From Wikipedia, the free encyclopedia
Александар Флеминг (6 август 1881 – 11 март 1955 ) — шкотски биолог и фармаколог. Флеминг објавил многу статии за бактериологија, имунологија и хемотерапија. Негови најпознати достигнувања се откривањето на ензимот лизозим во 1923 година и откривањето на антибиотичката супстанција пеницилин од габата Penicillium notatum во 1928 година, за што во 1945 година ја поделил Нобеловата награда за физиологија или медицина со Хауард Волтер Флори и Ернст Борис Чејн.[1]
Александар Флеминг | |
---|---|
Флеминг во 1943 г. | |
Роден(а) | 6 август 1881 Локфилд, Шкотска |
Починал(а) | 11 март 1955 73) Лондон, Англија | (возр.
Државјанство | Обединето Кралство |
Националност | Шкот |
Полиња | бактериологија, имунологија |
Образование | Кралска Политехничка Институција; Медицинско Училиште и Болница Св. Мери |
Познат по | Откривањето на пеницилинот |
Поважни награди | Нобелова награда за физиологија или медицина (1945) |
Потпис |
Флеминг се родил на 6 август 1881 година во Локфилд, фарма близу Дарвел во Ајшир, Шкотска. Тој бил третото дете од вкупно четирите деца на Хју Флеминг (1816 – 1888) од неговиот втор брак со Грејс Стирлинг Мортон (1848 – 1928), ќерката на соседниот фармер. Хју Флеминг имал четири живи деца од неговиот прв брак. По вторпат се оженил на 59 години, а починал кога Александар (познат како Алек) имал седум години.
Флеминг се школувал во училиштата „Луден Мор“ и „Дарвел“, а потоа две години се образувал во академијата Килмарнок.[2] Откако четири години работел во бродска служба, дваесет и четиригодишниот Флеминг наследил малку пари од вујко си, Џон Флеминг. Неговиот постар брат, Том, веќе бил лекар и му предложил на својот помлад брат да ја одбере истата професија, така во 1901 година, помладиот Александар се запишал во болницата „Сент Мери“ во Падингтон, Лондон. Во 1906 година, се квалификувал со почести во медицинскиот факултет и добил можност да стане хирург.
Меѓутоа, случајно членувал во стрелечкиот клуб (бил активен член на Доброволните сили од 1900 година). Капитенот на клубот, со желба да го задржи Флеминг во тимот, му предложил да се запише на одделението за истражување во „Сент Мери“, каде што станал асистент бактериолог на Сер Алмрот Врајт (анг. Almroth Wright), пионер во терапијата со вакцини и имунологијата. Добил диплома по медицина, а потоа во 1908 година го положил завршниот испит со Златен медал и предавал во „Сент Мери“ до 1914 година. На 23 декември 1915 година, Флеминг се оженил за образувана медицинска сестра, Сара Мерион Мекелрој од Килала, Мајо (анг. Killala), Ирска.
За време на Првата светска војна, Флеминг бил капетан во Кралскиот медицинскиот корпус на армијата и добил воено одликување. Флеминг и многу негови колеги работеле во болниците на бојните полиња на западниот фронт во Франција. Во 1918 година, се вратил во болницата „Сент Мери“, која била клиника. Во 1928 година, бил избран за професор по бактериологија на универзитетот во Лондон.
По војната Флеминг активно барал антибактериски агенси, поради тоа што видел многу војници како умираат од сепса како последица на инфицирани рани. За жал антисептиците поефективно ја уништувале имунолошката одбрана на пациентите отколку што ги уништувале бактериите. Во една статија за медицинскиот весник „Лансет“ за време на Првата светска војна, Флеминг опишал еден генијален експеримент, што бил во можност да го спроведе благодарение на неговите сопствени вештини на дување стакло, каде објаснува зашто за време на Првата светска војна антисептиците всушност убивале повеќе војници од самата инфекција. Антисептиците делувале добро на површината, но длабоките рани биле склони да ги сокријат анаеробните бактерии од антисептичкиот агенс, па се чинело дека антисептиците колку што ги отстранувале бактериите, толку ги отстранувале и произведените благотворни агенси кои всушност ги штителе пациентите во овие случаи, а не ги отстранувале бактериите до кои не можеле да допрат. Сер Алмрот Врајт (анг. Almroth Wright), силно ги поддржувал наодите на Флеминг, но и покрај тоа, во текот на Првата светска војна повеќето лекари во армијата продолжиле да користат антисептици дури и кога тоа ја влошувало состојбата на пациентите.
