Трпејца
село во Општина Охрид From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Охрид From Wikipedia, the free encyclopedia
Трпејца — село во Општина Охрид, на брегот на Охридското Езеро.
Трпејца | |
Поглед на селото Трпејца од планината Галичица | |
Координати 40°57′36″N 20°47′01″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | Охрид |
Област | Охридско |
Население | 320 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 6322 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 19047 |
Надм. вис. | 700 м |
Слава | Спасовден |
Трпејца на општинската карта Атарот на Трпејца во рамките на општината | |
Трпејца на Ризницата |
Под името „Трпезица“ селото се споменува во пишани историски документи од 1582 година, а самите жители сметаат дека името потекнува од зборот трпеза поради трпезите коишто се поставувале за време на прославите крај некогашната тврдина.[2]
Научните истражувања потврдуваат дека името потекнува од зборот „тр(а)пеза“, кое треба да се сфати метафорично во смисла „место рамно како трпеза“, бидејќи самото село се наоѓа во зарамнет дел на полуостровче кое личи на трпеза.[3] Некои од селаните денес името на селото го поврзуваат и со личното име Трпе/Трпејца од Трпевица.
Ова село се наоѓа во Охридско, во крајниот јужен дел на територијата на Општина Охрид, недалеку од брегот на Охридското Езеро, и низ него поминува патот Охрид-Свети Наум.[4] Селото е ридско, на надморска височина од 710 метри. Од градот Охрид е оддалечено 25 километри.[4]
Селото Трпејца поседува урбанистички план[4] и се развива по него. Поради својата привлечност за туристите и природните убавини на околината во јавноста е познато и под името Македонското Сен Тропе.[5]
Селото се наоѓа во подножјето на планината Галичица, во една природна вдлабнатина меѓу карпите на источниот брег на Охридското Езеро. Соседни села се Љубаништа на југ и Пештани на север. Селаните се снабдувале со вода за пиење од езерото, а од 1972 година бил спроведен водовод во селото, кој исто така ја користи водата од езерото.[2]
Месностите во атарот во планинскиот дел се нарекуваат: Осој, Мал Осој, Галичица (сѐ до Охрид), Дабова Ливада, Баба, Зли Дол, Корита и Црн Камен. Месности во ниските делови на атарот се: Церот, Орев, Јадара, Баралица, Дервен, Заум (до езерото), Св. Никола и Св. Петар.[2]
Селото е од збиен тип. Поделено е на маала според родовските презимиња: Короновци, Параловци, Филовци и други.[2]
Трпејца е многу старо село со богата историја, за што сведочат остатоците од минатото. За првпат е населено во неолитско време, што се гледа од остатоците на наоѓалиштето Црна Пеш (Крстон Заб) крај езерото. Меѓу народот се верува дека името на селото потекнува од зборот „трпеза“, кои во време на верските празнувања биле поставувани крај некогашната тврдина, која се наоѓала на возвишението Осој (1.006 м.) јужно од селото, чиј дел со остатоци од ѕидини го носи името Градиште.[2] Осој или Градиште претставува тврдина од средниот век која се наоѓала на ридот Осој во близина на с.Трпејца. На јужната падина на врвот можат да се забележат остатоци од тврдината. Утврдувањето било изведено со два паралелни ѕида, оддалечени еден од друг околу 40м. Ширината на ѕидовите варирала од 1.5м до 2.4м.[6] За првпат овој локалитет го забележал и спомнал професорот Иван Микулчиќ во 1976 година но за жал не оставил повеќе податоци за оваа тврдина.
Селото се споменува во 1582 година под името „Трпезица“ кога имало 50 христијански (македонски) куќи. Во овој период домаќинствата биле дервенџиски, а ова занимање (грижа околу безбедноста на патиштата) било задржано и во XVII век, кога крај селото минувал патот Охрид-Корча.[2]
Во XIX век, Трпејца било село во Охридската каза на Отоманското Царство.
