Вранештица

село во Општина Кичево From Wikipedia, the free encyclopedia

Вранештицаmap

Вранештица — големо село во областа Долно Кичево, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево.

Кратки факти
Вранештица
Thumb

Поглед кон Вранештица

Thumb
Вранештица
Местоположба на Вранештица во Македонија
Вранештица на карта

Thumb

Координати 41°26′42″N 21°01′35″E
Регион Југозападен
Општина Кичево
ОбластДолно Кичево
Население329 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.6258
Повик. бр.045
Шифра на КО12011
Надм. вис.660 м
СлаваИлинден
Вранештица на општинската карта
Thumb

Атарот на Вранештица во рамките на општината
Вранештица на Ризницата
Затвори

До 2013 година селото било административно седиште на истоимената општина, која била припоена кон Општина Кичево.

Географија и местоположба

Thumb
Сретселото

Ова село се наоѓа во областа Долно Кичево, во крајниот јужен дел на Кичевската Котлина, недалеку од патот Кичево-Македонски Брод, во југоисточниот дел на територијата на Општина Кичево.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 660 метри. Од градот Кичево е оддалечено 12 километри, а од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод само 1,1 километар.[2]

Селото се наоѓа во северното подножје на планината Баба Сач. Тоа е едно од најголемите и најпознатите македонски села во Кичевската Котлина. Околни села се: Атишта, Челопеци и Староец.[3]

Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Баба Сач, Кутлиште, Турла, Рамниште, Рамна Краста, Пештера, Ливадиште, Осој, Присој, Пантео Трло, Каралајца, Калиња, Граиште, Гробои, Д’лгаш и Стаматоец. Месностите во низинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Садој, Ограѓе, Калници, Лесковник, Секулица, Дрен, Св. Петка, Рајкојци, Кукулејци, Вртача, Чупчеец, Адине, Мањов Враз, Рофјаник, Широка Шума, Лазој, Крва Бара, Крс, Лагот, Мост, Кленчиња, Латков Брег и Крилатица.[3]

Селото има збиен тип. Постојат четири маала: Горно, Средно, Долно и Лево Маало. Од нив најголемо е Средното Маало. Роднинските куќи се групирани и поблиску една до друга.[3]

До Вранештица води асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод.

Во селото до 1981 постоеле отворени извори (Инков извор, Стаматоец, Зајакоско изворче, Извор и други), но со изградбата на селскиот водовод сите тие извори преку летниот период пресушуваат. Населението со вода се снабдува од системот Студенчица, а покрај него постојат и неколку јавни чешми.

Историја

Вранештица се смета за стара населба во Кичевско и во неа постојат бројни стари македонски родови. Единствено се наведува дека порано селото имало разбиен тип, односно постоеле куќи и на месностите Стари Куќи, Куќине (каде што денес се наоѓа доцносредновековната црква „Св. Илија“) и други. Подоцна, Вранештица станало село од збиен тип.[3]

За самото село се поврзува и Вранешничкиот апостол, ракопис од XIII век.[4]

Во историските извори се сретнува под истото име во втората половина на XV век (1467/1477), кога броело 52 словенско-христијански куќи,[3] меѓу кои 48 семејства, 3 неженети и 1 вдовица.[5]

За време на турското владеење, мештаните многу страдале од муслиманските Арбанаси од демирхисарското село С’лп. Тоа село имало околу 60 куќи и неговите жители ги запоседнале сите пасишта и шуми на планината Баба Сач, но и најдобрите ниви во атарот на Вранештица. Освен тоа, на превојот Турла го контролирала сообраќајот Кичево-Битола. Тоа село при една буна во 1913 година било целосно уништено.[3]

Во XIX век, Вранештица било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Стопанство

Атарот зафаќа простор од 15,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.100,3 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 259,9 хектари, а на пасиштата само 143,8 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат продавници.[2]

Мештаните на Вранештица се занимаваат со земјоделство и сточарство, а во минатото особено било развиено грнчарството.[3]

