централната банка на Франција From Wikipedia, the free encyclopedia
Банката на Франција (француски: Banque de France) претставува централна банка на Франција, а истовремено, таа е членка на Европскиот систем на централни банки. Нејзината главна одговорност е да ја имплементира политиката на каматна стапка на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ). Нејзиното седиште се наоѓа во Париз, Франција.
Една од експозитурите на Банката на Франција | |
Седиште | Париз, Франција |
---|---|
Основана | 13 февруари 1800 |
Гувернер | Христијан Ноаер |
Централна банка на | Франција |
Претходник | Кралска банка |
Наследник | Европска централна банка (1999)1 |
Мрежно место | www.banque-france.fr |
1 Банката на Франција сè уште постои, но голем дел од нејзините функции се преземени од Европска централна банка |
Во 1800 година, финансиската моќ на Франција била во рацете на десет до петнаесет банки чии основачи во поголемиот број од случаите пристигнале од Швајцарија, во втората половина на XVIII век. Овие банкари, сите протестанти, биле длабоко замешани во агитацијата која водела до Француската револуција. Кога револуционерното насилство излегло од контрола, тие биле „оркестарот“ на подемот на Наполеон, кој тие го гледале како човек кој ќе донесе многу промени. Во знак на нивната поддршка, Наполен во 1800 година им овозможил на овие банкари монопол над француските финансии, давајќи им целосна контрола над новата Централна банка на Франција.
Централната банка на Франција била основана на 18 јануари 1800 година, од Наполеон Бонапарт кој бил првиот конзул кој го потпомогнал закрепнувањето на економскиот развој како будење од длабоката рецесија за време на револуционерниот период. Новата задача на банката била да издава банкноти во замена на дисконтни комерцијални записи. Во тоа време, Шведска и Англија веќе имале емисиони банки. Централната банка на Франција, сепак, имала органичена одговорност. „Оригиналната уредба“ од 13 февруари 1800 година го ограничувала делокругот на акција на банката на ниво на Париз и не ја ослободувала од конкуренција на слични установи кои во тоа време постоеле.
Луѓето кои ги утврдиле основните уредби на банката ја научиле тешката лекција од фијаското на банката која била основана од Џон Ло (англиски: John Law) и колапсот на тогашната револуционерната влада. Тие почувствувале дека јавната недоверба кон хартиените пари може да биде само надмината само ако дистрибуцијата на тој вид пари е доверена на институција која ќе биде независна од владата. Централната банка на Франција, поради тоа, била претворена во акционерското друштво, со акционерски капитал од 30 милиони франци. Дел од тие пари бил претплатен од Наполеон Бонапарт и неколку други членови на неговата ложа. Годишните пленарни седници биле отворени за првите двесте најголеми акционери. Тие именувале петнаесет заменици како дел од Генералниот совет чија задача била овозможување и непречено одвивање на сите административни работи на банката, како и тројца членови на надзорниот одбор, кои го надгледувале менаџменотот на банката. Генералниот совет како возврат го избирал Централниот комитет, составен од тројца членови, од кои еден бил претседавач и претседател на Централниот Комитет, Генералниот Совет и Пленарните седници.
Централната банка на Франција започнала со работа на 20 февруари 1800 година, иако целиот нејзин капитал не бил целосно уплатен. На 14 април 1803 година, новата банка го примила своето прво овластување кое го гарантирало нејзиното ексклузивно право да издава хартиени пари во Париз за период од петнаесет години. Централната банка на Франција се соочувала со многу тешкотии во нејзините први години, вклучувајќи ја кризата со владините финасии и падот на златните резерви, кој го ограничил откупот на книжни пари. Како резултат на тоа, Наполеон одлучил да спроведе нови реформи кои на владата би и дале повеќе ингеренции и одговорност во менаџменотот на банката. На 22 април 1806 година, новиот закон го заменил Централниот комитет со гувернер и со двајца заменици-гувернери. Сите тројца биле назначени од императорот Наполеон Бонапарт. Две години подоцна, империјалистичкиот декрет од 16 јануари 1808 година го поставил „Основниот статут“, кој служел како ориентир на сите операции на банката до 1936 година. Друг декрет од 6 март 1808 година ја задолжил банката да ја купи големата палата на Грофот од Тулуза на улицата „Rue de la Vrilliere“ во Париз како нејзино главно седиште.
