Пожар во ноќен клуб во Кочани

пожар во Кочани, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia

Пожар во ноќен клуб во Кочани

Пожар во ноќен клуб во Кочанипожар што се случил на 16 март 2025 година во 2:35 часот наутро во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во трагедијата животот го загубиле 62 лицa, додека пак 193 биле повредени. Ова претставува најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и најсмртоносниот пожар во Европа по пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Романија во 2015 година. Пожарот е трета најголема трагедија во Македонија според жртвите, веднаш по Авионската несреќа на Палер Македонија во 1993 година, а воедно и настан со најголем број на вкупно повредени лица во историјата на државата.[1] Поголем дел од настраданите од пожарот биле на возраст од 16 до 24 години.

Кратки факти Дата, Време ...
Пожар во ноќен клуб во Кочани
Дискотеката „Пулс“ по пожарот
Дата 16 март 2025 (2025-03-16)
Време 02:35
Место Кочани, Македонија
Учесници ∼500
Повредени 193+
(3+ во критична состојба)
(101+ хоспитализирани во странство)
Жртви 62
1 возач на итната помош починал од шок предизвикан од настанот
Осомничени 33
Затвори

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги посетила дел од повредените во болниците и се сретнала со нивните роднини. Била прогласена седумдневна жалост по повод трагедијата во Кочани, одложувајќи ги внатрепартиските избори на СДСМ што требале да се оддржат на 16 март.[2]

Започнале протести за тешката трагедија следниот ден во Кочани, Штип, Скопје, Струмица, Битола, како и помали собири низ другите градови од државата.[3][4]

Заднина

Ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, бил сместен во градба што претходно служела како магацин за теписи. Месните новинари ја нарекле „импровизиран ноќен клуб“, како одраз на нејзината спонтана преобразба во место за забава. Властите откриле дека градбата ја немала потребната законска дозвола за работа како ноќен клуб.[5]

Тошковски изјавил дека градбата била одобрена само за лесна индустрија, а не за угостителство, и немало писмен договор меѓу музичката група ДНК и сопственикот на клубот Дејан Јованов-Деко.[6]

Пожар

Thumb
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Во раните утрински часови на 16 март 2025 година, дискотеката „Пулс“ во Кочани била исполнета со над 500 лица, кои со нетрпение го очекувале настапот на македонската поп-група ДНК.

Во 2:35 часот наутро, додека концертот бил во полн ек, бината била осветлена со пиротехнички ефекти. Ненадејно, искри од пиротехничките средства го запалиле лесно запаливиот таван на клубот, предизвикувајќи брзо ширење на огнот. Паниката се проширила меѓу присутните, кои се обидувале да се евакуираат низ единствениот излез, што довело до турканица.[5] Еден преживеан опишал дека бил газен од толпата откако паднал по скалите.[7] Еден член на групата ја повикал толпата да се евакуира за време на гаснењето на пожарот, изјавувајќи: „Сите излезете, ќе се вратиме“.[8] Некои од жртвите се обиделе да избегаат низ тоалетот на клубот, но биле пречекани со решетки на прозорците.[7]

Видеата снимени за време на случката покажуваат обиди на присутните да го изгаснат пламенот, додека други се бореле да излезат на безбедно. Меѓу повредените имало и деца.[9] Дел од луѓето што успеале да се спасат, влегле повторно во клубот со намера да спасат колку е можно повеќе животи.

Територијалната противпожарна единица Кочани за 7 минути од добивањето на првиот повик со едно навално возило и со тројца од четирите дежурни пожарникари излегува брзо на терен и се првите што пристигнуваат на местото на пожарот. По самото пристигање на објектот во пламен и согледување на ситуацијата се известува пожарникарот што останал во базата да ја мобилизира цела единица како и да побара помош од сите противпожарни бригади во соседните градови. Веднаш по добивањето на повикот за помош, кон Кочани се упатува возило од ТППЕ Виница, кои пристигнуваат втори, а веднаш потоа и две возила од Доброволното противпожарно друштво Кочани. На терен доаѓаат и екипи од ТППЕ Штип, ТППЕ Свети Николе и ТППЕ Пробиштип.[10] Пожарот во релативно краток период бил изгаснат, а пожарникарите паралелно со гаснење на пожарот, евакуирале и давале прва помош и реанимација на повредените.[10] Успеале и да ја отворат едната врата од локалот што била блокирана.

