Ѓорге Иванов
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ѓорге Иванов (р. 2 мај 1960 во Валандово) — македонски политичар, универзитетски професор и поранешен Претседател на Македонија во периодот од 2009 до 2019 година. На функцијата стапил на 12 мај 2009 откако победил на претседателските избори истата година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а за втор мандат бил избран во 2014 година. Претходно бил професор по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје. Иако во младоста се интересирал за технички науки, завршил право на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Извесно време работел како новинар во МРТ, а бил и член на подмладокот на Сојуз на комунистите на Југославија. Во 1998 станал професор на Правниот факултет во Скопје, а ја извршувал и функцијата продекан на факултетот во еден мандат. Пред да стане претседател, имал левичарски убедувања и бил активен во невладиниот сектор како член на управниот одбор во фондацијата Отворено Општество.
Ѓорге Иванов | |
Портрет на Ѓорге Иванов. | |
Мандат 12 мај 2009 – 12 мај 2019 | |
Претходник | Бранко Црвенковски |
---|---|
Следбеник | Стево Пендаровски |
Роден | 2 мај 1960(1960-05-02) (64 г.) Валандово, Македонија, Југославија |
Партија | ВМРО-ДПМНЕ (до 2009 година) Независен (од 2009 година) |
Сопружник | Маја Иванова |
Професија | Професор по политички науки |
Религија | Православен христијанин |
Потпис | |
Претседатели на Македонија |
За време на претседателските избори во 2009, Иванов добил поддршка од повеќемина јавни личности од академската, политичката, културната, и спортската фела. На неговата прва инаугурација присуствувале претседателите на Србија, Хрватска, Албанија, и Црна Гора. Имал затегнати односи со косовскиот претседател, поради промена на поканата од официјална во работна. Во 2014 освоил втор претседателски мандат, но не бил признат од СДСМ поради обвинувања за изборен фалсификат и од ДУИ поради немање поддршка од Албанците во Македонија. За време на вториот мандат ги заладил односите со ЕУ и Германија, обвинувајќи ги за неажурност во справувањето со европската мигрантска криза. Неговата одлука во април 2016 за општа аболиција на сите осомничени од страна на СЈО ја предизвикало Шарената револуција, повеќемесечни протести низ повеќе градови во Македонија против претседателскиот акт. Одлуката ја повлекол во јуни, но ги обвинил опозицијата и странските амбасадори за внесување на земјата во политичка криза.