Правото на издавање пари, доделено на банката во 1803 година, било одложено за 1806 година и обновено четири пати до 1945 година. Тоа право постепено било проширено низ градовите преку различни претставништва и потоа низ цела Франција кога банката ги презела локалните банки кои издавале пари. До 1848 година, парите кои биле издадени од Централната банка на Франција не биле законско средство, односно не постоела обврска тие да се прифатат како законско средство за плаќање. Во прилог на тоа, не постоела граница со која би се ограничила емисијата на пари, туку банката имала обврска да ги заменува нејзините книжни пари за златници по потреба.
Кризата која била предизвикана од политичкиот пресврт во 1848 година довела до наметнување на „присилна валута“, разделувајќи ја банката од нејзината одговорност да ги откупи нејзините книжни пари. Парите на банката, исто така, станале законско срдедство за плаќање и јавноста и владата имале задолжителна обврска нив да ги прифатат во прометот. Наметнатата валута како законско средство била елиминирана со законот од 6 август 1850 година, но повторно била воспоставена за време на француско - пруската војна во 1870 година. Потоа, „присилната валута“ на книжните пари од банката била пропишана врз основа на промените на финансиската ситуација во државата, но по 1870 година не постоеле идни предизвици во однос на статутот на книжните пари на Франција како законско средство.
До 1848 година, активностите на банката надвор од Париз биле прилично ограничени преку одвај петнаесетте ограноци и под – директориуми. Во втората половина на XIX век, мрежата на ограноци почнала да расте, достигнувајќи бројка од 160 во 1900 година и 259 во 1928 година. Проширувањето на Централната банка на Франција на ограноци низ целата држава одговарало на остриот раст на обемот на активностите на банката. Финансирањето на економијата се вршело преку политиката на ниски каматни стапки и лесната достапност до евтини финансиски средства. Напредокот на хартиите од вредност започнал во 1834 година. Банката, исто така, активно придонесувала да ја задржи вредноста на валутата со купопродажба на злато по фиксен курс, кога книжните пари биле конвертибилни со злато. Оваа активност била суспендирана со повторното наметнување на присилна валута од 1914 до 1926 година. Тогаш, банката официјално била задолжена да интервенира на девизниот пазар со цел да го стабилизира франкот.
По победата на „Народниот фронт“ во 1936 година на парламентарните избори, владата одлучила дека веќе не е од јавен интерес банката да биде водена според „приватен“ закон. Со законот од 24 јули 1936 година, владата се стекнала со правото да интервенира подиректно во менаџментот на банката. Петнаесете делегати биле заменети со дваесет советници, од кои само двајца биле избрани на пленарните седници. Повеќето од советниците биле назначени од владата со цел да ги претставуваат економските и социјални интереси, како и севкупните интереси на нацијата. Законот од 1936 година ги отворил пленарните средби за сите акционери, а не само за најголемите двесет акционери. Тој, исто така, ја укинал обврската на гувернерот и неговите заменици да држат одреден број акции во банката, што било во сила од 1806 година. Оваа реформа, секако била придружена со кодификација на легислативата за водење на банката. Оваа реформа, исто така, била одбележана со стеснување на моќта на владата, но тоа било само увертира на национализирањето на банката, одлучено со законот од 2 декември 1945 година, по ослободувањето од германската окупација. Законот условувал капиталот на банката да биде трансфериран на државата на 1 јануари 1946 година. Акционерите, за возврат, примиле по четири дваесетгодишни обврзници за секоја акција. Последните 3% неисплатени обврзници на банката биле откупени до 1 јануари 1965 година, кога тие прекинале да плаќаат камата. Иако реформите од 1936 и 1945 година целосно ја отстраниле приватната контрола на банката, тие не ја смалиле улогата на гувернерот наспроти владата, ниту пак ја ограничиле слободата на банката да ги води своите работи и служби.