Во минатото во селото работела фабрика за тули и ќерамиди.[6]

Население

Повеќе информации Година, Нас. ...
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948792    
1953797+0.6%
1961745−6.5%
1971750+0.7%
1981710−5.3%
ГодинаНас.±%
1991549−22.7%
1994496−9.7%
2002438−11.7%
2021329−24.9%
Затвори

Според податоците од 1873 година, селото имало 84 домаќинства со 290 жители христијани (Македонци).[7]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Вранештица имало 750 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Вранештица имало 960 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Вранештица се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 120 куќи.[10]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Вранештица:[11]

Повеќе информации Домаќинства, Гурбетчии ...
Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
119 111 151 49 200 165 274 439
Затвори

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[12]

Вранештица е средно село по големина, но со намалување на бројот на население. Во 1961 година селото броело 745 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 496 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Вранештица живееле 438 жители, од кои 437 Македонци и 1 Србин.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 329 жители, од кои 313 Македонци и 16 лица без податоци.[14]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Повеќе информации Година ...
Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 750 960 792 797 745 750 710 549 496 438 329
Затвори
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]

Родови

Вранештица е православно македонско село. Селото е многу старо по постанок и во него има зачувано голем број на староседелски родови.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Староседелски: Ковачевци (10 к.), Пуздерковци (6 к.), Грковци (5 к.), Шошолевци (4 к.), Манајлевци (4 к.), Наревци (4 к.), Поп Настевци (4 к.), Тофановци (4 к.), Скајовци (3 к.), Мучовци (3 к.), Голушковци (3 к.), Минговци (3 к.), Златевци (3 к.), Калевци (3 к.), Кузевци (3 к.), Богојевци (3 к.), Ишковци (3 к.), Милошевци (2 к.), Попчевци (2 к.), Наумовци (2 к.), Симуновци (2 к.), Суљовци (2 к.), Грубевци (2 к.), Туловци (2 к.), Миленковци (2 к.), Брдаровци (2 к.), Прчевци (2 к.), Митрашевци (2 к.), Тофиловци (1 к.), Караџовци (1 к.), Бојовци (1 к.), Митревци (1 к.), Ивановци (1 к.), Скуревци (1 к.), Карафиловци (1 к.), Поповци (1 к.), Пејчиновци (1 к.), Дамчевци (1 к.), Поповци (1 к.), Таневци (1 к.), Борисовци (1 к.), Ќосевци (1 к.) и Србиновци (1 к.), сите овие родови се староседелски, а сите родови настанале од разгранување на поголеми родови;
  • Доселенички: Србаковци (8 к.), потеклото им е од околината на Ужице во Србија, некои муслимани за време на востанието во Србија во 1813 година донеле две жени со деца во селата Лисичани и Вранештица и така овој род е од децата, од овој род потекнува Ванчо Србаков; Пољанковци (8 к.), доселени се од селото Пашино Рувци во Прилепско; Миловци (7 к.), Зајаковци (4 к.), Ќиријовци (3 к.) и Матевци (2 к.), сите доселени од селото Цер; Незировци (1 к.), доселени се од соседното село Атишта; Голабовци (3 к.), доселени се од некое село во Струшко; Корабовци (2 к.), доселени се од кичевското село Ново Село.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[19]

