From Wikipedia, the free encyclopedia
Хорхе Луис Борхес (шпански: Jorge Luis Borges; Буенос Аирес, 24 август 1899 — Женева, 14 јуни 1986 ) — аргентински писател, есеист и поет. Тој е еден од најпознатите интелектуалци на современата култура кој длабоко ја одбележал латиноамериканска книжевност, поради што се вбројува меѓу најголемите светски писатели.[1] Меѓу неговите најважни дела се вбројуваат: „Универзална историја на бесчестието“, „Фантазии“, „Алеф“, „Извештајот на Броди“ итн.
Хорхе Луис Борхес | |
---|---|
Борхес во 1951 | |
Занимање | писател, поет, критичар, библиотекар |
Јазик | шпански |
Хорхе Луис Борхес е роден во образовано семејство од средната класа на 24 август 1899 година.[2] Живеел во сиромашното предградие на Буенос Аирес, Палермо. Мајката на Борхес, Леонора Асеведо Суарез, потекнувала од традиционално уругвајско „криоло“ семејство, со шпанско потекло. Нејзиното семејство било вклучено во населувањето на Европејците во Јужна Америка и учествувало во аргентинската војна за независност. Борхес растел со приказните за семејните подвизи. Така, во 1929 година, во книгата Cuaderno San Martín, тој ја вклучил песната „Исидоро Асеведо“, одддавајќи му почит на својот дедо Исидоро де Асеведо Лаприда, војник во војската на Буенос Аирес, кој бил потомок на аргентински адвокат и политичар Франциско Нарцисо де Лаприда, кој пак се борел во битките кај Сепеда (1859, кај Павон (1861) и кај Лос оралес (1880). Исидоро де Асеведо Лаприда умrel во куќата во која подоцна се родил неговиот внукот Хорхе Луис Борхес. Таткото на Борхес Хорхе Гилермо Борхес Хаслам имал шпанско, португалско и англиско потекло и бил, исто така, син на полковник. Борхес Хаслам, чија мајка била Англичанка, пораснал со англискиот јазик и често го водел своето семејство во Европа.
На возраст од девет години, Хорхе Луис Борхес направил превод на делото на Оскар Вајлд „Среќниот принц“ (The Happy Prince and Other Tales) од англиски на шпански јазик,[3] објавен во локалниот весник, а неговите пријатели мислеле дека, всушност, преводот го направил татко му.[4] Борхес живеел во Аргентина до единаесетгодишна возраст при што зборувал шпански и англиски, а на дванаесет години го читал Шекспир. Во големата семејна куќа имало голема англиска библиотека со над илјада книги,[5] за што Борхес подоцна забележал: „Ако ме прашаа за најважниот настан во мојот живот, ќе речев библиотеката на татко ми.“[6]
Сепак, кога Борхес почнал да го губи видот, татко му ја оставил адвокатурата и во 1914 година, неговото семејство се преселило во Париз, а оттука во Швајцарија,[3][7] каде што Борхес студирал на Женевскиот колеџ. Таму, сестрата на Борхес, Нора одела на училиште, а младиот Борхес учел француски јазик, го читал Томас Карлајл на англиски јазик и почнал да чита филозофија на германски јазик. Во 1918 година, Борхес матурирал на Женевскиот колеџ.[8] Поради политичките немири во Аргентина, семејството на Борхес останало во Швајцарија до 1921 година. Потоа, неговото семејството патувало низ Европа и во 1919 година се задржало во Шпанија. Во тоа време, Борхес ги открил Артур Шопенхауер и еврејскиот мистицизам на Густав Мејринк (со неговиот роман „Голем“ од 1915 година),[3][7] кои подоцна извршиле големо влијание врз неговото творештво. Во Шпанија, Борхес станал член на литерарната авангарда и Ултраист, под влијание на Гијом Аполинер и Филипо Томазо Маринети, и бил близок до Имажизмот.[9] Во Шпанија се запознал со познатите шпански писатели, меѓу кои и Рафаел Кансинос Асенс и Рамон Гомес де ла Серна.