Жртви

Починати

Од 17 април 2025 година, 62 лица[11] на возраст меѓу 16 и 48 години загинале во пожарот,[12] од кои шест од жртвите биле малолетници.[13] Најголем број од жртвите биле од Кочани и Кочанско, но и од Штип, Пробиштип, Виница, Скопје, Струмица и Куманово. Ова бил најсмртоносниот пожар во ноќен клуб во Европа по пожарот во ноќниот клуб во Букурешт во 2015 година и најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија,[14] и двата предизвикани од пиротехнички средства.[15] Најголем број од луѓето биле пронајдени на самиот влез едни врз други. Според директорката на кочанската болница дел од пациентите што се починати, починале во турканицата што се случила при паниката за излез од клубот.[16] Многу жртви биле тешко да се утврдат поради недостаток на лични карти.[17]

Андреј Ѓоргиески, еден од водечките пејачи на ДНК, иако првично успеал да ја напушти градбата, со изгореници се вратил назад во обид да помогне и да спаси што е можно повеќе животи. За жал бил потврден мртов заедно со фотографот на групата, Александар Ефремов; придружната пејачка Сара Пројковска; тапанарот Ѓорѓи Ѓоргиев; и клавијатуристот Филип Стевановски.[18] Двајца други члена на групата првично го преживеале пожарот, но им подлегнале на повредите подоцна тоа попладне.[19] Владимир „Панчо“ Блажев, друг пејач на дуото ДНК, се здобил со изгореници на лицето и рацете и добил терапија со кислород.[20][21]

Во пожарот загинал и полицаец, кој бил на должност и извршил увид на местото за дрога и малолетници.[22] Фудбалерот на ФК Шкупи, Андреј Лазаров, претрпел тешко вдишување на чад додека се обидувал да ги спаси посетителите на клубот и набргу починал.[23] Дамјан Танески, млад фудбалски голман од Штип, и Петар Ивановски, кошаркар на Баскет Дино деликатес, исто така биле дел од жртвите на пожарот.[24][25]

Возачот на брзата помош во Кочани, Иле Гоцевски, кој превезувал жртви во болница во текот на целиот ден, починал во сон на 17 март, еден ден по пожарот, откако се вратил дома да се одмори.[26][27] Еден од неговите колеги напишал објава на социјалните мрежи во која ги нерекол македонските возачи на брза помош преморени и недоволно платени и ги пофалил постапките на Гоцевски. Македонскиот министер за здравство Арбен Таравари одговорил на објавата, кој ветил дека ќе ги подобри условите за работа и платата на возачите на брзата помош, и рекол дека нивната работа често се занемарува.[28]

Утрото на 4 април, во јавноста излегла вест дека трагедијата зела уште еден живот, со што бројката на загинати се искачила на 60 лица. Станувало збор за Александар Карадаковски, кој работел како шанкер во кобната дискотека и на хартија бил управител на МММ Кафе дооел, кој управувал со дискотеката. Александар бил испратен на лекување во Литванија каде што и го изгубил својот живот.[29]

29-годишниот Александар Глигоровски од Пробиштип, кој 22 дена бил во критична состојба, ја загубил битката за живот на 7 април и станал 61-та жртва од несреќата. Тој исто така бил на лекување во Литванија како и Карадаковски, кој починал само 3 дена претходно.[30]

На 17 април, Министерството за здравство објавило соопштение согласно со информации од Воено-медицинската академија во Белград дека претпладнето истиот ден, на повредите подлегнал и 24-годишниот Стојанче Стефанов од Кочани, станувајќи 62-та жртва на трагедијата.[31]