Закон за национализација од 2 декември 1945 година донел промена во статутот на банката, во структурата на Генералниот совет и правилата за управување со даноците и другите обврски и одговорности пред 28 февруари 1946 година. Темата за даноците и другите одговорности била донесена со законот од 24 мај 1951 година, кој ја изложил банката на целосен даночен режим, но другите прашања ги оставил на мирување и неизвесност. Промените на улогата на Централната банка на Франција од 1945 година, меѓутоа донеле и потреба за обновување на статутот од 1936 година, кој станал застарен во однос на некои прашања. Ова посебно се однесуваше за случајот со организацијата и контролата на кредити, додека пак самата национализација исто така донесе потреба за многу други промени. Гувернерот поттикнал реформа на статутот на банката во 1972 година, која била имплементирана во законот на 3 јануари 1973 година.
Статутот кој ги управувал активностите и организацијата на банката бил дополнет и насочен кон дефинирање на нејзините главни цели и одговорности. Составот на Генералниот совет бил радикално променет. Оттогаш, советниците биле назначени на нивните функции врз основа на нивните способности, а помалку поради тоа што биле дел од различни економски и финансиски сектори. Моќта на Генералниот совет била зголемена и новата легислатива поставила некои рестрикции кои влијаеле на операциите кои ги извршувала банката. Само еден надзорник ги заменил претходните два кои ја претставувале државата од 1945 година и неговите одговорности биле зголемени до тоа ниво кое најдобро одговарало со зголемените одговорности на Советот. На министерот за финансии му било дадено право да ја одобри распределбата на профитот од банката и исплатата на дивиденди. Ова било природна последица на национализацијата, која ја направила државата единствен акционер во банката.
Законот од 4 август 1993 година претставувал пресвртна точка во историјата на Централната банка на Франција. Преминот во комплетна независност бил направен со цел да осигура континуитет и оддржливост на монетарната политика преку нејзино ослободување од краткорочните цели, а со тоа зголемување на нејзиниот кредибилитет. Освен тоа, независноста на централната банка се сметала како најдобро институционално решение кое е во чекор со прописите на Европскиот монетарен сојуз. Законот од 4 август 1993 година, бил кодифициран во Монетарниот и финансискиот законик кој стапил во сила на 1 јануари, 2001 година.
На 1 јуни 1998 година била создадена нова институција – Европската централна банка (ЕЦБ) која е одговорна за спроведување на единствената монетарна политика, преку усвојување и прифаќање на еврото. Европската централна банка и сите национални централни банки кои беа дел од Европската унија го сочинуваат Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ). „Евросистем” е изразот кој се користи како синоним за ЕЦБ и националните централни банки на државите - членки кои го прифатија еврото. Во согласност со договорот за воспоставување на Европската заедница и Статутот на Европскиот систем на централни банки и на Европската централна банка, примарната цел на Евросистемот е да ја одржи ценовната стабилност (со други зборови, да ја контролира инфлацијата). Без да се навлегува во оваа цел, Евросистемот ќе ги поддржува генералните економски политики на Заедницата и дејствува во согласност со принципите на пазарната економија. Во тој поглед, на својата интернет-страница, Централната банка на Франција вели дека „поделбата на одговорностите помеѓу Европската централна банка и НЦБ е заснована врз значајна децентрализација во спроведувањето на единствената монетарна политика на Европскиот систем на централни банки“.