Кога се вратил во Аргентина, во 1921 година, Борхес работел како библиотекар и предавач. Во 1923 година повторо патувал низ Европа, а во 1927 година видот започнал прогресивно да му се намалува.[3][7] Во 1938 година умрел таткото на Борхес и тоа многу го погодило, затоа што бил многу близок со него. Истата година на Бадник, Борхес сериозно заболел од септисемија. Во овој период, Борхес работел како преведувач и литературен критичар за списанието „Ел Хогар“, кое излегувало од 1936 до 1939 година.
Во 1950 година, Борхес бил избран за претседател на Друштвото на аргентинските писатели (Sociedad Argentina de Escritores), а во 1955 година бил именуван за директор на Националната библиотека[3] и за професор на англиска литература на Универзитетот во Буенос Аирес. На возраст од 55 години, Борхес ослепел и никогаш не ја научил Брајовата азбука, па тоа го спречило да чита. Некои стручњаци сметаат дека слепилото му помагнало преку својата имагинација да создаде нови литерарни симболи.[10] Бидејќи бил слеп, неговата мајка се грижела за него, му била лична секретарка, ја водела неговата преписка, го следела на патувањата итн. Во 1967 година, Борхес неочекувано се оженил со дамнешната пријателка од младоста Елса Милјан.[11] Неговите пријатели сметале дека неговата мајка го средила бракот за да има кој да се грижи за него по нејзината смрт. Бракот траел само три години, а по разводот, Борхес се вратил кај мајка си, со која живеел во мал стан сѐ до нејзината смрт.[12] По смртта на мајката, негова асистентка станала Марија Кодама, Аргентинка со германско и јапонско потекло. Во април 1986 година, Борхес се оженил со неа со посредство на еден парагвајски адвокат, што тогаш било вообичаена појава за Аргентинците кои сакале да ги избегнат строгите закони во врска со разводот.
Борхес умрел на 14 јуни 1986 година, на возраст од 86 години, од рак на црниот дроб. Една од неговите последни желби била да го закопаат на гробиштата во Женева, а неговиот надгробен споменик е дело на аргентинскиот вајар Едуард Лонгат. Во февруари 2009 година бил направен проект за преместување на Борхес на гробиштата во Буенос Аирес, но вдовицата на Борхес, Марија Кодама жестоко се спротивставила на идејата и проектот пропаднал. Неговата вдовица ги добила сите права на неговите дела.
Хорхе Луис Борхес постојано се интересирал за политиката, а дваесеттите години од XX век за него биле многу важни во полтичка смисла. На почетокот, тој бил приврзаник на бившиот аргентински претседател, Иполито Иригојен (Hipólito Yrigoyen). Во 1928 година, поддржувајќи го Иполито, Борхес бил член на Комитетот на млади интелектуалци. Иполито победил на изборите, но подоцна воената хунта го симнала од власта и Борхес бил згрозен од политиката. Оттука, извесно време не се занимавал со политика, но подоцна повторно пишувал написи во аргентинското списание „Ел Огар“ во кое не поддржувал ниту еден политичи режим, туку ги критикувал, особено нацизмот, антисемитизмот и фашизмот. Со овие написи, Борхес се стекнал со големи признанија, но тие му предизвикале проблеми во почетокот на четириесеттите години на 20 век.[13]
Во 1946 година, во Аргентина дошол на власт Хуан Доминго Перон, а Борхес поради своите добропознати определби станал инспектор за контрола на живинско месо во Буенос Аирес. Тој веднаш поднесол оставка и искажувал уште поголема одвратност кон тоталитарните режими, истакнувајќи дека една од најважните должности на писателите е да се борат против авторитарноста и сѐ што носи таа. Режимот на Перон го отежнувал животот на семејството на Борхес и на неговите пријатели. Во 1948 година, мајка му и сестра му Нора биле уапсени, затоа што учествувале на протест. Неговата мајка била во домашен притвор, додека сестра му била затворена. На сестрата Нора ѝ понудиле да ја ослободат, ако на Ева Перон ѝ напише писмо на извинување, но таа одбила и останала во затворот. Откако во 1950 година бил избран за претседател на Друштвото на аргентинските писатели, Борхес ги предводел интелектуалците во борбата против перонистичкиот режим.[14] По смртта на Ева Перон, двајца полицајци побарале од Борхес во Друштвото на аргентиските писатели Борхес да закачи портрет на Хуан и на Ева Перон, но тој одбил, по што Друштвото било укинато. Подоцна, во 1973 година, кога Хуан Перон бил повторно избран за претседател, Борхес дал оставка на местото директор на Националната библиотека. Кога со државен удар од власт била сменета Исабел Перон, Борхес пак почнал да се занимава со политика. Тој ја прифатил новата влада, што ја разочарало аргентинската левица. Сепак, кога новата влада ја злоупотребила својата власт, Брохес ја критикувал нејзината политика сѐ до војната за Фокландските Острови, што кај него повторно предизвикало изненадување и тој се повлекол од политиката.
