Елшани
село во Општина Охрид From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Охрид From Wikipedia, the free encyclopedia
Елшани — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.
Елшани | |
Глетка на Елшани од Галичица | |
Координати 41°1′31″N 20°48′48″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | Охрид |
Област | Охридско |
Население | 620 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 6000 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 19016 |
Надм. вис. | 870 м |
Слава | Илинден |
Мреж. место | Елшани |
Елшани на општинската карта Атарот на Елшани во рамките на општината | |
Елшани на Ризницата |
Селото најпрвин запишано како Елшани се сретнува во 1583 година во турски документи. Се верува дека името е изведено од наставката -јани од основата „евла“.[2]
Ова село се наоѓа во Охридско, во средишниот дел на територијата на Општина Охрид, на западната падина на планината Галичица, чиј атар се издига до сртот на планината каде што се допира со подрачјето на Општина Ресен, а на друга страна атарот допира до брегот на Охридското Езеро.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 878 метри. Од градот Охрид, селото е оддалечено 14,4 километри.[3]
Селото е распослано на падините на Галичица, на височина од околу 900 метри. Околни села се Пештани на југ и Коњско на север. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од селски чешми, а денес има водовод, кој бил направен во 1974 година. Водата доаѓа од изворот Вршек, кој извира крај селото.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Голем Врв, Чашкини, Трно Слива, Локма, Влашко Бачило, Зелејно, Диво Јами, Студено, Двана Камена, Орешки, Равен, Власејца, Црвена Шума, Орелци, Јамишта, Арблок, Кава Леска, Долга Лозина, Дукојца, Леска, Вели Камен, Кејвана, Колибичиња, Календерица, Круша и Св. Мартинија.[4]
Селото има збиен карактер и е поделено на три маала: Горно, Средно и Долно Маало. Во тие маала се групирани куќи на исти родови.[4] Новата придружна населба Елешец, која се наоѓа непосредно со брегот на Охридското Езеро, во последниве години функционира како издвоен дел од селото.[5]
Денешното село Елшани не е старо село. Тоа било основано кога во него се доселиле три денешни рода: Шоповци, Стојовци и Јузмевци. Тие дошле тука околу 1840 година и се пренесува дека земјата не била беговска.[4]
Сепак, во втората половина на XIX век, Елшани станало чифлик на Јашар-бег од Гостивар. Тоа се случило кога бегот бил на гости кај својот зет Салија од Охрид и се возел со чамец по Охридското Езеро. Од езерото го здогледал Елшани и му се учинило многу убаво село. На ова се спротивставиле селаните Аврам, Рубан и Таул, кои подоцна биле убиени. Другите селани се согласиле да станат чифчии. За чифлигот се грижел охридскиот бег, бидејќи Јашар-бег живеел во Гостивар. Нему му предавале десеток од добиените, како во земјоделството, така и во сточарските работи.[4]
Во XIX век, Елшани било село во Охридската каза на Отоманското Царство.
Во текот на Илинденското востание, мештаните учествувале со своја чета, а особено се истакнал војводата Никола Митрев-Езерски.
Селото било окупирано од страна на Србите во текот на Првата балканска војна, кои вршеле воена мобилизација на машкото население. Загинале 13 селани. Во текот на Првата светска војна, селото, пак, потпаднало по бугарска воена окупација.
Во 1941 година, селото било окупирано од страна Италијанците. Во 1943 година било пак окупирано од страна на Бугарите. Многумина мештани се приклучиле на НОБ, при што седуммина биле убиени во борбите.
Селото зафаќа простор од 17,1 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 870,9 хектари, на шумите отпаѓаат 352,5 хектари, а на обработливото земјиште 243,2 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
До Втората светска војна, мештаните се занимавале главно со сточарство и најмногу се одгледувале кози и овци. Стоката била напасувана на планината Галичица, во месностите Вирчиња, Равен, Долга и Волково Лозје. Исто така, мештаните се занимавале и со сеча на шума и подоцна го продавале дрвото за огрев во Охрид, но и како градежен материјал.[4]
По војната, мештаните ги промениле занимавањата. Скоро цело машко население вршеле градежни работи.[4]
Повеќето од жителите на Елшани се вработени во хотелите на езерскиот брег или во охридските претпријатија. Многумина развиваат самостојна стопанска дејност во градот или во селото. Сепак, многу од традиционалните селски занимања се зачувани: секое семејство има свое лозје и градина, се одгледуваат животни, а задржано е и традиционалното производство на вино и ракија.
Со редовен автобуски сообраќај Елшани е поврзано со градот Охрид (10 км), 10-12 пати преку целиот ден. Почести се врските меѓу Охрид и Пештани при што автобусите секогаш застануваат и во близина на селото Елшани, кај авто-кампот во Елешец.
Сместување може да се најде во десетина семејни куќи во текот на целата година и со различна местоположба, покрај Охридското Езеро или повисоко во планината Галичица. Покрај езерото е сместен и авто-кампот во Елешец, кој е добро организиран, но работи само во летно време.
Елшани е извонредна почетна точка за планински прошетки или искачување по карпи во Националниот парк Галичица. Од друга страна, разгранетата мрежа од патеки, тесни селски улици и локални неоптоварени патишта се идеални за пешачење, трчање или велосипедизам, за луѓе од сите возрасти и степени на подготвеност.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото Слишани имало 30 домаќинства и 96 жители, а селото Лешани било со 70 домаќинства и 200 жители.[6]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Елшани живееле 240 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Елшани имало 240 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Елшани е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 36 куќи.[9]
Селото е средно по големина, со позитивен популациски биланс. Во 1961 година, селото броело 501 жител, додека во 1994 година бројот се зголемил на 674 жители, македонско население.[10]
Според пописот од 2002 година, во селото Елшани живееле 590 жители, сите Македонци.[11]
Елшани има околу 600 жители кои во селото живеат преку целата година. Во летните денови околу 400 други луѓе престојуваат како повремени жители во нивните привремени домови подигнати во близина на езерото во населбата Елешец.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 620 жители, од кои 598 Македонци, 1 Влав, 4 останати и 17 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 240 | 240 | 441 | 490 | 501 | 619 | 643 | 679 | 674 | 590 | 620 |
Елшани е македонско православно село, сите родови во селото се доселеници.[4]
Родови во селото Елшани се:
Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Охрид.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Охрид.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Галичица, во која покрај селото Елшани, се наоѓале и селата Велгошти, Велестово, Лескоец, Љубаништа, Коњско, Пештани, Рамне, Скребатно, Трпејца и Шипокно. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Пештани, во која влегувале селата Елшани и Пештани.
Во селото постои избирачкото место бр. 1293 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште во Елшани. Во избирачкото место е опфатена и населбата Елешец.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 567 гласачи.[18]
Селото не бележело иселување, ниту до војните, ниту по нив.[4]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.