„Кога се разбудив рано изутрина на 28 септември 1928 година, несомнено не планирав да ја револуционизирам сета медицина преку откривањето на првиот антибиотик или убиец на бактерии во светот“, подоцна кажува Флеминг, „Меѓутоа, изгледа го сторив токму тоа.“.[3]
До 1927 година, Флеминг ги истражувал својствата на стафилококите. Веќе бил познат по неговата претходна работа и се здобил со углед на брилијантен истражувач, но прилично невнимателен лабораториски техничар; често ги заборавал културите на кои работел, а неговата лабораторија по правило често била во хаос. Кога се вратил од едно подолго патување, Флеминг забележал дека многу од неговите садови со култури биле загадени со габи, па ги фрлил садовите во средство за дезинфекција. Меѓутоа подоцна, требал да му покаже што истражувал на еден посетител, па вратил некои од потопените садови што инаку би ги исфрлил. Тогаш забележал една област околу заразните габи каде се чинело дека бактериите не можеле да се размножуваат. Флеминг продолжил да одвојува екстракт од мувлосаниот леб, за кој точно се утврдило дека бил од родот Penicillium, па затоа агенсот го нарекол пеницилин.[4]
Го истражувал неговото позитивно антибактериско влијание врз голем број организми и забележал дека агенсот делувал врз бактериите како стафилококи, како и врз сите Грам-позитивни патогени (шарлах, пневмонија, менингитис, дифтерија), но за жал не влијаел врз тифус или паратифус, за кои тогаш барал лек. Пеницилинот делувал и врз гонореја, иако оваа состојба е предизвикана од Грам-негативен патоген.
Во 1929 година, Флеминг го објавил своето откритие во една статија во британскиот весник за експериментална патологија[5], но не му се обрнало внимание. Флеминг продолжил со своите истражувања, но открил дека одгледувањето на пеницилинот било прилично тешко и дека откако ќе израсне мувлата, одвојувањето на антибиотичкиот агенс е дури уште потешко. Флеминг имал впечаток дека поради проблемот околу произведувањето на овој агенс во квантитет, како и поради тоа што се чинело дека делува бавно, пеницилинот не би бил значаен во лекувањето на инфекции. Флеминг верувал и дека пеницилинот не би издржал долго во човековото тело (in vivo) за ефикасно да ги уништи бактериите. Многу клинички тестови биле неодредени, веројатно затоа што пеницилинот се користел како површински антисептик. Во 1930-тите, испитувањата на Флеминг се покажале понадежни,[6] па до 1940 година тој продолжил да се обидува и да заинтересира еден хемичар кој бил доволно обучен за понатаму да го пречистува употребливиот пеницилин.
Флеминг набргу го оставил пеницилинот, а не долго потоа Хауард Флори и Ернст Борис Чејн продолжиле со негово истражување и масовно производство финансирани од владите на САД и Британија. Масовното производство на пеницилин започнало по бомбардирањето на Перл Харбор. Кога дошол денот „Д“ (десантот на сојузничките сили во Нормандија), тие имале доволно пеницилин за лекување на сите ранети од сојузничките сили.
Ернст Чејн и Едвард Абрахам пронашле начин како да се одвои и концентрира пеницилинот. Исто така, правилно ја претпоставиле и структурата на пеницилинот. Набргу откако тимот ги објавил своите први резултати во 1940 година, Флеминг му се јавил на Хауард Флори, раководителот на одделението на Чејн и му рекол дека ќе ги посетува во наредните неколку денови. Кога Чејн слушнал за доаѓањето на Флемиг рекол „Боже мој! Мислев дека е мртов.“[7]
Норман Хетли предложил да се пренесе активната состојка на пеницилинот назад во вода преку менување на неговата киселост. Со ова се произвела доволна количина од лекот за да се започне со негово испитување врз животни.
Во 1998 година, Сер Хенри Херис рекол: „Без Флеминг, ќе го немаше Чејн; без Чејн, ќе го немаше Флори; без Флори, ќе го немаше Хитли; без Хитли, ќе го немаше пеницилинот.“[8] Во тимот на Оксфорд биле вклучени многу луѓе, а во еден момент целото школо на Сер Вилијам Дан учествувало во производството на пеницилин.