Повредени

Повредени биле дури 193 лица,[32][33] од кои 20 малолетници.[34] Првиот повик во итната медицинска помош бил точно во 2:48 часот наутро со назнака дека во дискотека, непосредно во индустрискиот дел на Кочани имало пожар. Според директорката на Општата болница во Кочани, сиот болнички кадар за помалку од 15 минути бил мобилизиран, а првите пациенти што биле примени биле со изгореници и со труење со јаглероден моноксид. Биле испратени болнички возила од сите здравствени домови од Источна Македонија (Штип, Свети Николе, Пробиштип, Виница, Македонска Каменица, Делчево, Пехчево и Берово) како и од Скопје и Велес. Дел од пациентите со поголеми изгореници од прв степен веднаш биле препратени до Клиничката болница во Штип, а од таму најкритичните во скопските клиники. Голем број на повредени биле пренесувани и со приватни возила во болниците во регионот. Утрото на 16 март, во Градската болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје биле хоспитализирани 29 лица со тешни изгореници, 7 во клиниката „Жан Митрев“, 24 на Клиничкиот центар, 20 во „8 Септември“, од кои двајца биле во критична состојба.[35][36][37] Во Клиничката болница во Штип се лекувале 20 пациенти, а 12 во болницата во Кочани.[38]

Подрачната болница во Кочани била сериозно неопремена за напливот на жртви, со само две амбулантни возила и едно комбе со кревет.[39] Радио Кочани јавило дека повредените останале да лежат на улица, бидејќи немало доволно возила за итна помош да ги превезе сите. Некои од жртвите биле пренесени во болница од цивилни случајни минувачи.[40] Братот на една од жртвите сведочел за огромен број на трупови во болничките ходници и дека тој морал да ги прегази за да ја провери неговата повредена сестра.[41] Поради сериозноста на повредите како резултат на изгореници и вдишување чад, дел од повредените биле префрлени во специјализирани одделенија во болниците и клиниките во Скопје и Штип.[42][43] До 17 март, сите преостанати пациенти во општа болница Кочани биле префрлени на клиниките во Скопје.[44] Со оглед на тоа што материјалот од што бил изграден таванот на ноќниот клуб содржел азбест, канцероген, министерот за здравство Таравари им наложил на повредените и на секој друг што бил на местото на пожарот да одат на лекар бидејќи можеби го вдишале азбестот.[45][46] Според Мери Цветковска, професор по градежништво на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, теориите за изгорениот азбест не се точни, бидејќи азбестот се крши на топлина наместо да гори. Докторот Бојан Трајковски рекол дека секој што е внатре во ноќниот клуб треба да биде надгледуван за знаци на мезотелиом до крајот на животот.[47]

Меѓународна медицинска помош

Од вечерните часови на 16 март и во текот на наредните денови, повеќе од 100 најтешко повредените биле префрлени во здравствени установи во странство, како последица на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји.[48]

Како дополнителна поддршка во справувањето со кризата, во земјата пристигнале медицински екипи од Србија Србија, Чешка Чешка и Израел Израел, кои се приклучиле на напорите за обезбедување соодветна здравствена грижа.[61]

Бугарија испратила воен авион Ц-27Ј Спартан за транспорт на осум од најтешко ранетите жртви во болницата „Н. И. Пирогов“ во Софија и Воено-медицинската академија во Варна, додека уште шест биле пренесени со амбулантни возила во Софија и Пловдив.[62] Директорот на болницата Пирогов изјавил дека болницата очекува бројката на загинати да се зголеми, бидејќи сите жртви од пожарот што ги примиле се во „многу лоша состојба“, со изгореници на дишните патишта.[63] На 18 март, Бугарскиот Црвен крст, болницата Пирогов и Националниот центар за трансфузиона хематологија организирале крводарителска акција за помош на повредените во Бугарија, поддржана од Воено-медицинската академија.[64][65] До 19 март, повеќе од 600 Бугари дарувале крв во Софија, Горна Џумаја, Варна, Пловдив, Плевен и Стара Загора за жртвите од пожарот во ноќниот клуб.[66] Бугарската амбасада во Скопје известила дека Бугарија е подготвена да обезбеди целосна помош, превоз и сместување за најблиските членови на семејствата на повредените, кои се лекуваат во болниците во Бугарија.[67]