Мисијата на Банката на Франција се однесува на:[1]
Централната банка на Франција е активна на три нивоа: во Франција, во Европската Унија и во светот. Банката на Франција е водечка членка: на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ): на Евросистемот и на Управниот совет на ЕЦБ. Банката со својата водечка меѓународна улога активно придонесува во меѓународните економски иницијативи, давајќи ги своите анализи и учествувајќи во спроведувањето на одлуките.[2]
Централната банка на Франција директно собира голем дел на финансиски, економски и монетарни статистики за нивна корист во различни студии и анализи кои ги спроведува самата банка. Овие информации, исто така, се достапни за економските субјекти и пошироката јавност. Тие битно се поврзуваат со понудата на пари и нејзините елементи со платниот биланс и националните финансиски депозити. Во прилог на подготовките на различни студии за француската економија, банката активно ги набљудува економските и финансиските случувања во големите земји. Згора на тоа, нејзината развиена мрежа на претставништва и политиката на одржување на присуство на Париската берза ѝ дава одлична предност на банката во опсервацијата на реалната економија и анализите од кои установува многу важни индикатори на монетарната политика.
Централната банка на Франција, според тоа, спроведува месечни истражувања за однесувањето и тенденциите на размислување на неколку илијади бизнис водачи и менаџери на банки. Слични студии биле преземени и на барање на Владата. Преминот во Економскиот и монетарен сојуз поттикна ремонт на системот за собирање на статистички податоци за парите и финансиите. Од една страна, единствената монетарна политика и индиректно политиката која се спроведува во еврозоната, сега се засновани врз обновен делокруг на индикатори, меѓу кои се посебно парите од еврозоната и кредитните агрегати, кои се подготвуваат од Европската централна банка, користејќи податоци кои се собрани и обработени од националните централни банки. Од друга страна, одржувањето многу висок степен на национален суверeнитет, посебно во областа на фискалната политика, ја зголемува потребата од појасна идентификација на националните макроекономски политики. Ова налага заштита и одржливост на еден доследен сет на монетарни и финансиски индикатори релевантни на национално ниво, како додаток на тие кои се поврзани со еврозоната. Во овој контекст, статистичкиот систем на Централната банка на Франција бил соодветно прилагоден, што резултирало со значајно пократка компилација на податоци и значајно проширување на обемот на обработка.
Централната банка на Франција учествува во Европскиот систем на централни банки и обезбедува извршување на одлуките донесени од Управувачкиот совет при Европска централна банка. Во рамките на делокругот на девизна политика, дефиниран од Управувачкиот совет преку препорака или со консултација со Европската централна банка (Член 109), Централната банка на Франција го регулира девизниот курс помеѓу еврото и другите валути. Тоа, исто така, вклучува секојдневни интервенции и надзор на девизниот пазар. Врз основа на Член 2 од законот од 4 август 1993 година, изменет со законот од 12 мај 1998 година, „Централната банка на Франција ги чува и управува со државното злато и девизните резерви.“ Дел од овие девизни резерви е трансфериран во Европската централна банка. Останатиот дел се евидентирани како средства на Централната банка на Франција во нејзинот биланс на состојба.
Централната банка на Франција одржува посебно важни надворешни односи, особено во меѓународниот монетарен систем – преку Меѓународниот монетарен фонд и развојните организации за помош – и Економскиот и монетарен сојуз. Гувернерот на Централната банка на Франција присуствува на сите главни меѓународни средби држани под покровителство на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, како и другите средби од други меѓународни групи и организации меѓу кои Г7 и Г10. На тој начин, тој ги користи овие прилики да ги изрази своите гледишта и ставови во врска со политиката која ја спроведува ММФ, напредоците на ММФ и меѓународната координација на монетарната и економската политика. Централната банка на Франција, исто така, e фискална агенција на Франција за Групацијата Светска банка и регионалните развојни банкарски организации.
Од 1931 година, банката е една од главните основачки централни банки на Банката за меѓународни порамнувања. Централната банка на Франција игра доста важна улога во сите активности на оваа институција. Исто така, Централната банка на Франција обезбедува техничка поддршка на многу странски држави врз основа на билатерални договори или со блиска координација со некои меѓународни организации.