Кон крајот на турското ропство жителите во селскиот атар ја обработувале земјата на манастирот „Св. Наум“, која била добиена во замена за манастирското земјиште во селото Полјани кај Корча, кое по договор му било отстапено на некој бег од Колоња во Албанија. За време на Првата светска војна, Трпејца се наоѓа на линијата каде се воделе тригодишни борби, па за тој период населението било евакуирано во Охрид и околните села.[2]
Атарот на селото зафаќа простор од 13,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 800 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 213 хектари.[4]
Селото, во основа, има полјоделска функција, која сепак во поново време се заменува со рекреативно-туристичка функција.[4]
Со векови населението се занимавало со риболов, кој бил основниот извор на приходи. Жителите на Трпејца заедно со пештанци отсекогаш биле познати риболовци. Порано од секоја куќа во Трпејца имало најмалку по еден рибар. Трпејчките рибари ја продавале уловената риба на охридските трговци. Во седумдесеттите години на XX век во Трпејца имало 13 рибари, кои биле вработени во рибарското стопанство од Охрид. Во поново време се лови значително помалку риба од порано.[2]
Значајна улога имало и сточарството при што селото имало 5 бачила во секое по 300 до 500 глави ситна стока (овци и кози), а земјоделството било ограничено на обработка на малото и суво Трпејчко Поле. Самите мештани кажуваат дека лете жителите биле сточари и дрвосечачи во шумата, додека зимно време биле риболовци. До средината на XX век, жителите на Трпејца својата издршка главно ја обезбедувале и преку одгледување на стока и сечење на шумата на Галичица, од каде дрвата ги продавале во Охрид.[2]
За продажба на дрва и воопшто трговска размена со градот Охрид, жителите на Трпејца користеле специјални чунови, кои освен за риболов служеле и за пренесување на разновиден товар. За продажбата на дрва во Охрид и пренесувањето на посебни ствари од градот до селата со чамци, постои и запис од 1929 година. Во втората половина на XX век селото се ориентира кон вработување во Охрид.[2]
Поради изворедната поволна положба и природни убавини, од втората половина на XX век во Трпејца во сѐ поголем развој и подем е туризмот. Последниве години особено се развива летниот езерски туризам.[7]
Во Трпејца постојат повеќе сместувачки и угостителски туристички објекти меѓу кои попознати се: рибниот ресторан „Рибар“[8], „Де Ниро“ - соби и апартмани, Вилата „Бубе“ на самиот брег на езерото, автокампинг и вила „Герос“, но и многу други.
Говор на жена од с. Трпејца (пример за охридскиот дијалект) | |
Проблеми со пуштањето? Помош. |
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото е имало 50 домаќинства и 140 жители.[9]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Трпејца живееле 315 жители, сите Македонци.[10] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Трпејца имало 320 жители, патријаршисти.[11]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Трапезица е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 39 куќи.[12]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[13]
Селото е средно по големина и е населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 416, а во 1994 година 360 жители.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Трпејца живееле 303 жители, сите Македонци.[14]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 320 жители, од кои 294 Македонци, 4 останати и 22 лица без податоци.[15]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 315 | 320 | 314 | 346 | 416 | 392 | 395 | 358 | 360 | 303 | 320 |
Селото Трпејца отсекогаш па сѐ до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.[2]
За стари родови од Трпејца се сметаат: Короновци, Филовци, Параловци, Ширевци и Ќеровци. Сите родови се староседелци во Трпејца и нивна куќна слава е Свети Никола.
Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Охрид.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Охрид.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Галичица, во која покрај селото Трпејца, се наоѓале и селата Велгошти, Велестово, Елшани, Лескоец, Љубаништа, Коњско, Пештани, Рамне, Скребатно и Шипокно. Во периодот 1950-1952, селото било дел од општината Љубаништа, во која влегувале селата Љубаништа и Трпејца.
Во селото постои избирачкото место бр. 1292 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[20]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 273 гласачи.[21]
Секое лето во селото од 20 до 28 јули во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ се одржува културната манифестација „На зајдисонце“, која опфаќа повеќе културни настани како изложби, поетски читања, драмски изведби.
Во селото постои кајак-клубот „Рибар“.
После Втората светска војна, околу 30 домаќинства од Трпејца се преселиле во Охрид. Иселеници од Трпејца има и во Ниш (3 к.), Америка (4 к.) и Бугарија.[2]
Според кажувања на жителите во седумдесеттите години на XX век, иселувањата престанале, што е случај и денес бидејќи селото одржува стабилен и еднаков број на жители.[2]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.