фамилија на птици From Wikipedia, the free encyclopedia
Јастреби (науч. Accipitridae) — една од двете главни семејства во редот на јастребовидните (Accipitriformes). Се одликуваат со големи димензии, криви клунови и разновидна морфологија, во зависност од начинот на исхрана. Овие грабливки се хранат со различен плен, од инсекти до помали цицачи, додека пак некои јадат мрша, па дури и плодови. Семејството има светска распространетост низ сите континенти (освен на Антарктикот) и некои островски групи во Океанија. Некои видови се преселнички.
Јастреби Период: еоцен – денес, | |
---|---|
Јастреб-кокошкар (Spizaetus ornatus) | |
Научна класификација [ у ] | |
Класа: | Птици |
Ред: | Јастребовидни |
Семејство: | Јастреби Vieillot, 1816 |
Потсемејства | |
Во семејството спаѓаат голем број на мошне познати птици, како што се јастребите, орлите, луњите, еите и мршојадците. Орлите-рибари се сместени во свое семејство (Pandionidae), а истото важи и за секретарот (Sagittariidae) и американските мршојадци (Cathartidae). Кариотипните податоци[1][2][3] потврдуваат дека членовите на ова семејство се посебна монофилетска група, но сè уште не е решено дали семејството треба да се смести во состав на редот соколовидни (Falconiformes) или пак во свој ред или редови.
Науката го дели семејството на 5 до 10 потсемејства, зависно од приодот. Најголемиот број делат мошне слична морфологија, но голем дел од нив имаат таксони што позначително отстапуваат од заедничките одлики. Затоа, нивната класификациска сместеност се должи на отсуството на сознанија наспроти востановени особености. Од овие причини, филогенетскиата поставеност на јастребите отсекогаш била спорен предмет.
Птиците од семејството се препознатливи по необичниот распоред на нивните хромозоми.[4] Освен тоа, морфологијата и податоците од низи со цитохром b на мтДНК даваат збунувачка слика за поврзаноста помеѓу овие птици. Сепак, утврдено е дека јастреби, луњи, орли и мршојадците речиси со сигурност не образуваат монофилетски групи.
Според молекуларните податоци, глувчарите (Buteoninae) се најверојатно поли- или парафилетски, а вистинските орли, морските орли и глувчарите имаат посебно потекло. Овие сочинуваат една група заедно со луњите (Milvinae), јастребите (Accipitrinae) и еите (Circinae), но точните односи помеѓу нив не можат да се разјаснат со расположливите податоци. Осојадите (Perninae), а можеби и сивите луњи (Elaninae) се од постари лози, а истото важи и за мршојадците. Мршојадците веројатно се поли- или парафилетски, со извесни отстапувања како што се брадестиот и египетскиот мршојадец, кои се разликуваат од головратите „вистински“ мршојадци.[5]
Јастребите се разновидно семејство со висок степен на разноликост по димензии и облик. По големина се движат од мошне малата бисерна луња и малиот врапчар со должина од 23 см и тежина од 85 гр, па до црниот мршојадец, кој е долг 120 см и тежи 14 кг. Сè до XIV век од Нов Зеланд живеел денес изумрениот Хастов орел, кој ги надминува денешните видови со својата должина од 140 см и тежина од 15 кг.[6] Како такво, семејството е најразновидно од сите птичји семејства по тежина. Повеќето се одликуваат со полов диморфизам во големината: женките се поголеми од мажјаците, што е необично за птиците.[7] Оваа разлика е најизразена кај птицоловните видови како јастребот (Accipiter), со просечна разлика во големината од 25–50%. Кај поголемиот дел од видовите, како оние посветени на ловење глодачи, влекачи, риби и инсекти, диморфизмот е помалку изразен, со разлика од само 5%-25% од големината. Кај мршојадците и луњите практично не постои разлика во големината помеѓу половите.[8]
Клуновите им се силни, закривени (напати многу искривени, како кај кривоклуниот осојад (Chondrohierax uncinatus) и луњата-полжаварка (Rostrhamus sociabilis)). Некои видови имаат забец на горната вилица. Почетокот на горната вилица (клунот) секогаш е покриен со жолта кожинка. Стапалата кај разните видови се разликуваат според исхраната: оние што се хранат со птици како врапчарите имаат долги и истенчени стапала, додека пак оние што ловат поголеми цицачи се имаат дебели и силни стапала. Орелот-змијар има дебели крлушки како заштита од касање.