Како и во претходната легислатива, законот од 4 август 1993 година пропишува дека Централната банка на Франција го има единственото право да издава пари прифатено како законско средство за плаќање во Франција. Законот, исто така, пропишува дека Централната банка на Франција има задача да обезбеди добар квалитет на банкнотите и монетите во оптек.
Централната банка на Франција е уште една од малкуте централни банки која ги извршува сите фази во процесот на производство на пари – од производство и обработка на хартијата до нејзино печатење. Секторот за печатење пари е индустриска операција со високо квалификувана работна сила и прецизност на инженерската опрема со цел да се пресретнат доволните количества на пари во оптек. Новата поефикасна опрема на оделот за печатење пари овозможила зголемување на капацитетот на печатење пари на годишно ниво на околку 1,5 милијарди банкноти. Секторот почнал да ги менува сериите на француските банкноти од 1993 година.
По одредено време од нивната циркулација, банкнотите се враќаат во Банката на Франција. Кога тие ќе стигнат таму, тие брзо се пребројуваат и проверуваат дали се вистински. Потоа, тие се сортираат и оние кои се веќе преискористени, скинати, обезличени, валкани или на друг начин непогодни се повлекуваат од оптек. Проверката и сортирањето најчесто се извршуваат симултано, користејќи посебни автоматизирани и сортирачки машини. Во 1996 година, повеќе од 4,3 милијарди банкноти биле вратени во Централната банка на Франција и сортирани. Нивното сортирање и враќање на здравите банкноти во оптек обезбедува задоволување на побарувачката на пари, која не можe да биде задоволена со издавање на целосно нови банкноти. Банката, исто така, ги собира и монетите кога тие ќе се вратат во експозитурите на банката. Монетите, исто така, се проверни и секој фалсификат на монета или нивно оштетување води до нивно повелкување од оптек.
Во 2017 година, во оптек циркулирале вкупно 21,4 милијарди банкноти на еврото во вредност од 1 170 милијарди евра. Од вкупниот број банкноти издадени од банката на Франција, дури 40% отпаѓале на банкнотата од 20 евра.[3]
Законот од 24 јануари 1984 година за активностите и надзорот на кредитните институции, наречен „Банкарски закон“, поделил различни супервизорски одговорности помеѓу три различни колегијални тела: Регулаторна комисија за банки (Comite de la reglemenatation bancaire), Комисијата за кредитни институции (Comite des esablissements de credit) и Банкарската комисија (Commission bancaire). Централната банка на Франција е блиску поврзана со нивните активности. Законот од 2 јули 1996 година за модернизација на финансиските активности, кој воедно и ја заменил директивата за европски инвестиции од 10 мај 1993 година во француски закон од областа на хартиите од вредност, го дополнил „Банкарскиот закон“ од 24 јануари 1984 година. Тој ја проширил јурисдикцијата на погоре споменатите одлучувачки тела и на Националниот совет за кредити (Conseil national du credit) во размер кој ги опфаќа сите кредитни институции и инвестиционите фондови. Имињата на овие тела биле изменети соодветно во: Регулаторна комисија за банкарство и финансии (Comité de la réglementation bancaire et financière), Комисија за кредитни институции и инвестициони фондови (Comité des établissements de crédit et des entreprises d'investissement) и Национален совет за кредити и хартии од вредност (Conseil national du crédit et du titre). Банкарската комисија не го промени своето име.
