Аренал (вулкан)
From Wikipedia, the free encyclopedia
From Wikipedia, the free encyclopedia
Аренал (шпански: Volcán Arenal) e најмлад и еден од најактивните вулкани во Костарика. Вулканскиот вид ерупција од 1968 г. го означил почетокот на повторен долготраен период на ерупции. Пред да се спушти цели потоци густа лава од своите отвори на врвот и од горниот дел на западната падина, вулканот исфрлил огромни бомби 5 км во висина и предизвикал пирокластични текови (од коишто само еден усмртил 70 луѓе).
Аренал | |
---|---|
Аренал во ноември 2006 | |
Највисока точка | |
Надм. вис. | 1670 м |
Координати | 10°27′48″N 84°42′12″W |
Географија | |
Место | Алахуела, Костарика |
Покраина | CR |
Геологија | |
Старост на карпата | 7,000 |
Вид | стратовулкан со вулкански куполи |
Последен избув | од 1968 до 2010 |
Аренал е активен андезитски стратовулкан во северозападна Костарика околу 90 километри северозападно од Сан Хосе, во провинцијата Алахуела, кантонот Сан Карлос, и областа Ла Фортуна. Вулканот е висок најмалку 1633 м[1] Формата му е конусна а обемот на кратерот изнесува 140 м. Геолошки, Аренал се смета за млад вулканот и староста му се проценува на помалку од 7,500 години.[1]
Вулканот бил успан стотици години и покажувал само еден кратер на својот врв, со мала активност на фумаролите, покриен со густа растителност. Во 1968 година, неочекувано избувнал, уништувајќи го малиот град Табакон. Поради ерупција уште три кратери се создале на западните падини, но денес постои само еден од нив. Од 2010 година, Аренал е неактивен.[2]
Аренал е еден од седумте историски активни костарикански вулкани заедно со Поас, Иразу, Мираваљес, Ороси, Ринкон де ла Виеха комплексот, и Туриалба. Тој бил најактивен вулкан на Костарика до 2010 година и еден од десетте најактивните вулкани во светот. Со години бил проучуван од страна на сеизмолозите.[3]
Вулканот се наоѓа во центарот на Националниот парк на вулканот Аренал во северната зона на земјата, 15 километри југозападно од областа Ла Фортуна во кантонот Сан Карлос, на Костарика.[4]
Областа на вулканот Аренал е важна вододелница за вештачкото езеро Аренал чија вода се користи за хидроелектрична енергија.
Аренал има неколку еруптивни отвори.[5] Кратерот Чато (10°26′17″СГШ 84°41′13″ЗГШ) — прикриен стратовулкански конус. Се верува дека Чато најпрво еруптирал пред 38,000 години за време на плеистоценот и последен пат пред околу 3,500 години. Чатито е лавина купола со околу 1100 м височина а Еспина е другата лавина купола.
Извишувајќи се на 1.720 метри височина или 1.150 над долината во околината, Аренал има облик на конусна планина со волумен од 15км3 [6] чии правилно поставени падини нудат речиси симетричен профил[7].
Пет кратери, обележани како A, B, C, D и E, постојат на Аренал. Кратерите D и E постоеле и пред ерупцијата која започнала во 1968, E е најстар и е место од каде излегувала лавата во тек на ерупцијата во 1525 додека кратерот D го сочинувал поранешниот врв на планината[8]. Кратерите A, B и C биле создадени со ерупцијата во 1968[7][8]. Еруптивната активност се поместила од кратерот A, активен од 1968 до 1973, и B во кратерот C, единствениот активен и највисоката точка на вулканот[8]. Масата на исфрлена лава од 1968 и 2004 достигнува повеќе од 300 метри дебелина во близина на кратерот C, правејќи го нова највисока точка на вулканот наместо дотогашниот кратер D[8][9].
Лавата на вулканот Аренал се одликувала со андеситски басалтичен состав, висока вискозност, блоковидна форма, и мала брзина. Низ историјата на активност, лавата претрпела многу ситни промени во однос на динамиката, дофатот, петрологијата, хемиското и механичкото однесување. Лавата од вулканот Аренал, за разлика од на пример вулканите на Хаваи, не била флуидна и течна. Напротив, била во небаре цврста агрегатна состојба поточно со конзистенција на паста, составена од многубројни, големи и разнолики блокови коишто се тркалале надолу по планината, отскокнувајќи и расцепувајќи се по пат при удар со пречки. Овие блокови своето патешествие го завршувале на одредени стабилни места каде што се акумилирале.
Големината на овие блокови знаела да има димензии споредливи со просечна соба, дури и мала куќа. За време на одредена ерупција, еден ваков блок бил целосно црвен како жар и првично со висока температура (близу до 1000 °C), по што полека се ладел, ја губел црвената боја и се завршувал како цврста црна карпа.[10]
Аренал е најмлад и најактивен од сите вулкани на Костарика. Научниците успеале да му ја определат староста наназад до 7000 години. Областа останала неистражена сè до 1937, кога една експедиција успеала да стигне на врвот.[10] Вулканот се смета за еруптивен од 1968.