На 16 март, Србија испратила авион Ц-295 на Српските воздухопловни сили за да земе 12 од најтешко повредените жртви, кои биле пренесени во Воено-медицинската академија и Клиничкиот центар на Србија.[68] Дополнително, Србија испратила пет амбулантни возила со 14 медицински лица за да им помогне на преполните болници во Македонија.[69] Две амбулантни возила однеле двајца од најкритично повредените во Ниш, каде што биле примени во Клиничкиот центар во Ниш и во Воената болница во Ниш, а три други возила на брза помош се упатиле во Белград, каде што дополнителни тројца повредени биле примени во Воено-медицинската академија и Клиничкиот центар на Србија.[70] Анестезиологот од ВМА, Горан Рондовиќ, изјавил дека и двајцата пациенти што ги примиле се во критична состојба, но се стабилни. Од 10 пациенти пренесени на Воено-медицинската академија, шест биле на Одделението за интензивна нега, а четворица биле на реконструктивна операција, заклучно со 19 март.[71] На 17 март, друг авион на Српските воздухопловни сили Ц-295 отпатувале од воздухопловната база Батајница за да превезе уште 12 повредени на лекување во белградската Воено-медицинска академија и Клиничкиот центар на Србија.[72] Уште еден повреден со возило на брза помош бил пренесен во болница во Ниш.[73]

Вечерта на 17 март, српскиот претседател Александар Вучиќ ги посетил повредените во Клиничкиот центар на Србија во Белград заедно со министерот за здравство Златибор Лончар и единаесет фоторепортери.[74] Граѓаните на Македонија и Србија на социјалните мрежи го обвиниле Вучиќ дека ја искористил приликата за пи-ар и за добивање политички поени.[75] Вучиќ бил фотографиран како допира пациент со голи раце,[76] а подоцна ја симнал медицинската маска додека зборувал пред новинарите пред пациент.[77] Слично на тоа, македонскиот премиер Христијан Мицкоски, придружуван од неколку други службени лица, ги посетил повредените во скопските болници вечерта на 17 март и повторно на 18 март, пред да им биде дозволено на нивните семејства да ги видат и без сите соодветни безбедносни мерки. Еден човек во друштво на Мицкоски бил виден без маска.[78]

Авион на романските воздухопловни сили Ц-27Ј Спартан, конфигуриран за медицински мисии, заминал на 17 март од Отопени за да изврши хуманитарна мисија за превоз на четворица пациенти со дијагностицирани изгореници од Скопје во болница во Вилнус, Литванија.[79] Медицински авиони на Туција транспортирале повредени во Истанбул и Анкара.[80] Словенија испратила воен авион за да пренесе повредени со изгореници во Медицинскиот центар на Универзитетот во Љубљана, а други двајца биле транспортирани во медицинскиот центар на Универзитетот во Марибор.[81] Околу 3 часот на 17 март, момче и девојче на возраст од дваесетина години биле пренесени во Здравствениот центар на унгарските одбранбени сили.[82] Двајцата се здобиле со изгореници и вдишување чад, и се наоѓале во животна опасност.[83] Во текот на денот во Унгарија пристигнале уште четворица повредени.[84] Медицински авион од Луксембург учествувал во транспортот на повредените.[49][59]

Со помош на амбулантни возила, првично три, а подоцна уште два пациенти биле хоспитализирани во Општата и Воената болница во Солун.[48][49] На 17 март, авион на Грчките воздухопловни сили Ц-130 пренел три тешко повредени жртви на интензивна нега во воената болница во Атина.[85] Според грчкиот министер за здравство Адонис Георгијадис, три болници во Атина и една во Солун биле ставени во зголемена готовност.[86] Истиот ден, биле извршени три лета од воздухопловната база Воглер до Скопје со авион Ц-130 Херкулес на Австриските воздухопловни сили до болниците во Грац и Виена.[87][88] Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на 17 март објавил дека два хеликоптери на хрватската армија на 19 март ќе пренесат четворица од ранетите во Хрватска на лекување.[89] На 17 март, Чешка најавила распоредување на десет воено-медицински кадар од Централната воена болница во Македонија, откако Македонија побарала помош.[90] Белгија ја распоредила својата белгиска екипа за прва помош и поддршка за да обезбеди итна медицинска помош на жртвите од пожарот на 19 март, земајќи четворица пациенти.[91][92]