Целиот свој живот, Борхес отворено им се спротивставувал на перонизмот, на марксизмот и на комунизмот.[15] Во едно интервју, тој дури за себе рекол дека е анархист, иако повеќето луѓе го сметале за либерал. Според него, Тоталитарниот режими е тиранија која освен огромната моќ, има можност и да решава за сѐ и за секого. Тој верувал во етичката хуманост и интелектуалност на поединецот. Така, во делото „Песочна книга“, Борхес пишува дека не треба да се вреднуваат политичките системи, туку поединците и нивните особини.[16] За своите политички убедувања, Борхес зборувал во повеќе наврати и за политичарите велел дека се неетички луѓе кои со текот на врремето добиваат навика и да подмитуваат. Своите политички забелешки ги искажал во голем број есеи, од кои најпознат е „Јас, Евреин“ (Yo, Judío), кој се однесува на неговиот претходен напис „Јас, Аргентинец“ (Yo, Argentino) напишан како одговор на обвинувањата од страна на симпатизерите на нацистичката партија дека е Евреин и не е вистински Аргентинец.
За време на животот во Шпанија, Борхес станал член на литерарната авангарда и ултраист, под влијание на Гијом Аполинер и Филипо Томазо Маринети, а бил близок и до Имажизмот. Неговата прва песна „Химна на морето“, напишана во стилот на Волт Витман, била објавена во списанието Grecia.[9] Кога се вратил во Аргентина, во 1921 година, почнал да објавува песни и есеи во надреалистичките литерарни списанија. Својата прва поетска збирка, „Страста на Буенос Аирес“ (Fervor de Buenos Aires) ја објавил во 1923 година, а соработувал во авангардното списание „Мартин Фиеро“. Истата година, Борхес станал уредник на литерарниот додаток во весникот „Критика“, каде што објавувал делови од неговите приказни коишто подоцна ги објавил во „Универзалната историја на бесчестието“. Исто така, во овој период, Борхес бил соосновач на весниците „Призма“ (што го лепеле по ѕидовите на зградите во Буенос Аирес) и на „Проа“. Подоцна, Борхес не бил задоволен од некои од првите публикации и се обидел да ги откупи за да ги уништи[17]
Во средината на триесеттите години од XX век, Борхес почнал да ги истражува егзистенцијалните прашања и фикцијата. Аргентинската критичарка Ана Марија Варенечеа го нарекува неговиот стил „иреалност“. Тогаш, Борхес редовно соработувал во списанието „Југ“, основано во 1931 година од Викторија Окампо, кое било најзначајното литерарно списание што го прославило неговото творештво[18] Окампо го запознала Борхес со Адолфо Биој Казарес, уште едно познато име во аргентинската литература, со кого се спријателил и често соработувал. Заедно напишале многу трудови под литературниот псевдоним Х. Бустос Домек, како и пародија на детективските серии и фантастични приказни. Во тој период, семејниот пријател Мацедонио Фернандес имал големо влијание врз Борхес. Тие воделе разговори во кафеаните, на село или пак во малиот стан на Фернандес во Балванера. Неговото име се појавува во „Дијалог за дијалогот",[19] каде што двајцата расправаат за бесмртноста на душата. Во 1933 година, на еден уреднички состанок, Борхес се изборил во литературниот додаток на весникот „Критика“ да ги објави собраните приказни под насловот „Универзална историја на бесчестието“ (Historia universal de la infamia). Овие раскази биле објавени како посебна книга во 1935 година, а следната година излегло неговото дело „Историја на вечноста“.[3][7] Во мај 1939 година, Борхес го објавил расказот „Пјер Менар, Автор на Кихот“, а неговата прва збирка со кратки раскази „Градина со разгранати патеки“ (El jardín de senderos que se bifurcan), се појавила во 1941 година, составена од осум раскази што биле претходно објавени во списанието „Југ“. Книгата наишла на добар прием, но не освоила некоја книжевна награда, како што се очекувало.[20] Во 1944 година, Борхес ја објавил книгата „Фантазии“, додека во 1949 година излегло делото „Алеф“.[3][7]