Во 1940 година, откако тимот развил метод за пречистување на пеницилинот до прва делотворна стабилна форма, следеле повеќе клинички испитувања, а во 1945 година нивниот чудесен успех го поттикнал тимот да развие методи за масовно производство и масовна дистрибуција на пеницилин.
Флеминг бил скромен за својот удел во развојот на пеницилинот, а својата слава ја опишувал како „Митот за Флеминг“ и ги фалел Флори и Чејн затоа што лабораториската љубопитност ја претвориле во практичен лек. Флемин прв ги открил својствата на активната супстанција и ја имал привилегијата да ја нарече „пеницилин“. Тој исто така ја чувал, ја одгледувал и ја разделувал првобитната мувла во текот на дванаесет години, а до 1940 година продолжил да се обидува да добие помош од некој хемичар кој бил доволно обучен да произведе пеницилин.
Во септември 1928 година, случајното откритие на Флеминг и одвојувањето на пеницилинот, го обележува почетокот на современите антибиотици.
Флеминг исто така многу рано открил дека кога се користи премалку пеницилин или пак пеницилинот се употребува за прекраток период, бактериите развивале отпорност на антибиотици.
Алмрот Врајт ја предвидел отпорноста на антибиотици уште пред да биде забележана за време на експериментите.
Во многу свои обраќања насекаде во светот, Флеминг предупредил за употребата на пеницилинот. Предупредил да не се користи пеницилин, освен кога постои точно дијагностицирана причина за негова употреба, како и тоа доколку се користи пеницилин, никогаш да не се користи премалку ниту за прекраток период, затоа што под овие околности се развива бактериска отпорност кон антибиотици.
Познатата приказна[9] во која се раскажува како таткото на Винстон Черчил го платил образованието на Флеминг откако таткото на Флеминг му го спасил животот на младиот Винстон е лажна. Според биографијата, „Човекот на пеницилинот: Александар Флеминг и антибиотичката револуција“ (анг. Penicillin Man: Alexander Fleming and the Antibiotic Revolution) од Кевин Браун, во едно писмо[10] до својот пријател и колега Андре Грација,[11] Александар Флеминг ја опишал оваа приказна како „чудесна бајка“. Не е вистинита ни приказната дека за време на Втората светска војна самиот Флеминг го спасил Винстон. Кога во 1943 година Черчил се разболел во Картагина во Тунис, него го спасил лорд Моран со помош на сулфонамиди, бидејќи немал искуство со пеницилин. На 21 декември 1943 година, во весниците „Дејли телеграф“ и „Морнинг пост“ пишувало дека Черчил се спасил со пеницилин. Тој се спасил благодарение на новиот лек сулфонамид, сулфапиридин, тогаш познат под истражувачкиот код M&B 693, а откриен и произведен од ДОО „May & Baker“, Дагенхам, Есекс – филијала на француската група „Rhône-Poulenc“. Во една подоцнежна радиопрограма, Черчил го спомнал новиот лек како „овој одличен M&B“.[12]
Сара, првата жена на Флеминг, починала во 1949 година. Нивното син единец, Роберт, станал општ лекар. По смртта на Сара, на 9 април 1953 година, Флеминг се оженил со д-р Амалија Кутсури-Вурекас, грчка колешка од „Сент Мери“; таа починала во 1986 година.
Во 1955 година, Флеминг умрел ненадејно од срцев удар во својот дом во Лондон. Бил кремиран и една недела подоцна неговата пепел била закопана во катедралата Сент Пол. Александар Флеминг бил католик.[13]
Неговото откритие на пеницилинот го променило светот на современата медицина преку воведување на епохата на корисните антибиотици; пеницилинот спасил и сè уште спасува милиони луѓе.[14]
Музејот на Флеминг се наоѓа во лабораторијата на болницата „Сент Мери“ во Лондон, каде Флеминг го открил пеницилинот. Во областа Ломита постои и школо наречено „средно училиште Александар Флеминг“. Колеџот „Империјал“ исто така има зграда наречена по него, „зградата Сер Александар Флеминг“.
Александар умрел од заразната болест ТИФУС.[15]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.