Атишта
село во Општина Кичево From Wikipedia, the free encyclopedia
Атишта — мало село во областа Долно Кичево, во Општина Кичево, сместено на патот помеѓу градовите Кичево и Македонски Брод.
Атишта | |
![]() Поглед кон Атишта и селската црква | |
Координати 41°27′11″N 21°2′21″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | ![]() |
Област | Долно Кичево |
Население | 15 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 6258 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12002 |
Надм. вис. | 650 м |
Слава | Голема Богородица |
Атишта на Ризницата |
Потекло на името
Не се знае потеклото на името на селото. Сепак, некои кажуваат дека најпрво на денешната местоположба на селото имало ајати, мали колиби, по кои селото го добило и своето име.[2]
Географија и местоположба

Ова мало село се наоѓа во областа Долно Кичево, во југоисточниот дел на територијата на Општина Кичево, во долината на реката Треска, под северозападните падини на планината Баба Сач.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 650 метри. Од градот Кичево е оддалечено 13 километри, а од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод само 1,5 километри.[3]
Селото се наоѓа помеѓу планинската падина на југ и рамницата околу Треска на север. Споменатата положба е погодна од стопански причини. Околни села се: Лисичани, Вранештица, Челопеци и други.[4]
Месностите во низинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Под Брегови, Арбанасинец, Голема Нива, Плашејца, Јаз, Дуконо, Ада, Бука, Требеница, Дупниња, Клисура, Корито и Под Леска. Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Крилатица, Рантилец, Мал Камен, Иванков Дол, Петочна Вода, Летник, Голем Камен, Ливада, Извори, Влашки Оришта, Миркоица и Црквиште.[4]
Селото има збиен тип. Не постојат маала бидејќи е мало и едноставно. Сепак роднинските куќи се групирани и поблиску една до друга.[4]
Атишта се наоѓа лево од патот, кој води до селото Вранештица, а се исклучува од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод. До него води асфалтен пат.
Историја
И Атишта спаѓа во стари населби во Кичевско. Под името Хатиште се споменува во втората половина на XV век, кога броело 12 словенско-христијански куќи.[4]
Со точност староста на населбата не е утврдена. Постојат поделени мислења што на крај се сведуваат на легенди за потеклото. Дистанцирајки се од легендите денес со сигурност може да се каже само дека во непосредна близина на селската црква кај месноста Арбанасинец постоела населба од доцноантичкото време. Материјални докази постојат, но ископувања не се вршени.[5] На селиштето постои извор, на кој е направена чешма.[4]
На денешното место, селото било преместено подоцна. Во минатото селото било дури и поголемо од соседното село Лисичани.[4]
За време на турското владеење, нивите во долината на Треска припаѓале на муслимански семејства од други села: на торбешки семејства од Лисичани и на арбанашки семејства од демирхисарското село С’лп. Од 1912 година нивите се вратиле во посед на мештаните.[4]
Во XIX век, Атишта било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
Атарот е многу мал и зафаќа простор од само 2,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 145,5 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 66,7 хектари, а на пасиштата само 13,9 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
На обработливото земјиште се одгледуваат најмногу житни култури (пченица, јачмен и пченка). Овоштарници на поголема површина има од слива и јаболко. Сточарството е застапено со одгледување овци, кози и свињи. Најголем дел од производите се за сопствена потреба. Основен издршкален приход на населението е пензија.
Население
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото имало 11 домаќинства со 50 жители христијани (Македонци).[6]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Атишта имало 80 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Атишта имало 120 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Атишта се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 10 куќи.[9]
Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Атишта:[10]
Домаќинства | Гурбетчии | Писмени | Неписмени | ||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
мажи | жени | вкупно | мажи | жени | вкупно | ||
13 | 15 | 14 | 1 | 15 | 22 | 33 | 55 |
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[11]
Атишта е мало село, коешто во 1961 година броело 109 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 41 жител, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Атишта живееле 31 жител, сите Македонци.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 80 | 120 | 101 | 100 | 109 | 72 | 55 | 31 | 41 | 31 | 15 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
Атишта е македонско православно село.[4]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:
- Доселеници со познато потекло: Василевци (6 к.), доселени се од некое село во Прилепско во XIX век; Ѓуревци (1 к.), доселени се од некое село во околината на Скадар, доселени се исто така во XIX век; Стефановци (1 к.), потекнуваат од домазет кој бил доселен од селото Кладник; Трајковци (2 к.), доселени се од Прилепско и Трпевци (1 к.) доселени се од селото Лисичани во 1912 година.
- Родови со непознато место на старина: Павлевци (4 к.); Мицковци (2 к.); Николовци (2 к.); Наумовци (2 к.); Стојановци (1 к.), ова се многу стари доселеници, па затоа местото на старина е заборавена.
Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[2]
- Староседелци: Стојановци (1 к.).
- Доселеници: Радичовци (1 к.), ги викаат и Ѓуревци. Нивниот предок Радич, пред околу 270 години дошол од околината на Скадар во Албанија. Од околината на Скадар избегал поради убиство; Трајковци (1 к.), доселени се од Прилепско; Грујовци (1 к.), доселени се од некое околно кичевско село. Ги викаат и Мачкаровци; Стефановци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Кладник; Павлевци (4 к.), доселени се, но не се знае од каде; Трпевци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Лисичани; Далевци (1 к.), иселени, избегале во Неготин во Србија; Василевци (1 к.), доселени се од Прилепско и Топузовци (1 к.), доселени се од селото Цер во Железник.
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Вранештица.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Староец, во која покрај селото Атишта, се наоѓале и селата Бигор Доленци, Вранештица, Карбуница и Староец. Општината Староец постоела и во периодот 1950-1952, во која тогаш влегувале селата: Атишта, Вранештица, Карбуница и Староец.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0802 според Државната изборна комисија, сместено во приватен објект.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 26 гласачи.[18]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 20 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости

- Археолошки наоѓалишта[20]
- Арбасинец — населба и некропола од доцноантичко време
- Цркви[21]
- Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква
Редовни настани
- Голема Богородица — главна селска слава
Иселеништво
Од селото се имаат иселено три домаќинства во Вранештица, осум домаќинства во Миокази и три домаќинства во Кичево. Две домаќинства заминале во Србија.[4]
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.