, Германија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Валхала (германски: Walhalla) — сала на славните во која се чествуваат истакнати личности од историјата на германските народи[1]. Изградена е во неокласичен стил налик на старогрчки храм и сместена крај реката Дунав во Донауштауф источно од градот Регенсбург во Баварија, Германија.
Споменикот е наречен по митското место Валхала од нордиското паганство, кое претставува задгробно живеалиште на заслужните. Замислено е во 1807 г. од баварскиот принц-престолонаследник Лудвиг со цел да го поттикне обединувањето на разните германски држави. Лудвиг започнал со изградбата откако седнал на престолот, и истата траела од 1830 до 1842 г. под водство на архитектот Лео фон Кленце. Денес споменичката сала има вкупно 65 спомен-плочи и 130 бисти, опфаќајќи личности од изминатите две илјади години.