римски бог From Wikipedia, the free encyclopedia
Сатурн (латински: Saturnus) бил бог во древната римска религија и лик од римската митологија. Тој бил претставен како бог на создавањето, распадот, изобилието, земјоделството, времето и слободата. Неговото владеење било опишано како Златно Доба на изобилието и мирот. Храмот на Сатурн во Римскиот форум бил државниот трезор. Прославата во негова чест била одржувана во декември и истата била позната како Сатурналија.
Планетата Сатурн е именувана во негова чаест, а воедно и денот сабота потекнува од името на овој бог.
Римската земја го чува сеќавањето на многу далечното време во кое Сатурн и Јанус владееле на местото на градот пред неговото основање: Капитол бил наречен Монс Сатурниус.[1] Сатурн бил најстарото италско божество,[2] а Римјаните го поврзувале со старогрчкиот бог Крон, чии митови биле прилагодени за римската книжевност и римската уметност. Посебно била пренесена на Сатурн улогата на Крон во генеалогијата на старогрчките божества. Во времето на Ливиј Андроник (3 век п.н.е.), Јупитер бил наречен син на Сатурн.[3]
Сатурн имал две љубовници кои претставувале различни аспекти на богот. Името на неговата сопруга било Опа, римски еквивалент за старогрчката божица Реја, со значење „богатство, изобилство, ресурси“.[4] Претходно со Сатурн била поврзана божицата Луа („уништување, распуштање, губење“), божица која ги добивала на подарок крвавите оружја на непријателот победен во битка.[5]
На луѓето, Сатурн им носел уживање во спонтаното изобилство на земјата без работа за време на „Златното доба“ опишано од Хесиод и Овидиј.
Според Варон,[6] името на Сатурн доаѓа од сату, со значење „сеење“, што ја одразува оригиналната одлика на богот.[7] Поверојатната етимологија го поврзува името со етрурскиот бог Сатре и со имиња на топоними, како што се Сатрија, древен град во Латиум, и Сатурае палус, мочуриште исто така во Латиум. Ова е коренот исто така и на латинското име на растението чубрика, Satureja.[8]
Епитетот Стеркул кој му бил доделен на Сатурн, се однесува на неговите земјоделски функции,[9] а зборот доаѓа од стеркус, што значи „измет“ или „ѓубриво“, што се однесува на повторно појавување од смрт во живот.[10] Земјоделството било важно за Римјаните, а Сатурн бил дел од архаична римска религија и етнички идентитет. Неговото име се појавува во древната химна на свештениците Салии,[11] а неговиот храм бил најстариот за кој се знае дека бил споменат од колегиумот на понтифики.
Квинт Луцилиј Балб дал поинаква етимологија, и според него земјоделската улога на Сатурн не е првична, туку се времето и сезоните. Балб тврдел дека името Сатурн доаѓа од латинскиот збор satis, а Сатурн е антропоморфна претстава за времето и годишните времиња, кои претставуваат циклично минување на времето.
Според Варон, храмот на Сатурн се наоѓал во подножјето на Капитол,[12] и бил познат под името Сатурниус Монс, а ред колони од последната реконструкција на храмот сѐ уште постојат.[13] Храмот бил осветен во 497 г.п.н.е., а ареа Сатурни била изградена од кралот Тул Хостилиј што е потврдено со археолошки истражувања предводени од Е. Ѓерстад.[14]
Сатурн е еден од најкомплексните фигури во римската религија. Најголемиот проблем со кој се соочуваат научниците при изучувањето на Сатурн е што е оригинално, а што е подоцна додадено под влијание на старогрчката митологија. Некои одлики на богот се исти со Крон, а други се додадени подоцна, по 217 г.п.н.е., годината кога старогрчкиот обичај за славење „Кринија“ се воведени при славење на Сатурналиите.[15]
Одлики на Сатурн кои се дефинитивно автентично римски, се:
Овие три елементи, според Брикел, го прават Сатурн суверен бог. Поврзаноста на Сатурн со култовите на Капитол и посебно со Јупитер, се забележани во легендите во врска со одбивањето на боговите Хеба и Термин да ги остават своите живеалишта на Капитол кога требало да се гради храмот на Јупитер.
Думезил претпоставил дека фигурата на суверен бог во индоевропската религија била поделена, што одговара на ведските божества Варуна и Митра.[17] Варуна е божество на магија, чудна инспиративна моќ на создавањето и уништувањето, а Митра е смирувачкиот аспект на гарантот на правниот поредок во организираниот општествен живот. Брикел смета дека Сатурн е суверен бог од типот на Варуна. Неговото мајсторство во земјоделството и богатството не е поврзано со произведување на изобилство и задоволство, туку е негово магичното господство над создавањето и уништувањето. Истиве одлики му се припишуваат и на старогрчкиот бог Крон, сепак се смета дека се древни аспекти на римскиот бог Сатурн.
Жртвувањата принесени на Сатурн биле изведувани според старогрчки ритуали, со непокриена глава, за разлика од жртвувањата принесувани на другите големи римски божества, кои биле изведувани со покриена глава. На една ѕидна слика од Помпеја, Сатурн е прикажан како држи срп и покриен со бел превез. Ваквата слика е сосема во сооднос со карактерот на божество од типот на Варуна, и на ваков начин често се прикажувал германскиот бог Один.
Плиниј Постариот забележал дека култната статуа на Сатурн била полна со масло, а значењето на оваа изјава не е јасно.[18] Стапалата му се прекриени со волна, која се отстранува само за време на Сатурналиите.[19] Овие два елемента, маслото и волната, асоцираат на митот за „кастрацијата на Уран“. Во тој мит, Реја му дава на Хрон да голтне камен наместо Зевс. Откако Зевс го победил Хрон, седнал на престолот, кој постојано бил помазуван со масло и со нишки нетканата волна.[20]
Пронајдени се малку докази за култот кон Сатурн низ Италија, а надвор од Рим. Потенцијалната суровост на Сатурн била зајакната со неговата идентификација со Хрон, кој пак е познат по тоа што ги голтал своите деца, и кој се поистоветува со картагинскиот бог Баал Хамон, кој ги жртвувал своите деца. Сатурновски ден се споменува во поемата на Албиј Тибул напишана за време на владеењето на Октавијан Август, што подоцна довел до појава на англискиот збор за сабота - „Saturday“.[21]
Сатурн е поврзан со големи религиозни прослави, забележани во римскиот календар како Сатурналии, на кои се прославувале жетвата и сеењето, и се одржувале од 17 до 23 декември. За време на овие прослави, социјалните ограничувања во Рим биле лабави. Нозете на статуата на Сатурн кои цела година биле покриени со волна, за време на фестивалот волната се отстранувала.[19]
Макробиј (5 век од нашата ера) сметал дека Сатурналиите се фестивал на светлината што води кон краткодневица.[22] Обновувањето на светлината и прославата на новата година, се прославувале во Римското Царство во чест на Сол Инвиктус, роденденот на „Непобеденото Сонце“, на 25 декември.[23]
Во 104 година п.н.е., трибунот Луциј, Апулеј Сатурнин издал Денариј на кој бил претставен Сатурн како вози кочија со четири коњи (квадрига), возило поврзано со владетели, генерали во триумф, и богови на сонцето. Сатурнин бил политичар кој предложил дистрибуција на жито по намалена цена за сиромашните од Рим. Главата на божицата Рома се појавува како аверс.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.