From Wikipedia, the free encyclopedia
Носот (лат. nasus) е сетило за мирис и почеток на дишниот систем кај животните. Сетилото за мирис ги информира животните за опасности, за местото каде што може да се најде храна, за пронаоѓање на спротивниот пол и слично. Затоа, ова сетило игра многу важна улога во животот на повеќето животни. Мирисот е хемиска дразба и затоа се регистрира од страна на хеморецепторите сместени во носната празнина.
Најниско организираните многуклеточни безрбетници реагираат на хемиски дразби од хранливи материи, кои најверојатно се примаат од одделни сетилни клетки кои или се расфрлани по телото или се групирани во еден негов дел. Кај инсектите, пак, постојат одредени региони на телото во кои се сместени рецепторите за мирис, односно хеморецепторите.
Во рамките на ‘рбетниците, сетилните клетки за мирис се сместени во носот. Носната празнина (cavum nasi) достигнува најголема сложеност кај некои цицачи, како ѕверовите, и во нивниот живот игра толку голема улога, што по пресекувањето на мирисните нерви, тие тешко се одржуваат во живот.
Носната празнина со надолжна носна преграда е поделена на две половини. Преградата во почетниот дел е изградена од ‘рскавица, додека при коренот на носот таа е ковчеста. Коската која го образува горниот дел од носната преграда е наречена рало. Секоја од двете носни половини содржи носни школки, кои го забавуваат движењето на воздухот. Преку парните носни отвори, наречени ноздри, носот комуницира со надворешната средина, додека преку хоаните остварува врска со голтникот. Внатрешната слузокожа на носната празнина е покриена со трепчест епител, добро снабден со мукозни жлезди и разгранета мрежа од крвни капилари. Жлездите лачат мукус, лигава течност со бактерицидно дејство. Околу ноздрите, од внатрешната страна, исто така се наоѓаат и влакна чијашто основна функција е спречување на влегување на цврсти честички, прав и слично во носот. Ваквата градба овозможува вдишениот воздух да се затопли, навлажни и да овозможи елиминирање на честички од прав и разни микроорганизми од него. Во задниот горен дел на носот, на сводот е сместен мирисниот епител кој содржи хеморецептори. Воздухот, минувајќи низ носната празнина затоплен и пречистен, преку хоаните се пропушта во голтникот. Под влијание на микроорганизми или разни хемиски неповолни дразби, доаѓа до зголемено лачење на мукус и до појава на кивавица.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.