На 20 март, дополнителни три жртви од пожарот биле пренесени со хеликоптер во градската болница „Башакшехир Чам и Сакура“ во Истанбул.[58] На 20 март, Шпанија објавила дека ќе лекува седум од жртвите во Мадрид, при што пет биле пренесени во Универзитетската болница Ла Паз и две во Универзитетската болница во Гетафе.[60]

Статистика

Повеќе информации Возраст, Број на жртви ...
Возрасна распределба на жртвите
ВозрастБрој на жртви
163
173
184
19 1
202
216
232
248
253
267
272
293
303
312
321
33 1
364
382
431
442
471
48 1
Вкупно62[93]
Затвори

Истрага

Thumb
Последиците од пожарот

Министерот за внатрешни работи на Македонија, Панче Тошковски, потврдил дека се уапсени лица што биле дел од организацијата на концертот за време на кој настанал пожарот. На терен веднаш биле ангажирани сите соодветни институции, вклучувајќи и обвинители специјализирани за организиран криминал. Во тек е истрага за да се разјаснат околностите на овој трагичен настан и да се утврди одговорноста.[94]

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објавил дека се распишани потерници за над 20 лица, а 15 осомничени веќе биле во притвор.[95] Тој открил дека дискотеката „Пулс“ ја добила дозволата за работа преку корупција и поткуп. Меѓу уапсените биле Дејан Јованов-Деко, сопственик на дискотеката, Размена Чекиќ Дуровиќ, поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Крешник Бектеши, поранешен министер за економија, и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.[96][97] Инспекторите откриле дека ноќниот клуб работел под фалсификувана лиценца потпишана од Дуровиќ. Дискотеката била сместена во еднокатна градба што претходно служела како магацин за теписи.[98][99]

На прес-конференција утрото на 17 март, премиерот Мицкоски објавил дека во цела Македонија биле издадени само 12 законски лиценци за ноќни клубови, меѓу кои не се наоѓал клубот „Пулс“. Само еден ден подоцна, министерството за економија објавило дека сепак се работело за 22 лиценци.[100][101] Помеѓу првичните 12 клуба со законски лиценци се нашле 3 дискотеки во Битола, 2 во Охрид и по една дискотека во Прилеп, Неготино, Гевгелија, Делчево, Кичево, Штип и Виница.

Тројца поранешни градоначалници на Кочани биле уапсени на 20 март — Ратко Димитровски, Николчо Илиев и Љупчо Папазов (кој поднел оставка по пожарот) — под сомнение дека се вмешани во незаконското работење на ноќниот клуб.[102]

Последици

Thumb
Протести во Кочани, 17 март 2025 година
Thumb
Оддавање почит кон Ѓорѓи Горѓиев и жртвите од Кочанскиот пожар во Струмица
Thumb
На 18 март 2025 година, на плоштад Македонија во Скопје, голем број на граѓани се собрале за да им оддадат почит на жртвите од пожарот во ноќниот клуб во Кочани.

По пожарот во ноќниот клуб во Кочани, темелна проверка открила значителни безбедносни прекршоци во ноќниот клуб „Пулс“:[103]

  • На местото му недостигала основна опрема за заштита од пожари, вклучувајќи доволно противпожарни апарати и функционален противпожарен систем.
  • Клубот имал само еден пристапен излез, бидејќи задната врата била заклучена, што сериозно ги попречувала напорите за евакуација за време на пожарот.[104]
  • Градбата претрпела неовластени видоизменувања, вклучително и употреба на незаконски материјали за звучна изолација, што можеби придонело за брзо ширење на пожарот.

Како одговор на несреќата, властите започнале сеопфатна тридневна инспекција на сите ноќни клубови и кабареа низ целата земја за да ги спроведат безбедносните прописи.[105] На 19 март, на три од дванаесет објекти со важечка лиценца за кабаре, ноќен клуб или дискотека, кои на 18 март биле проверени од Државниот пазарен инспекторат, им била одземена дозволата за вршење дејност бидејќи не ги исполнувале минималните технички услови за работа.[106] Дополнително била откирена уште една фалсификат лиценца што била издадена во изминатиот период на објект во Скопје.[106] Приведен бил и сопственик на кабаре од Куманово кај кого биле најдени пиротехнички средства.[106]

На 18 март, Агенцијата за цивилно воздухопловство поставила забрана за вршење на какви било операции со воздухоплови без екипаж (беспилотници) на територијата на градовите Кочани и Штип.

