Remove ads
музички жанр кој настанал во средината на 1960-тите во афроамериканските заедници From Wikipedia, the free encyclopedia
Фанк ― музички жанр кој настанал во средината на 1960-тите откако афроамериканските музичари споиле различни музички жанрови (соул, џез и ритам и блуз) кои биле популарни меѓу Афроамериканците во средината на 20 век. Фанкот ја намалува важноста на мелодијата и хармонијата, а за возврат им дава поголема тежина на ударалките и електричната бас-линија.
Како и многу други стилови на афроамериканска музика, фанкот често се заснова на комплексен грув создаден од ритам-инструменти како што се: електрична гитара, електричен бас, Хамондови оргули и тапани, кои произведуваат испреплетен ритам. Фанк-групите понекогаш имаат дувачки дел составен од неколку саксофони, труби, а понекогаш и тромбон.
Како пионери на фанк-музиката се сметаат: Џејмс Браун, Џорџ Клинтон и Слај Стоун.[1] Други познати фанк-музичари во 1970-тите и 1980-тите биле: Kool and the Gang,[2] Ohio Players, Fatback Band, Џими Кастор, Earth, Wind & Fire, BT Express, Shalamar, One Way, Lakeside, Dazz Band, The Gap Band, Slave, Aurra, Roger Troutman & Zapp, Con Funk Shun, Cameo, Bar-Kays и Chic.
Од фанкот подоцна настанале други музички правци меѓу кои се: аванфанк (авангарден вид на фанк), буги (хибрид на електронска музика и фанк), фанк-метал, Џи-фанк (мешавина на гангста-рап со психоделичен фанк), тимба (стил на кубанска фанк танцова музика) и фанк-џем. Семпловите и брејк-битовите од фанкот често се користат во хип-хоп и електронската денс-музика.
Како и соул-музиката, фанкот се заснова на денс-музика, па затоа има силна „ритмичка улога“. Основна карактеристика на фанк-музиката е нејзиниот силен и синкопиран ритам, кој се добива преку употреба на тапани и бас-гитари. Басот е важен елемент, а бас-линиите се користат како водечки мелодиски елемент, при што се добива грувот кој е уникатен за овој жанр. Иако има ритмички сличности помеѓу фанкот и диско-музиката, фанкот има „централен денс-ритам кој е побавен, посекси и посинкопиран од диско-музиката“.[3]
Фанк создава интензивен грув преку користење силни гитарски рифови и бас-линии свирени на електричен бас. На почетокот за фанк се сметал секој музички стил во кој бас-линијата е најистакната во песните.[4] Раните фанк бас-линии користеле синкопација (обично синкопирани осмини ноти), а подоцнежните фанк бас-линии користат синкопација на шеснаесетинка нота, скали на блуз и повторувачки обрасци и често со скокови од октава или поголем интервал.[5]
Во фанкот се користат низа клавијатурни инструменти. Акустичното пијано се користи во фанк, вклучително и во песните „September“ од Earth Wind & Fire и „Will It Go Round in Circles“ од Били Престон. Клавинетот се користи за неговиот ударен тон и може да се слушне во песните: „Superstition“ и „Higher Ground“ од Стиви Вондер и „Use Me“ од Бил Витерс. Хамондовите оргули биле користи во фанк-музиката, во песни како: „Cissy Strut“ од The Meters и „Love the One You're With“ (во која пее Арета Френклин, Били Престон свири на клавијатури). Во фанкот се користеле и синтисајзери за да го надополнат длабокиот звук на електричниот бас или дури и за целосно да го заменат во некои песни.
Фанкот бил формиран преку мешавина на различни музички жанрови кои биле популарни меѓу Афроамериканците во средината на 20 век. Социологот Дарби Е. Саутгејт напишал дека фанкот е „амалгам од госпел, соул, џез-фузија, ритам и блуз и црн рок“.[6]
Фанкот се појавил во доцните 1960-ти, кога музичари како Џејмс Браун, Sly & the Family Stone и Џорџ Клинтон од групите Parliament и Funkadelic експериментирале во музиката преку намалување на хармонијата и зголемување на ритамската комплексност. Џејмс Браун развил препознатлив грув кој го нагласувал ритамот - со силен акцент на првиот ритам од секој такт за да го долови неговиот специфичен звук.