Перјето на јастребите е впечатливо, но нема силни бои. Повеќето имаат мешавина од сива, драп и кафеава боја.[9] Долната страна е побледа од горната, за да бидат помалку забележливи за пленот од земја. Во перјето ретко се среќава полов диморфизам, а онаму кајшто го има, мажјаците имаат посилни бои од женките, или пак женките личат на младите. Младите имаат многу поразлично перје. Некои видови го имитираат перјето на други јастреби и орли — или за да личат на помалку опасни видови за да го залажат пленот, или за да личат на поопасни, и со тоа да одвратат напади од групи на други птици.[10] Неколку видови имаат гриви на главата, што им служат за испраќање на сигнали. Оние без гриви тоа го прават со накострешување на перјето на главата. За разлика од нив, повеќето мршојадци се ќелави на главата, што се смета дека има хигиенска и терморегулациска намена.[11]
Сетилата на јастребите се прилагодени за лов (или исхрана со остатоци), и имаат крајно изострен вид, опеан во творештвото на многу народи. Некои јастреби и орли имаат и до 8 пати подобар вид од човечкиот. Сите видови имаат големи очи со две очни дамки (fovea), што им дава двогледен вид, и голема способност за забележување на движење и проценка на растојание. Покрај ова, јастребите ги имаат најголемите очни чешлиња од сите птици. Самите очи имаат цевчест облик и затоа не се многу подвижни во празнината. Покрај одличниот вид, многу видови имаат и одличен слух, но главниот механизам е сепак видот (со исклучок на бувовите). Слухот им служи за да забележат плен кој се крие во гранки и грмушки, но самиот лов се одвива исклучиво по вид. Како и повеќето птици, сетилото за мирис им е слабо развиено и не се користи, што важи важи дури и за мршојадците. Исклучок од ова се американските мршојадци (Cathartidae).
Јастребите се претежно грабливци и повеќето видови активно ловат плен. Пленот го фаќаат со силните канџи и го расчеречуваат со остриот крив клун. Обично не се пребирливи, и го напаѓаат секое животно што можат да го убијат. Сепак, разни родови претпочитаат разни води на плен. На пример, еите и многу глувчарите за задржуваат на мали цицачи како глодачи. Ваквите видови едрат по воздухот или седат на високо место и вршат надзор, чекајќи да се појави пленот. Кај родот вистински јастреби (Accipiter), кој има најмногу видови во семејството, пленот се состои од помали птици. Тие седат во густо зеленило или честак, и ловат од заседа, што бара голема агилност. Најголем дел од јастребите ја дополнуваат исхраната и со нескапана мрша, но не се така посветени и вешти како мршојадците.
Постојат неколку вида што повремено јадат плодови, а во случај на мршојадецот-палмар, плодовите се главна храна.[12] Останатите воопшто не јадат растителен материјал. Инсектите како храна се застапени кај многу видови: 12 вида јадат исклучиво инсекти, 44 видови ловат инсекти како значаен дел од исхраната, а како повремена храна инсектите се присутни кај многу голем број на видови.[9] Осојадите јадат пчели и оси, а воедно и медот и саќето.[13] Луњата-полжаварка и кривоклуниот осојад се посветени на полжави. „Орлите“ се група од неколку грабливци што не се секогаш меѓусебно сродни, но делат одлики како големи телесни димензии и лов на поголем плен, како средно големи цицачи и поголеми птици. Повеќето видови од семејството ловат плен што е помал од нив, но понекогаш знаат да однесат животни со иста големина, па дури и поголеми од нив. Кога убиениот плен е претежок за носење, птицата е приморана да го остави откако ќе се најаде, што е добро како залиха, но лошо бидејќи во меѓувреме го препушта на разни конкуренти. Кај некои видови како златниот, борбениот и крунестиот орел ова е успешна стратегија за лов на елени и дујкери со тежина над 30 кг (7–8 потешки од нив). Морските орли (Haliaeetus), рибојадите (Ichthyophaga) и орелот-рибар претежно се хранат со риби (90% од исхраната на двата второспоменати рода). Како додаток ловат и други морски животни, што е особено случај со морскиот орел. Речиси сите птици од семејството ловат влекачи кога ќе им се укаже прилика, а некои орли и јастребите глувчари во тропските краишта ги ловат како претпочитана храна. Кукавичките јастреби (Aviceda) и шумските видови од родот јастреби (Accipiter) ги ловат влекачите од дрва, додека други видови ги бараат само по земја. На ловот на змии се посветени три рода: орлите-змијари (Circaetus) и четкестите змијари (Spilornis и Dryotriorchis).[9][14]
Како и кај повеќето други грабливи птици, фосилните наоди на оваа група се прилично добри од доцниот еоцен наваму (~ 35 мг), при што современите родови се добро документирани уште од раниот олигоцен, пред околу 30 мг.
Јастребите се познати уште од времето на раниот еоцен, пред околу 50 мг, но овие рани наоди се премногу ситни и базални за да можат да се класификуваат правилно во филогенијата. Молекуларните методи исто така не се од помош. Познато е дека водат потекло од еден од двата краја на Алтантскиот Океан, кој тогаш бил само 60–80% од денешната широчина. Од друга страна, фосили како Pengana од пред 25 мг, укажуваат на тоа дека јастребите за кратко време се распространиле низ целиот свет. Во прво време може да биле присутни и на Антарктикот.
Примерок AMNH FR 2941, лева коракоидна коска, доцен еоцен образба Ирдин Манха (Внатрешна Монголија) порано се сметал за базален средноголем глувчар, но денес е утврдено дека најверојатно е припадник на родот Eogrus од кокошковидните.[21] Родот Cruschedula од раниот олигоцен порано се сметал за дел од пингвините, но денес е сместен во јастребите согласно неговиот холотип.[22] Со понатамошни испитувања во 1980 г. ставен е како incertae sedis.[23]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.