Ѕвездена паралакса
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ѕвездена паралакса — привидното поместување во положбата на една блиска ѕвезда (или друг објект) сопоставена со далечните објекти. Се јавува во различните орбитални положби на Земјата како крајно мало поместување кое е најголемо во интервал од шест месеци, кога Земјата доаѓа на спротивната страна од Сонцето во орбитата, давајќи појдовно растојание од околу две астрономски единици помеѓу набљудувањата. Самата паралакса се смета за половина од најголемата вредност, приближно еквивалентна на набљудателното поместување кое би се јавило поради различните положби на Земјата и Сонцето, што е појдовница од една астрономска единица (ае).
Ваквата паралакса тешко се утврдува и затоа нејзинојто постоење било предмет на повеќевековна расправа. За првпат е утврдена во 1806 г. од италијанскиот астроном Џузепе Каландрели, кој забележал паралакса во α Лира (Вега) во неговото дело „Набљудување и осврт на годишната паралакса од Алфа Лира“ (Osservazione e riflessione sulla parallasse annua dall’alfa della Lira).[1] Подоцна, ов 1838 г. германскиот астроном Фридрих Бесел го направил првото успешно мерење на паралакса, за ѕвездата 61 Лебед, користејќи Фраунгоферов хелиометар (сонцемер) во Кенигсбершката опсерваторија.[2][3]
Штом е позната паралаксата на една ѕвезда, нејзината оддалеченост од Земјата може да се пресмета тригонометриски. Меѓутоа, паралаксата се намалува со оддалеченоста на објектот. Дури и во XXI век, астрометријата тешко се справува со растојанија поголеми од 100 парсеци (околу 300 светлосни години), бидејќи добиените вредности се премногу неуточнети за да бидат од корист. Ова става граница на применливоста на паралаксата како мерило за растојанието на објектите кои се релативно блиски во галактички размер. Пооддалечените објекти подобро се мерат со други постапки како со стандардна свеќа и по пат на спектрално црвено поместување.
Ѕвездената паралакса се изразува во многу ситни единици како лачни секунди, па дури и илјадинки од лачни секунди (лачни милидекунди). Далечинскаата единица парсек се дефинира како должината на кракот на прав агол соседен на аголот од една лачна секунда во едно теме, каде другиот краг е долг 1 ае. Бидејќи овие мерења подразбираат многу тенки правоаголни триаголници, пресметувачот е потпомогнат со тригонометриски заокружувања за да се претворат паралаксите (во лачни секунди) во растојание (во парсеци). Приближното растојание просто претставува реципрочна вредност на паралаксата: На пример, Проксима Кентаур (најблиската ѕвезда вон Сончевиот Систем), чија паралакса изнесува 0,7685, е оддалечена 1 / 0,7685 parsecs = 1,301 пс (4,24 сг).[4]