Јадрено оружје
From Wikipedia, the free encyclopedia
Јадрено оружје или нуклеарно оружје — избувлива направа, која ја добива својата огромна разорна сила од јадрена реакција на цепење или од комбинација на цепење и соединување. И при двете реакции се добива огромно количество на енергија од релативно мали количества на материја. За споредба, современо јадрено оружје тешко околу еден тон може да произведе експлозија што би ја произвеле милијарда килограми од најмоќниот експлозив. Јадрените оружја спаѓаат во категоријата на оружје за масовно уништување. Mногу луѓе се борат и се надеваат на целосно отстранување и уништување на ваквите оружја.
Во воената историја досега само двапати биле употребени јадрени оружја, и двете од САД при крајот на Втората светска војна. Првото било детонирано утрото на 6 август 1945 година, кога САД фрлил јадрена бомба на основа на ураниум наречена „Малото момче“ во Јапонскиот град Хирошима. Втората бомба била фрлена 2 дена подоцна, а овојпат тоа било плутониумска бомба што предизвикува имплозија наречена „Дебелко“ во градот Нагасаки исто така во Јапонија. Овие два напади резултирале со 120.000 мртви од повредите од експлозијата и од радиоактивноста и уште голем дел на загинати од долготрајните ефекти од зрачењето.[1] Потребата од користењето на овие бомби било и останува спорно прашање.
Од Хирошима и Нагасаки, како тест или демонстрација јадрено оружје е употребено над две илјади пати. Единствените земји за кои со сигурност се знае дека детонирале јадрено оружје (хронолошки) се: САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Пакистан и Северна Кореја. Исто така се верува дека и Израел поседува јадрено оружје,[2][3] меѓутоа тие го негираат ова тврдење. За повеќе информации за поседувањето на јадрени оружја види ја Списокот на држави со јадрено оружје.