From Wikipedia, the free encyclopedia
Бања (грчки: Λουτροχώρι, Лутрохори; книжевно: Λουτροχῶριov, Лутрохорион; понтиски грчки: Λουτροχώρ, Лутрохор; до 1926 година: Μπάνια, Бања[2]) — село и бања во Воденско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Вртикоп, во Централна Македонија, Грција.
Бања Λουτροχώρι | |
---|---|
Црква „Сите Светители“ во селото Бања | |
Координати: 40°43′N 22°07′E | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Постол |
Општина | Вртикоп |
Општ. единица | Вртикоп |
Надм. вис. | м | 90
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 458 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Пошт. бр. | 585 00 |
Повик. бр. | 23810 |
Во селото има три лековити извори и претставува една од најпознатите бањи во Грција.
Селото е седиште на архијерејското намесништво на Воденско-пелско-мегленската епархија на Грчката православна црква.[3]
Селото се наоѓа 9 километри северно од градот Негуш, на околу 7 километри југозападно од градот Вртикоп, во самото воденско-пазарско поле, на надморска височина од 90 метри.[4]
Сместено е во областа Сланица, во североисточното подножје на планината Каракамен, на околу 20 километри југоисточно од градот Воден.
Бања се наоѓа под влијание на средоземната клима. Летата се топли до жешки и релативно долги; зимите се студени и релативно кратки.
Средната максимална дневна температура во јуни изнесува 29 °C, во јули 31 °C и во август 32 °C. Средната минимална дневна температура во декември изнесува 3 °C, во јануари 1 °C и во февруари 3 °C.
Средната месечна температура во јануари изнесува 4 °C, во јули и во август 25 °C. Средната годишна температура изнесува 14,8 °C. Вкупните годишни врнежи изнесуваат 470 mm. Минималните врнежи во август изнесуваат 23 mm, а максималните врнежи во декември со 53 mm.
Максималната измерена температура во Бања изнесувала 42,8 °C, додека минималната −15,3 °C.[5]
Клима на Бања | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Показател | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Просечна максимална (°C) | 7 | 9 | 14 | 18 | 24 | 29 | 31 | 32 | 27 | 22 | 14 | 8 | 19,6 |
Просечна температура (°C) | 4 | 6 | 10 | 13 | 18 | 23 | 25 | 25 | 21 | 17 | 10 | 5,5 | 14,8 |
Просечна минимална (°C) | 1 | 3 | 6 | 8 | 12 | 17 | 19 | 18 | 15 | 12 | 6 | 3 | 10 |
Просечно кол. врнежи (мм) | 43 | 51 | 45 | 35 | 41 | 28 | 27 | 23 | 34 | 39 | 51 | 53 | 470 |
Извор: Freemeteo |
До 1924 година, селото Бања, како и повеќе села од оваа област, било населено исклучително со македонско население.[4]
Во текот на 1920-тите години, во Бања биле населени понтски Грци, иселени од Турција во согласност со Лозанскиот мировен договор и со тоа во 1928 година селото претставувало мешана населба со вкупно 115 жители.[6]
Во 1926 година, селото било преименувано во Лутрохори (Λουτροχώρι; буквално „бањско село“).[7]
Името го добило поради минералните топли и лековити извори што се наоѓаат во непосредна близина.
Бидејќи се наоѓа сред поле и дел од земјата се наводнува, селото е доста богато. Покрај големите количества овошје како резултат на развиеното овоштарство, населението произведува и пченица, памук, сусам и други земјоделски производи, а делумно е развиено и краварството.[4]
Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Бања (Banya) е село во Воденската каза на Отоманското Царство со 15 куќи со вкупно 67 жители.[8]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 84 жители Македонци.[4][9] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бања имало 80 Македонци.[4][10]
Во пописот од 1913 година било забележано само со 23 жители, а во 1920 година со 56. Бидејќи тука подоцна се населиле извесен број бегалски семејства од Понд, селото станало мешана населба, која во 1928 година имала 165 жители, а во 1940 година поради натамошното населување и на други бегалски семејства, бројот на жителите се зголемил на 323, од кои 113 Македонци и 210 бегалци. Во Граѓанската војна, селото не претрпело никакви загуби, така што во пописот од 1951 година било забележано со 367 жители, во 1961 година имало 435, во 1971 година 391, во 1981 година 739, а во 1991 година 483 жители.[4]
Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 466 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 458 жители.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 323 | 367 | 435 | 391 | 739 | 483 | 466 | 458 |
Селото припаѓа на општинската единица Вртикоп со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Вртикоп, во округот Постол. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Каменик, во кој покрај Бања влегуваат и селата Каменик и Ново Село.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.