англиска музичка група From Wikipedia, the free encyclopedia
The Prodigy (македонска транскрипција: Продиџи)— англиска електронска-денс музичка група основана во Брејнтри, Есекс, во 1990 година. Првата постава на групата ја сочинувале: продуцентот, клавијатурист и текстописец Лијам Хаулет, танчерот и пејач Кит Флинт, танчерот и повремен клавијатурист Лирој Торнхил, танчерката Шарки и MC и пејачот Максим. Тие се пионери на биг-бит жанрот, а нивниот стил го опишуваат како електронски панк.[1][2]
The Prodigy | |
---|---|
The Prodigy во 2009 на настап на Cokelive Festival во Романија | |
Животописни податоци | |
Потекло | Брејнтри, Англија |
Жанрови |
|
Период на активност | 1990–денес |
Издавачи |
|
Мреж. место | theprodigy.com |
Продиџи се една од најуспешните електронски групи на сите времиња, со продадени околу 25 милиони плочи ширум светот.[3] AllMusic ги опишала како „прв денс изведувач за алтернативната публика“ и како „Кумови на рејвот“.[4] The Prodigy освоиле многу награди за време на нивната кариера, меѓу кои и две Британски музички награди за најдобар британски денс изведувач, три МТВ Видео Музички Награди, две Kerrang! награди, пет награди на MTV Europe и двa пати биле номинирани за Греми награда.[5][6]
На една од многуте забави каде Хаулет бил диџеј, му пришле танчерот Лирој Торнхил (роден на 8 октомври 1969 година) и неговиот пријател Кит Флинт. Двајцата биле возбудени од музиката на Хаулет и од него побарале да им направи лента со миксови; Хаулет им направил касета со диџеј миксови на едната страна и негови песни од другата страна.[7] Хаулет на касетата го напишал зборот „Prodigy“, што се однесувало на синтисајзерот Moog Prodigy кој го користел за правење дел од музиката.[8] [7] Флинт и Торнхил биле воодушевени од касетата и кон музиката додале нови танцови секвенци, а на Хаулет му предложиле да основаат заедничка група.[7] Одлучиле The Prodigy да биде име на групата и го ангажирале четвртиот член на групата, танчерката и пејачка Шарки која била пријателка на Флинт; групата официјално била основана на 5 октомври 1990 година.[9] [7]
Првата свирка ја имале во февруари 1991 година во клубот The Four Aces (тогашен Labrynth) во Далстон (Источен Лондон). Свирката ја организирал Зиги, локален промотер кој станал нивен прв менаџер. Непосредно пред концертот, членовите на групата се сретнале со раперот и MC Maxim. Бидејќи сè уште им требал MC, го повикале Максим да ѝ се придружи на групата.[10]
Набргу по нивното деби во живо, Хаулет завршил демо-лента со 10 песни и ја пратил во Tam Tam Records со надеж дека ќе им биде понуден договор за снимање, но биле одбиени.[7] Потоа демо лентата ја пратил во XL Recordings кои потпишале договор со групата за издавање на четири синглови.[7] Во февруари 1991 година, Prodigy го објавиле нивното прво официјално издание, EP-то What Evil Lurks, на кое имало четири песни од демото на Хаулет. Набргу по потпишувањето со XL Records, Шарки повеќе не можела да се посвети на групата и си заминала.
Во август 1991 година, The Prodigy го објавиле својот прв сингл „Charly“, во кој биле вметнати дијалози од анимираната серија Charley Says.[8] Синглот станал хит на рејв-сцената,[11] и стигнал до прво место на топ-листата за денс синглови во Обединетото кралство и трето место на топ-листата за синглови во Обединетото Кралство, со што групата се здобила со поголемо внимание од јавноста.[12] Нивниот втор сингл, "Everybody in the Place (Fairground Edit)", бил објавен во декември 1991 година.[8] Се искачил на второ место во ОК, веднаш зад повторното објавената „Bohemian Rhapsody“ од Queen по смртта на нивниот пејач Фреди Меркјури.[13]
Во 1991 и 1992 година, Хаулет го снимал нивниот прв целосен студиски албум Experience. Хаулет, инспириран од Пинк Флојд, прво сакал да направи „рејв концепциски албум“, носе откажал од идејата поради ризикот од ограничување на неговите музички идеи.[7] Албумот бил објавен во септември 1992 година, и се продал во преку 300.000 примероци.[14][15] Овој албум се смета за значајно издание во британската рејв музика и бил влијателен за американскиот диџеј и музичар Моби.
