Remove ads
црква во селото Лешок From Wikipedia, the free encyclopedia
Успението на Пресвета Богородица — црква во тетовското село Лешок. Таа во минатото била главна манастирска црква на Лешочкиот манастир. Таа се наоѓа во југоисточниот дел на манастирскиот двор и е една од најстарите добро сочувани цркви во Полог. Според историски извори црквата е подигната врз постаро култно место во византискиот период кога Лешок бил градска населба. Истата била приклучена кон Охридската архиепископија во 1019 година од страна на Василије сосе градот Леаскумцосу, како што тогаш го нарекувале Лешок.[1] Патрониот празник на црквата е Голема Богородица, кој се празнува на 28 август.[2]
Успение на Пресвета Богородица | |
Поглед кон црквата за време на празникот Голема Богородица | |
македонска православна црква | |
Епархија | Тетовско-гостиварска |
Архијерејско намесништво | Тетовско |
Парохија | Теаречка |
Местоположба | |
---|---|
Место | Лешок |
Општина | Теарце |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Пресвета Богородица |
Изградба | 1019 (прво споменување) 1641 (обновена) 1879 (сегашен изглед) |
Живопис | 1646 |
Зограф | Михаил Ѓурчинов и Панајот |
Архитектонски опис | |
Црквата се споменува и во 1326 година, а била возобновена во 1641 година и живописана во 1646 година. Постојат сведоштва за нејзино повторно и делумно обновување во 1879 година. За обновата на црквата се дознава од сочуваниот натпис во фрескотехника, што се наоѓа над западната врата од внатрешната страна. Во него се вели дека во времето на игуменот архимандрит Силвестер, со помош на други свештеници кои се јавуваат како ктитори, црквата е обновена на 8 мај 1879 година од раката на зографот Михаил Ѓурчинов и Панајот од Галичник. Со изградбата на новата манастирска црква „Св. Атанасиј“ и нејзино осветување во 1936 година, оваа црква повеќе не се користела за богослужби и почнала постепено да се запушта. Во педесеттите години на минатиот век Заводот за заштита на културно-историските споменици извршил градежна интервенција за да не дојде до поголеми оштетувања, бидејќи црквата била во многу лоша состојба.
По својата основа, црквата е решена триколонално, со должина на наосот 9,72 метри и широчина од 3,46 метри. Во пределот на апсидата широка е 5,95 метри. Нартексот е долг 5,47 метри и широк 6,08 метри. Фасадните ѕидови биле ѕидани со бигорни блокови, рачно обработен камен и тули. Западниот ѕид е ѕидан со разновидни камења. Над влезната врата има мермерна овална розетка, релјефно украсена, на јужната страна има четири квадратни прозори и еден над влезната врата. На јужната страна од олтарот има врата. Црквата е 80 см во земја. Подот е со камени плочки, а плафонот е засводен. Покрај јужниот ѕид се наоѓаат столови. На западниот ѕид од јужната апсида се наоѓа и архијерејскиот престол кој датира од 19 век.
Во самата црква има големо богатство од фрески, мајсторски компонирани во просторот и не е оставен ниту еден дел од него да е празен. Насликани се многубројни ликови на светители, маченици и ангели. Црквата претставува мала но богата галерија, на која човек може само да ѝ се восхитува, а е дело на мајсторската рака на зографите што ги нема во ниту една црква во Полог. Проучувајќи го живописот и сочуваните записи, историчарот на уметноста Велимир Цветановски открил дека тој е од два периода, од 17 и 19 век и се толку мајсторски искомпонирани што претставуваат една целина за посетителот. Живописот на олтарот и нартексот е од 19 век. Во олтарот тој е нанесен врз постари живописи, така што се гледаат три слоја. Живописот од 17 век е доста интересен, бидејќи во себе содржи елементи од класична византиска уметност од 14 век и белези на барокот. Живописот од 19 век, по својата уметничка вредност заостанува зад живописот од 17 век. Живописот во наосот и на северниот и на јужниот ѕид е нанесен на пет зони за да се заврши со свод. Поаѓајќи од запад кон исток, живописот продолжува кон апсидите и понатаму без прекин во олтарот. На северниот ѕид се наоѓа оштетениот натпис, кој при обновувањето на црквата бил обновен од страна на Скопско-Полошкиот митрополит Никанор кој бил родум од истото село. Од живописот во нартексот забележлива е композицијата Страшниот суд која е зографисана на целата површина на северниот ѕид. Ликот на Света Богородица е застапен повеќепати во разни сцени, можеби единствено во Македонија, па и пошироко, како Господ Седржител кој е насликан трипати.
Иконостасот е изработен во 1879 година од галичанецот Михаил Ѓурчинов. Податокот се наоѓа запишан на иконата Милостива Богородица. Ѓурчинов овде нè запознава со дарителите-лешочани кои материјално помогнале да се изгради иконостасот, па продолжува:
„ | „Се молам сите што придонеле за изградбата на Лешок, Бог да им даде здравје и духовно спасение“ | “ |
Тој е поставен откако целосно е завршен живописот па тој на краевите е над ликовите на фреските. Сите икони се со изедначен квалитет и сите се евидентирани од страна на Заводот за заштита на културно-историските споменици поради квалитетите што ги поседуваат.
Оваа црква која е споменик на културата не била поштедена од страна на албанските терористи. Оштетувањата се направени на прозорите на јужната страна надворешно како резултат на неуспешен обид на обивање. Истите се со скршени стакла и оштетувања на крилата и заштитната мрежа. Надворешната влезна врата во олтарот (врата со димензии 85/150 см масивна дрвена, обложена со лим и кована) е обиена со видни оштетувања на штокот и крилото на вратата, вандалски растурена. Во олтарниот дел е разбиено и отворено ковчежето во кое имало црковни одежди и Свето Евангелие со позлатени корици. Светото Евангелие биле украдено, а одеждите биле уништени, расфрлани и изгазени. Малиот полилеј бил искршен, уништен. На фрескоживописот и иконостасот немало оштетувања и нема украдени икони.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.