Во 1950 година се појавило неговото познато дело, краткиот расказ „Чекање“ (La espera). Во овој период, Борхес покажувал голем интерес за идеализмот, што може да се забележи во есејот „Ново побивање на времето“, од краткиот расказ „Прецизност во науката“ (Del rigor en la ciencia), од песните „Нешта“ (Cosas) и „Голем“ (El Golem), како и од расказот „Кружни урнатини“ (Las Ruinas Circulares). Во 1952 година, Борхес го објавил делото „Нови истражувања“, а во 1954 „Книга за измислените суштества“ (El libro de los seres imaginarios). Во 1961 година, Борхес го свртел вниманието на пошироката книжевна јавност кога ја добил меѓународната награда „Форментор“ (Prix Formentor), зедно со Самуел Бекет. Во 1967 година, Борхес започнал петгодишна соработка со американскиот преведувач Норман Томас ди Џовани. Во овој период, Борхес ги објавил делата: „Поинакви, исти“ (1964), „Пофалба на сенката“ (1969), „Бродиевиот извештај“ (El informe de Brodie) од 1970 година, расказот „Конгрес“ (El Congreso) од 1971 година, „Песочна книга“ (El libro de arena) од 1975 година, и „Историја на ноќта“ (1977).[3][7] Во 1971 година, Борхес ја добил Наградата на Ерусалим. Во 1980 година, во Мадрид му била врачена престижната награда „Сервантес“, следната година ја објавил стихозбирката „Шифра“, а во 1984 се појавило делото „Атлас“.[3][7] Своето последно дело „Заговорник“ го посветил на градот Женева,[21] додека неговите последни четири раскази се објавени во збирката „Сеќавањето на Шекспир“ (La memoria de Shakespeare).[22]
Борхес е најпознат по своите кратки раскази, но пишувал и поезија, есеи, сценарија, литературни критики, а објавил и многу антологии.[23] Борхес е значаен и како преведувач. Преведувал од англиски, француски и германски јазик, а ги превел делата на Вилијам Фокнер, Херман Хесе, Франц Кафка, Волт Витман, Вирџинија Вулф и други. Борхес дал голем придонес кон филозофската литература, но и кон жанрот на фантастиката. Критичарот Анхел Флорес, кој прв го употребил изразот „магичен реализам“ за да го одреди жанрот кој се развил како одговор на реализмот и на натурализмот кои доминирале во 19 век, смета дека почетоците на ова движење се наоѓаат во делото на Борхес Универзална историја на бесчестието (Historia universal de la infamia).[24] За него, писателот Куци рекол: „Повеќе од секој друг го обнови јазикот на фикцијата и го отвори патот на една извонредна генерација на шпанско-американски романописци“,[25] додека Роберто Болањо го нарекува „најголемиот латиноамерикански писател“.[26]
Една книга на македонскиот писател Александар Прокопиев е наречена „Борхес и компјутерот“.[27] Краткиот расказ „Писмото на пустината“ на македонскиот писател Влада Урошевиќ ја носи посветата „во чест на Борхес“.[28] Борхес претставува тема на кусиот расказ „Тигарот на Борхес“ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[29]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.