На понеделник, 29 јули 1968 година во 7:30 часот, вулканот Аренал ненадејно и насилно еруптирал. Ерупција продолжила со несмалено темпо неколку дена, закопувајќи над 15 квадратни километри под карпи, лава и пепел. При ерупцијата загинале 87 луѓе а закопани биле 3 мали села – Табакон, Пуебло Нуево и Сан Луис. Штети биле направени на 232 км2 од земјата. Посевите биле уништени а убиен бил и голем број на добиток.[11] Неколкуте стотина луѓе кои живееле во околината воопшто не знаеле дека Аренал е вулкан и го сметале за обично брдо, за што говори фактот дека сѐ до 1968 го нарекувале врвот / планината Аренал. До 29 јули 1968 врвот бил понизок од 1000 метри, но поради наталожувањето на лавата до ден денес се извишил повеќе до над 1600 метри. Областа била покриена со високи дрвја, поради што многу селани немале чист поглед кон врвот и немале можност да видат од каде доаѓаат жешките карпи. Бидејќи селаните немале причина да се сомневаат во вулканска ерупција, а и поради фактот што лавата била во форма на огромни жешки блокови, многумина во првите моменти помислиле дека станува збор за нешто сосем друго, како на пример метеор, комета, вонземјански напад или Библиската апокалипса.
Во екот на жестоката активност, вулканот исфрлил џиновски карпи – некои тежеле неколку тони – повеќе од километар во висина и со брзина од 600 метри во секунда. Ваквите експлозии формирале три нови активни кратери. Трите населби биле уништени на западната страна на вулканот а градот со име Ел Борио на источната страна останал недопрен и немал никакви штети. Популарен мит е дека откако вулканот престанал да еруптира, Ел Борио бил преименуван во Ла Фортуна, што на шпански значи "среќа". Сепак, вистината е дека градот бил преименуван во Ла Фортуна од своите жители пред ерупцијата во 1968 ерупција. Името Ла Фортуна воедно значи "богатство", а се однесува на плодните земјишта во областа, за разлика од грубиот, планински терен кој преовладува во областа на вулканот.[12]
Помеѓу 17 и 21 јуни 1975 неколку лавини се спуштиле од кратерите. Растителноста долж реката Табакон била уништена и голема количина вулкански материјал се наталожил на речното корито. Имало четири силни експлозии и големи количини на пепел во небото. Пепелта се раширила на растојание од 26 километри.
По периодот на висока ефузивна активност на наизменични лавини текови, нова експлозивна фаза со 3 до 20 експлозии на ден започнала со ниска до умерена магнитуда. Овие експлозии на пареа, вода, гасови и пепел достигнала височина од и до 5 километри, а ветрот во носел вулканскиот материјал преку езерото Аренал и над градот Тиларан.
На северозападниот ѕид еден од кратерите пропаднал и создал неколку пирокластични текови. Пропаднатиот ѕид на кратерот имал облик на V, околу 60 метри длабоко и 100 метри широко. Во овој V облик на кратерот лавата почнала повторно да тече.
Тековите почнале да го пополнуваат U-обликот на кратерот и наталожиле материјали околу кратерот.
Во ова време од вулканот почнало редовно да тече лава, придружена со повремени експлозии на гасови. Ова била редовна активност на вулканот до 5 мај 1998 година.
Вулканот Аренал имал серија големи ерупции во вторникот попладне, од 5 мај 1998 година. Првата ерупција била во 1:05 часот кога дел од северозападниот ѕид од кратерот паднал. Големи количини на лава, камења и пепел полетале надвор од вулканот во тек на експлозијата. Имало уште една ерупција во 2:20 часот со материјали кои избувнале од истиот дел на вулканот.[13] Специјалист од Вулканско-сеизмичката опсерваторија на Костарика објаснил дека вакви ерупции не се ништо невообичаено за вулканот. Сепак, овојпат обемот на лава во рамки на кратерот бил значително поголем од вообичаеното. Заради претпазливост, властите прогласиле црвен аларм, затворен бил патот меѓу Ла Фортуна и Тиларан, на северната страна на вулканот, и евакуирани биле околу 450 луѓе (претежно туристи) од непосредната околина, вклучувајќи неколку хотели. Немало извештаи за повреди предизвикани од вулканската активност. Во 5:20 часот, во вторникот, вулканот сè уште исфрлал вулкански материјал, но активноста значително се намалила.
Ерупција на 7 мај 1998 оштетила два квадратни километри, и уништила шума во близината на вулканот. Се отворила пукнатина долга 500 метри и 10 метри длабоко, во ѕидот на кратер и вулкански материјал истекол надолу по страната на вулканот. Во текот на денот 23 ерупции биле пријавени, помеѓу 1:05 часот и 7:00 часот а потоа вулканот се вратил во нормала. Властите објавиле дека активноста на вулканот не е необична и националниот парк бил повторно отворен уште истата недела.[14]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.