Хаулет објавил анонимна винил плоча, носејќи ги само насловите „Earthbound I“ и „Earthbound 2“, а во септември 1993 година песните биле официјално објавени како „One Love“ и „Full Throttle“ и стигнале до 8-мо место во ОК.[16] Во тоа време групата барем еднаш неделно настапувала во живо и почнала да настапува во странство, како Германија, САД и Јапонија.[17]
Во септември 1994, бил објавен вториот студиски албум на Продиџи, Music for the Jilted Generation. Веднаш се нашол на прво место на топ-листата во ОК и добил позитивни критики.[4] Бил номиниран за наградата Меркјури.[18] Групата избегнувала мејнстрим пубицитет, и одбила да се појави на Top of the Pops и други ТВ емисии во ОК.[19]
По меѓународниот успех на Music for the Jilted Generation, на групата во 1995 година само за настапите во живо ѝ се приклучил гитаристот Џим Дејвис. Потоа бил заменет со Гиз Бат од групата Janus Stark, кој останал во групата во следните три години.[20]
Во април 1996 година, бил објавен синглот „Firestarter“ во кој групата прв пат употребила вокали. Синглот ѝ помогнал на групата да се пробие во САД и на други прекуокеански пазари и се искачил на прво место на топ-листата за синглови во ОК.[21] Истата година, Prodigy настапиле на престижниот фестивал Лолапалуза.
На 30 јуни 1997 година, The Prodigy го издале нивниот трет албум The Fat of the Land, со кој во неделата кога бил објавен се искачиле на прво место на топ-листите во 23 држави.[21] Во Обединетото Кралство таа недела продале повеќе албуми од останатите топ-100 заедно и осум пати повеќе од тогашниот број 2, OK Computer од Radiohead.[22] Албумот подоцна стигнал до прво место на топ листите во 27 земји и добил повеќе платинести награди ширум светот. Бил најпродаван албум во 1998 година.
Во 1999 година бил објавен албумот The Dirtchamber Sessions Volume One, диџеј-микс албум на Хаулет.[23] Во јуни истата година, кога групата веројатно го достигнала својот комерцијален врв, тие се разделиле со гитаристот Гиз Бат. Во 2000 година и Торнхил ја напуштил групата.[24]
Во 2001 година, Палмер и Торнхил започнале свои соло кариери и двајцата објавиле свој сингл. Кит Флинт исто така се обидел со свој проект, но иако албумот наречен Office #1 веќе бил продуциран, проектот пропаднал пред официјалното објавување. Тројцата, во 2002, настапиле на неколку фестивали во Европа година и во јули 2002 година ја претставиле својата нова песна Baby's Got a Temper. Песната била разочарување за критиката. Истата година, списанието Q ги ставило Prodigy на листата од „50 групи што треба да ги видите пред да умрете“.[25]
Во 2004 година, бил издаден четвртиот албум на The Prodigy, Always Outnumbered, Never Outgunned. По претежно негативните критики за Baby's Got a Temper, промената во насоката била очигледна. Во исто време, групата, а особено Лијам Хаулет, била во креативна криза. Палмер и Флинт повеќе не учествувале во продукцијата на албуми. Максим и Кит Флинт и понатаму биле неизоставен дел од настапите во живо. Иако албумот добро се продавал,[14] само неколку критичари биле импресионирани од него.
Првите два албума од Продиџи, Experience и Music for the Jilted Generation биле реиздадени во проширени, луксузни изданија на 4 август 2008 година.[26] Освен тоа што биле ремастерирани, новите изданија имале бонус диск со миксови, раритети и песни во живо.