Во текот на 1970-тите години, фанкот продолжил да се развива и да се популаризира, особено преку музичари како: Earth, Wind & Fire, Kool & The Gang, Куртис Мејфилд, Стиви Вондер и Принс, кои додале електронски инструменти и подинамични аранжмани. Овој период е познат како златно време на фанкот, со што фанк-музиката достигнала меѓународна популарност.
Диско-музиката многу му должи на фанкот. Многу рани диско-песни и изведувачи дошле директно од фанк-ориентирани средини. Некои диско-музички хитови, како што се сите хитови од Бери Вајт, „Kung Fu Fighting“ од Биду и Карл Даглас, „Love To Love You Baby“ од Дона Самер, „Love Hangover“ од Дајана Рос, „I'm Every Woman“ од Чака Кан (позната и како Кралицата на Фанкот) и „Le Freak“ од Шик забележително вклучуваат рифови и ритми изведени од фанк-музиката.
Џез-фанк е поджанр на џез-музиката што се карактеризира со силен ритам во позадина (грув), наелектризирани звуци[7] и употреба на аналогни синтисајзери. Со интеграцијата на фанк, соул и R&B музиката со џезот се создал жанр со прилично широк спектар и се движи од силна џез-импровизација до соул, фанк или диско со џез аранжмани, џез рифови и џез соло, и понекогаш соул вокал.[8] Џез-фанкот е првенствено американски жанр, каде што бил популарен во текот на 1970-тите и раните 1980-ти. Слични жанрови се: соул-џез и џез фузија, но тие не се преклопуваат целосно со џез-фанкот.
Во 1980-тите, главно како реакција против она што се сметало за прекумерно уживање во диско-музиката, многу основни елементи од фанкот почнале да се заменуваат со електронски инструменти, тапани-машини и синтисајзери. Дувачките секвенци од саксофони и труби биле заменети со синтетички клавијатури.
Под влијание на Крафтверк, афроамериканскиот рап-диџеј Африка Бамбаатаа, со неговиот сингл „Planet Rock“ во 1982 година развил електро-фанк, минималистички машински стил на фанк. Мајкл Џексон исто така бил под влијание на електро-фанкот.[9] Во 1980 година, техно-фанк музиката ја користела програмабилната машина за тапани TR-808, [10] а музиката на Крафтверк влијаела [11] на подоцнежните електро-фанк музичари како што е Mantronix.[12]
Принс ја основал групата Time, првично замислена како воведен изведувач за неговите концерти, а која свирела мешавина од фанк, R&B, рок, поп и новобранова музика.
Кон крајот на 1980-тите, фанкот се соочил со нови предизвици и промени. Додека во доцните 1980-ти доминирале диско и рап-музиката, фанкот полека почнал да се интегрира во новите музички стилови, какви што биле хип-хоп и електронска музика. Принс и Џорџ Клинтон продолжиле да комбинираат фанк со поп и рок-елементи. Во 1990-тите, фанкот доживеал ренесанса, особено во хип-хоп културата. Музичари како Red Hot Chili Peppers и Jamiroquai комбинирале фанк со рок и електронска музика, создавајќи нови музички стилови познати како фанк-рок или фанк-метал. Претставници на фанк-рокот, меѓу другите, биле: Faith No More, Rage Against the Machine, Infectious Grooves и Incubus. Во овој период исто така се појавиле и нови фанк-групи, кои го негувале класичниот фанк-звук: The Brand New Heavies и The Funky Meter.
Со доаѓањето на новиот милениум, фанкот продолжил да се развива. Музичари како OutKast и Ерика Баду комбинираle фанк со R&B и соул, создавајќи уникатен звук. Во овој период исто така се појавиле и нови поджанрови, како што се ну-фанк и електрофанк, кои комбинираат традиционални фанк елементи со современи електронски звуци.
Во текот на 2000-тите и раните 2010-ти, некои панк-фанк бендови како што се Out Hud и Mongolian MonkFish настапувале на инди-рок сцената. Принс, со неговите подоцнежни албуми, го преродил фанк звукот со песни како „The Everlasting Now“, „Musicology“, „Ol' Skool Company“ и „Black Sweat“. Музичари како Бруно Марс и Марк Ронсон, преку комбинација на фанкот со поп и R&B-музика повторно го популаризирале жанрот. Оваа нова генерација на музичари ја враќа фанк-музиката во центарот на популарната култура, со хитови инспирирани од класичниот фанк-звук.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.