Монетарната политика на Европската централна банка се применува во сите земји членки на еврозоната. Таа е дефинирана од Управниот одбор на ЕЦБ, чиј член е и гувернерот на Банката на Франција. Како членка на системот, Банката на Франција учествува во развојот и спроведувањето на монетарната политика и обезбедува нејзина имплементација во Франција, во име на Евросистемот. Примарната цел на монетарната политика на Евросистемот е да обезбеди стабилност на цените. Kвантитативно дефинираната ценовна стабилност, гласи: Годишен пораст на Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени во еврозоната под, но близу 2%, набљудувано на среден рок.[4] Монетарната политика има за цел да промовира амбиент погоден за економскиот развој, независно од власта и од изборниот циклус. Кога економските агенти (физички лица, фирми) веруваат во способноста на монетарните власти да ја ограничуваат инфлацијата на среден и долг рок, полесно им е да донесуваат одлуки за инвестициите, кои се двигател на растот. Овој кредибилитет се стекнува со текот на времето преку два столба: независност и транспарентност на целите и преку инструментите на монетарната политика. Монетарната политика најмногу придонесува за подобрување на економските изгледи и подигнување на животниот стандард на граѓаните преку одржување на долгорочна стабилност на цените.[5]
Како дел од децентрализираното спроведување на монетарната политика на Евросистемот, Банката на Франција ги спроведува операциите на монетарната политика на Евросистемот во Франција. За управување со краткорочните каматни стапки, Евросистемот има серија т.н. конвенционални инструменти за монетарна политика кои Банката на Франција ги спроведува со договорните страни за монетарна политика основани во Франција. Банката на Франција користи три типа на конвенционални инструменти: операции на отворениот пазар, расположлиивте линии и задолжителната резерва. Операциите на отворениот пазар се спроведуваат на иницијатива на ЕЦБ, т.е. таа одлучува кога ќе ги спроведува и на кој начин ќе ги спроведува, додека расположливите линии се спроведуваат на иницијатива на банкарските институции.[4]
Операциите на отворен пазар за две цели: управување со каматните стапки и управување со ликвидноста. Главен аранжман преку кој се спроведуваат операциите на отворениот пазар се репо-трансакциите. Во рамки на операциите на отворениот пазар има четири видови на операции:[6]
Постојат два типа на аукции или тендери преку кои се спроведуваат операциите на отворен пазар: аукции со фиксна каматна стапка каде што банките аукцираат со износите а каматната стапка ја определува ЕЦБ и аукции со варијабилна каматна стапка каде банките аукцираат и со износите и со каматната стапка. Од 2008 година се спроведувале само аукции со фиксни каматни стапки.
Расположливите линии се спроведуваат на иницијатива на банкарските институции. Постојат два вида на расположливи линии: депозит преку ноќ и кредит преку ноќ. Кога банката има привремен вишок на ликвидност кој останал неупотребен, таа ликвидност, на крајот на денот, може да ја стави на сметка во ЕЦБ како депозит преку ноќ, а другиот ден тој депозит може да го повлече и да го инвестира во други обврски. Кога се работи за добри проекти, за кои банката има привремен недостаток и не може да инвестира, тогаш таа може да се јави кај ЕЦБ и да користи кредит преку ноќ. Каматната стапка на кредитите преку ноќ го формира плафонот како највисока (0,25%), а каматната стапка на депозити преку ноќ го формира подот како најниска каматна стапка (-0,40%).
Задолжителната резерва е класичен инструмент на монетарната политика и без исклучок ја користат сите централни банки. Главната цел на овој инструмент е да создава структурен недостаток на ликвидност кај банките, за да се обезбеди функционален трансмисионен механизам и ефикасност на монетарната политика. Во основата за пресметка на задолжителна резерва влегуваат обврските на банките со рочност до две години, а задолжителната резерва се пресметува по стапка од 1% (депозити преку ноќ, депозити со рочност до две години и должнички хартии од вредност со рочност до две години), а обврските со рочност над две години не влегуваат во основата на задолжителната резерва, т.е. на нив се пресметува задолжителна резерва од 0%.