  • Староседелски: Грубевци (2 к.), Калевци (2 к.), Симуновци (1 к.), Јолевци (1 к.), Скуровци (3 к.), Незировци (3 к.), Ковачевци (5 к.), Шошола (1 к.), Пуздерковци (3 к.), Ивановци (1 к.), Газовци (1 к.), Дудачовци (1 к.), Фулаковци (1 к.), Маревци (3 к.), Грковци (3 к.), Мучовци (3 к.), Мркоглаовци (1 к.), Пркевци (2 к.), Лопушковци (1 к.) и Тетелевци (2 к.).
  • Доселенички: Чурчијевци (2 к.), доселени се од селото Дупјани, а таму се доселени од Тетовско; Брдаровци (4 к.), доселени се од селото Цер во Железник пред 200 години; Богојевци (4 к.), доселени се од селото Бигор Доленци; Пољаковци (2 к.), доселени се од Битолско пред 135 години; Бојовци (2 к.), доселени се од некое село Брезово кај Прилеп? (веројатно Брезово во Железник); Ќосевци (1 к.), доселени се од селото Цер во Железник; Црничовци (1 к.), доселени се од селото Челопеци; Карафиловци (1 к.), доселени се од Охридско или селото Малкоец; Србиновци (3 к.), доселени се од Србија; Ѓорнаумовци (3 к.), доселени се од Кумановско; Куневци (1 к.), доселени се од Цер во Железник; Кузевци (1 к.), дошле со Карафиловци од Охридско; Тофиловци (2 к.), доселени се од Битолско; Корабовци (3 к.), доселени се од селото Ново Село; Лешниковци (2 к.), потекнуваат од домазет доселен однекаде; Пејчиновци (1 к.), доселени се од Прострање; Газиновци (3 к.), доселени се од селото Атишта; Попчевци (2 к.), доселени се од селото Велмевци во Железник; Коритаровци (1 к.), од домазет, однекаде; Голабовци (3 к.), доселени се од Струшко; Кундаковци (2 к.), доселени се од Цер во Железник; Гугевци (1 к.), доселени се од Тетовско; Минговци (1 к.), доселени се од селото Староец; Кушиновци (1 к.), доселени се од селото Челопеци; Таневци (2 к.), доселени се преку селото Староец од Охридско; Митревци (2 к.), доселени се од Мариово; Бентовци (1 к.), доселени се од селото Атишта; Паспалковци (2 к.), доселени се од селото Лисолај кај Битола; Прчевци (2 к.), доселени се од Порече; Чушковци (1 к.), доселени се од селото Лупште во Порече; Србаковци (2 к.), доселени се пред околу 250 години од околината на Ужице или од Приштина. Дошле барајќи си ја сестрата и останале овде. Ги има и во Порече и Гостивар; Станчевци (1 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од селото Цер во Железник и Баталковци (2 к.), доселени се од околината на Призрен во Косово.

Општествени установи

Thumb
Основното училиште „Ванчо Србаков“ во Вранештица
Thumb
Спортско игралиште до основното училиште „Ванчо Србаков“

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото било седиште на некогашната Општина Вранештица.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Староец, во која покрај селото Атишта, се наоѓале и селата Бигор Доленци, Вранештица, Карбуница и Староец. Општината Староец постоела и во периодот 1950-1952, во која тогаш влегувале селата: Атишта, Вранештица, Карбуница и Староец.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 0804 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[20]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 362 гласачи.[21]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 355 гласачи.[22]

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта[23]
  • Градиште — средновековна населба и некропола; и
  • Кале — утврдување од доцноантичкото време.
Цркви[24]
  • Црква „Св. Никола“ — главна селска црква;
  • Црква „Св. Ѓорѓи“ — доцносредновековна црква и археолошко наоѓалиште, која воедно е и заштитен споменик на културата; и
  • Црква „Св. Илија“ — доцносредновековна црква и археолошко наоѓалиште, која воедно е и заштитен споменик на културата.
Споменици

Редовни настани

  • Илинден (2 август) — главна селска слава

Личности

Родени или по потекло од Вранештица

Иселеништво

Вранештица е село од кое населението не се селело често, како што е случај со поголемиот број села во Кичевско, а тоа се должи на добрата географска положба и близината со градотКичево. Но, сепак, и покрај тоа, од селото има иселеници, во мал број и тоа од родот Матевци има иселеници во Кикинда, од родот Пољанковци има иселеници во Кичево, постари иселеници има во Бугарија, а по еден род има отселено во селата Мало Црско(Златановци) и Староец (Голабовци).

Галерија

Наводи

Поврзано

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.