Граѓански собири и протести

Thumb
Кафулето „Класик“, сопственост на истиот поединец во „Пулс“, демолирано како последица на протестите во Кочани, 17 март 2025 година

Во деновите по трагедијата во секој еден град во републиката се одржале собири во чест на починатите, каде се побарало правда и одговорност за жртвите од пожарот.[107][108][109] Најголем дел од собирите и протестите биле организирани од студенти и средношколци, но на нив присуствувале граѓани од сите возрасти. Поголеми протести и мирни собири имало во Кочани, Битола,[110] Велес, Виница, Кавадарци,[111] Куманово, Прилеп, Пробиштип, Скопје, Струмица, Тетово и Штип, како и помали собири во другите градови.

Во Кочани протестот на 17 март ескалирал кога дел од граѓаните, најголем број млади, најпрво пред општинската зграда почнале да фрлаат со јајца и камења и барале да излезе градоначалникот Љупчо Папазов, кој претходно поднел оставка. Потоа група граѓани го демолирале и кафе-барот „Класик“ и возилото, чиј сопственик е истиот од дискотеката „Пулс“.[112] Дел од граѓаните се упатиле кон полициската станица во Кочани каде се конфронтирале со полицијата, но не дошло до поголем инцидент.[113] Била каменувана и куќата на сопственикот на дискотеката „Пулс“, но свештеник од локалната црква успеал да ја смири ситуаицјата и толпата се растурила.

На 17 март во Скопје пред платото на УКИМ илјадници студенти оддале почит на 59-те загинати во пожарот во дискотеката во Кочани. Говорите за сочувство и поддршка на министерката за образование Јаневска и ректорката на УКИМ, Ангелова, накратко биле прекинати по извиците за помош од публиката. Две лица колабирале, а интервенирала и итната медицинска помош.[114][115] Говорот на министерката бил исвиркан од студентите, но набргу организаторите ги замолиле студентите да покажат почит и ги потсетиле дека се работи за јавен собир, а не за протест. Наредниот ден во 18:00 часот на плоштадот Македонија бил одржан голем студентски собир на кој присуствувале неколку илјади граѓани.[107]

Во Штип, студенти и средношколци излегле на протест барајќи одговорност за трагичната несреќа што се случила во Кочани, каде загинале 5 жители на Штип. Протестот започнал на градскиот плоштад, а продолжил кон општинската зграда.[116] Неколку стотици луѓе се собрале на мирен протест и на градскиот плоштад во Струмица од каде побарале правда и одговорност за пожарот. Ѓорѓи Ѓоргиев, тапанарот на групата ДНК, и воедно еден од починатите, потекнува од Струмица.[117]

Собири во чест на загинатите и поддршка на повредените се случиле во различни градови низ Европа, Во Србија имало собири во Белград, Ниш, Крагуевац, Ваљево, Љубљана и Копер во Словенија, Нирнберг и Манхајм во Германија, Валета во Малта, Париз во Франција, Софија во Бугарија, Солун во Грција, Загреб во Хрватска како и Перт, Сиднеј и Мелбурн во Австралија.

Реакции

Домашни

По трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, Македонија влегла во период на длабока национална жалост. Владата прогласила седумдневна жалост во чест на 59-те изгубени животи, додека се одржало бдение со свеќи во Кочани, Виница, Гевгелија, Скопје, Струмица и Штип, изразувајќи колективна тага и солидарност.[118]

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со солзи во очите и растреперен глас се обратила за пожарот во Кочани. Кажала дека ги посетила повредените од пожарот во Кочани примени во Клиниката за хируршки заболувања „Наум Охридски“, изразила длабоко жалење за трагедијата каде многу млади загинале и посакала брзо закрепнување и порачала дека никој не смее да избегне одговорност.[119]

„Почитувани и сакани граѓани, ве молам водени од хуманоста и емпатијата да се сплотиме во болката свесни дека смртта и болеста подеднакво не допираат сите без оглед на каква било припадност. Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите. Да ги здружиме силите околу преживеаните. Да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитото и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот.