На 5 ноември 2008 година, било објавено дека петтиот студиски албум на групата ќе се вика Invaders Must Die и дека ќе биде издаден со новата издавачка куќа на групата, Take Me to the Hospital. Бил издаден во САД на 3 март 2009 година и бил прв албум на Продиџи по „The Fat of the Land“ од 1997 година на кој се појавуваат сите три члена на групата.[27][28]
Invaders Must Die бил издаден на 21 февруари 2009 година во Австралија и на 23 февруари 2009 година во Европа, заземајќи го првото место во ОК со продажба во првата недела од преку 97.000 примероци.[21] Албумот исто така стигнал до топ-5 во Германија и Австралија и топ-10 во Норвешка и неколку други европски земји.
Во мај 2011 година, групата го издала World's on Fire, нивен прв албум во живо и концертен филм кој го документира нивниот концерт од 24 јули 2010 година во Милтон Кејнс.[29] Филмот бил прикажан во определени кина низ Европа само една вечер.[30] На 16 ноември 2010 година, по нивната американска турнеја со Linkin Park, Хаулет објавил дека The Prodigy ќе започне да работи на нов албум.[31]
Во април 2012 година, за да ја одбележат петнаесетгодишнината од објавувањето, бил реиздаден The Fat of the Land,[32] на кој имало и ремикси од повеќе групи како Major Lazer, Noisia и Zeds Dead.
На 2 јули 2014 година, групата открила дека нивниот претстоен албум ќе има друго име и „насилен звук“.[33] Во август 2014 година, тие потпишале договор со Three Six Zero за САД,[34] враќајќи се во Warner Music за прв пат по 2004 година. На 6 јануари 2015 година било објавено дека следниот албум на Prodigy ќе биде објавен на 30 март 2015 година и дека ќе биде насловен како The Day Is My Enemy.[35]
На 12 јануари 2015 година, The Prodigy ја објавиле песната „Nasty“ како водечка песна од нивниот претстоен албум. Хаулет открил дека „зборот насилен постојано се појавува“ кога го опишува албумот. Целиот процес на снимање траел речиси шест години, а биле потребни неколку студија и неколку рестартирања за да се воспостави тој „лут, енергичен звук“.[36]
На 23 февруари 2015 година, The Prodigy ја објавиле „Wild Frontier “ како втор сингл од нивниот претстоен албум The Day Is My Enemy кој бил објавен три дена претходно. Во мај 2015 година, The Prodigy најавиле зимска турнеја во Велика Британија и европска турнеја во 2015 година, со Public Enemy како поддршка.[37]
Седмиот студиски албум на The Prodigy, No Tourists, бил објавен на 2 ноември 2018 година.[38]
На 4 март 2019 година, Флинт бил пронајден мртов во неговиот дом во Есекс,[39] неколку недели по турнејата на групата во Австралија и Нов Зеланд.[40][41] Остаокот од турнејата на Продиџи била откажана. Во август 2020 година, Хаулет река дека Продиџи ќе продолжи да постои.[42] Тој потврдил дека нова музика ќе биде објавена во 2021 година.[43] Поранешниот член Лирој Торнхил изјавил дека Хаулет работи на нов албум на Продиџи и дека сака да го заврши како почит за Флинт.[44] На 10 февруари 2021 година, групата ја објавила намерата да започне со продукција на документарен филм за историјата на групата, но дека насловот и датумот на издавање не се познати. Режијата на филмот му била доверена на нивниот долгогодишен соработник Пол Дагдејл, а продукцијата на Pulse Films.[45]
На 7 март 2022 година, The Prodigy најавиле турнеја низ ОК за јули, што се совпаѓа со 25-годишнината од The Fat of the Land, а исто така навестиле дека на турнејата ќе биде изведен нов материјал.
Покрај The Chemical Brothers и Fatboy Slim, The Prodigy се сметаат за пионери на биг-бит жанрот, кој се стекнал со мејнстрим популарност во 1990-тите.[46] Продиџи не се смета за целосен претставник на жанрот, бидејќи според AllMusic нивната продукција „често ја рефлектираше поинтелигентната предност на трип-хопот и ретко навлегуваше во безумната арена на вистинскиот биг-бит“.[46] Продиџи се сметаат и за техно,[47][48][49] алтернативна денс,[50][51] електронски рок,[52][53] електропанк,[3][54] рејв,[55][56] денс-рок,[57] електроника,[47] брејкбит хардкор,[58] индустриска,[53] рап рок,[59] и рок музичка група.[60]
Студиски албуми
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.