Црква „Св. Герман“ - Герман
црква и кралска гробница во Герман, Преспанско, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
црква и кралска гробница во Герман, Преспанско, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Свети Герман (грчки: Ναός του Αγίου Γερμανού) — средновековна црква во селото Герман, Преспанско, Егејска Македонија. Влегува во состав на Леринско-преспанско-еордејската епархија на Цариградската патријаршија. Изворно ѝ припаѓал на Охридската патријаршија.[1][2]
Свети Герман | |
---|---|
Αγίου Γερμανού | |
Црквата од североисток | |
40°50′24.17″N 21°9′29.40″E | |
Место | Герман, Преспанско |
Земја | Егејска Македонија, Грција |
Вероисповед | Цариградска патријаршија |
Архитектура | |
Културнонаследна категорија | споменик на културата |
Завршена | XI век |
Управа | |
Архијерејско намесништво | Преспанско |
Епархија | Леринско-преспанско-еордејска |
Црквата веројатно е градена на крајот од X или почетокот на XI век. Се смета дека црквата и селото се наречени во чест на охридскиот патријарх Герман, поглавар на македонската црква за време на Цар Самоил кон крајот на X век. Во 1743 г. грчкото свештенство поставило натпис дека таа е посветена на цариградскиот патријарх Герман I од VIII век, но стручњаците тврдат дека тие ги помешале личностите, или пак се работи за намерно подметнување.[3] Во 1888 г. во црквата е пронајден надгробниот натпис на родителите и братот на Цар Самуил.
Црквата е крстовиден куполен храм со три апсиди во обликот „впишан крст“ од провинцијален тип, без предапсиден простор со припрата. Има коморни димензии од 9 × 14 м. Куполата е висока 11 м и има облик на цилиндричен барабан носен на четири столба. Денес во храмот се влегува преку два влеза. Изворно влезот бил од западната страна, која водела од припратата на храмот кон новата црква. Имало и друг влез кој е заѕидан во 1743 г. и место него е пробиен мал втор влез, исто така од југ. Прозорците се тесни и високи — два на челата на трансептот, еден на средишната апсида и четири во куполниот барабан, насочени кон страните на светот. Храмот низ вековите претрпел многу ремонти и правени се поситни преправки како затворањето на првобитниот влез и менувањето на положбата на владичкиот престол, изградбата на ѓаконик, промените во надворешните ѕидови на храмот и промените во подот.
Градежот е мешовит, од камен и тула, но на места не е правилен.[3]. Камењата се наизменично наредени со појаси од тула и групи просеани меѓупросторни тули во вертикални фуги, а отворите се украсно врамени со тулен материјал воедно со конструктивна функција. Во куполниот барабан украсите се од фриз од тули од типот „волчји заби“, а камено-тулната ѕидарија барабанот е многу прецизна и живописна. Каменот е крупен и грубо обработен. Ѕидовите завршуваат со пластичен тулен корниз. Овие елементи, откриени во целост по реставрацијата во 1998 г. заедно со тлоцртот на храмот, како и обликот на куполата го потврдуваат датумот на изградба во XI век, во периодот на владеењето на Цар Самуил[5].
Натписот на грчки од 1743 г. вели дека храмот е зографисуван на двапати — еднаш во 1006 г., наскоро по неговата изградба, (откриени се некои фрески во наосот и олтарот), и во 1743 г. кога храмот е целосно насликан, но има и меѓувремено живописување од почетокот на XIII век[5] од кога датира иконата на св. Герман над денес заѕиданата јужна врата. При зографисувањето се направени натписи на грчки, кој бил сосила наметнат како службен јазик на Охридската архиепископија. На последните фрески се гледаат мотиви од XIV и XVI век, но и стилските зафати својствени за оваа област во XVII век. Колку и што останало од првото живописување не е наполно јасно, бидејќи тие места се пресликувани во времето на преродбата. Во Леринскиот археолошки музеј се изложени олтарните двери од XVI век. На десниот предапсиден столб свртен кон верниците има престава на Климент Охридски, речиси скриена од денешниот дрвен иконостас.
Во 1882 г. е изградена голема нова црква, слепена со западниот ѕид на средновековниот храм. Резбите во неа се дело на смилевскиот копаничар Гино Чуранов.[6]
Во северниот дел на крстот, зад североисточниот столб што држи купола стојат моштите (раката) на патријархот Герман во дрвен ковчег покриен со црвено кадифе.
Истражувањата даваат повод да се смета дека храмот можеби служел како епископска црква на Преспа по напуштањето на базиликата на островот Свети Ахил.[5]
При ископувањата на подот вршени во 1997 г. се откриени скромни гробови во припратата и наосот, каде веројатно се положени свештени лица кои служеле во црквата во последните векови на османлиското владеење.[5]
При ремонтно-градежните работи кај олтарот на старата црква во 1888 г. е откриен значајниот Самоилов натпис од 993 г. — мермерна спомен-плоча поставена од Цар Самоил со натпис посветен на неговите родители и браќа. Гробот врз кој стоела плочата не е откриен.[7]
Во 1962 г. црквата е прогласена за споменик на културата.[8]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.