Како одговор на новите предизвици што се појавија по 2008 година, т.н. неконвенционални мерки ја надополниле традиционалната рамка на монетарната политика на Евросистемот. Пактот на нестандардните инструменти е составен од две програми: програма за засилена кредитна поддршка и програма за купување хартии од вредност. Нестандардните инструменти вклучуваат:
Квантитативното олеснување е најнова форма на нестандардна монетарна политика каде централните банки интервенираат на финансиските пазари во текот на подолг период, со купување на големи количини на средства од банките. Средствата главно содржат обврзници, издадени од владите на земјите-членки на еврозоната. Квантитативното олеснување се состои од: програма за откуп на обезбедени обврзници, откуп на хартии од вредност користени како обезбедување и откуп на хартии од вредност на јавниот сектор. Најголем дел од ликвидноста што се создава преку квантитативното олеснување е преку откуп на државни хартии од вредност на секундарните финансиски пазари.[8]
Банката на Франција ги чува и управува со златните резерви на Франција. Исто така, таа работи како чувар на имот и за другите централни банки. Банката на Франција е четвртиот најголем сопственик на злато во светот, зад централните банки на САД, Германија и Италија. На крајот на 2017 година, златото заземало речиси 2/3 од девизните резерви на Банката на Франција.[9]
Органи на управување и раководење на Банката на Франција се:[10]
Гувернерот, со помош на двајцата заменици, е одговорен за управувањето со Банката на Франција. Тој е претседател на Генералниот совет и е одговорен за подготвување и спроведување на одлуките. Гувернерот и замениците се назначуваат со одлука на Советот на министри за шестгодишен мандат, што може да се обнови само еднаш. Извршниот комитет го претставува срцето на оперативното функционирање на Банката на Франција. Со него претседава гувернерот а го сочинуваат замениците на гувернерот, генералните директори, заменик-генералниот секретар за стратегија и директорот за правни работи. Главна улога во спроведувањето на политиките за инвестирање и пазарно работење имаат Комитетот за средства и обврски и Комитетот за ризици. Со Комитетот за средства и обврски претседава гувернерот, а тој е одговорен за стратегијата за инвестирање во евра и во девизи. Со Комитетот за ризици, исто така, претседава гувернерот, и тој ја дефинира целокупната рамка на управувањето со ризиците.[11]
Генералниот совет ги извршува главните функции на Одборот на директори. Тој разгледува прашања во врска со управувањето со активности што не се во надлежност на ЕСЦБ. Комитетот за ревизија е надлежен да го извести Генералниот совет за прашањата поврзани со финансискоto известување, надворешната и внатрешната ревизија, внатрешната контрола и управувањето со ризиците. Како дел од оваа улога, Комитетот е одговорен за потврдување на доставените финансиски извештаи на банката од страна на ревизорите. Внатрешната ревизија е одговорна за проценка на сите единици, процеси и активности на банката. Нејзините мисии ги спроведува Генералниот инспекторат и може да се одвиваат во седиштата на банката, регионалните административни центри и преку целата мрежа на филијалите. Внатрешната ревизија својата годишна програма за работа ја утврдува врз основа на приоритетите на ризикот. Нејзина примарна цел е да го надгледува спроведувањето и делотворноста на управувањето, контролата на ризикот и процесите на внатрешна ревизија во банката. Исто така, таа треба да обезбеди дека работењето на банката се спроведува според највисок стандард и дава совети за можните области за подобрување. Внатрешната ревизија е во согласност со меѓународните професионални стандарди дефинирани од Институтот за внатрешни ревизори – како во организацијата така и во спроведувањето на нејзините мисии.[11]
Рамката на Банката на Франција за управување со ризиците има две цели:[11]
Во 2010 година, одделот задолжен за регулирање на конкуренцијата на француската влада казнил единаесет банки, вклучувајќи ја и Централната банка на Франција, со сума 384 900 000 € за учество во проневера преку наплаќање на неоправдани давачки за обработка на чекови, посебно за екстра давачки кои биле наплатени за време на преминот од хартиен чек во електронски.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.