Вашата неизмерна болка е и моја. Утринава ги посетив болниците. Пред нив ме дочекаа родителите на повредените со надеж и доверба во медицинскиот персонал. И јас, како нив, верувам дека ќе го сторат не само можното туку неможното за да им помогнат на нивните сакани

Добрите луѓе од целиот регион, Европа и светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни“[120]

—Гордана Сиљановска-Давкова

Македонија Премиерот Христијан Мицкоски се огласил на социјалните мрежи по големата трагедија во Кочани: „Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна“.[121]Темелна истрага, немилосрдна борба бортив коруптивниот систем, кривична и морална одговорност по страшната трагедија во Кочани“ порачал премиерот Мицкоски, на како што рекол, „најтажниот ден што го живее Македонија од нејзината самостојност“.[122]

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, се огласил на социјалните мрежи: „Со огромна тага изразувам најдлабоко сочувство за загубата на животите во страшната трагедија што го потресе Кочани утринава. Во овие тешки моменти сите наши мисли и молитви се со семејствата и најблиските на загинатите, како и желбите за брзо закрепнување на повредените. Од рано утринава сите соодветни служби се во постојана координација за обезбедување на неопходната помош и расветлување на сите околности што доведоа до трагедијата. Надлежните институции продолжуваат со официјалните изјави за сите детали поврзани со случајот“, напишал тој.[123] Градоначалникот поднел оставка на 17 март.[124]

Венко Филипче, како поранешен министер за здравство и лекар, изразил длабока тага за трагедијата што го потресла Кочани. „Со голема болка во срцето ја примив веста за ужасната трагедија во Кочани. Ова е црн ден за Македонија. Губитокот на толку многу млади животи е болка што не може да се надомести за семејствата, пријателите и за сите нас“, изјавил Филипче.[125]

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков најавил откажување на сите културни активности во организација на Министерството за култура и неговите национални институции за следната недела.[126][127] Тој им ја понудил својата поддршка на повредените и нивните роднини и рекол дека сите културни институции во Скопје даваат поддршка доколку е потребно.[128] Македонскиот народен театар ги откажал сите претстави меѓу 17 и 22 март, а на роднините на повредените во Скопје што ги посетуваат своите блиски во болниците ќе им биде обезбедено сместување во соблекувалните и апартманите на театарот.[129] Во Скопје, многу хотели и ресторани, но и обични граѓани, понудиле бесплатно сместување и храна за роднините на луѓето што се лекуваат во Скопје.[130]

Македонската влада отворила телефонска линија за психолошка поддршка за жртвите и нивните семејства.[131] Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најавиле донација од 1.500.000 денари во Фондот за солидарност на Црвениот крст за помош на настраданите во пожарот.[132] Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги донирала на фондот 415.724 денари што ги собрале на студентските собири.[133]

Погребите на жртвите се одржале на 20 март во Кочани, Виница, Облешево, Пробиштип, Скопје, Струмица и Штип. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги побарала медиумите „да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди“ додека известуваат за погребите.[134]

Меѓународни реакции

Деновите по трагедијата биле прогласени за ден на жалост во неколку држави:

Држави

  • Албанија Претседателот на владата на Албанија, Еди Рама, изразил подготвеност да ѝ помогне на соседната земја, притоа изјавувајќи дека „занемен сум и се молам повредените да закрепнат и семејствата на жртвите да најдат сила да се справат со нивната неутешна загуба. Со посебно чувство на тага, на браќата и сестрите од Македонија им го пренесувам моето сочувство за големата трагедија во Кочани. Занемев и се молам повредените да закрепнат и семејствата на жртвите да најдат сила да се справат со нивната неутешна загуба. каква и да е потребна помош“.[138]
  • Азербејџан Азербејџанското министерство за надворешни работи изразило сочувство до Македонија по разорниот пожар во Кочани.[139]
  • БелорусијаБелорусија беше во длабока тага кога дозна за бројните жртви предизвикани од пожарот во ноќниот клуб во јужниот град Кочани во Македонија. Во ова тешко време за Македонија, во име на белорускиот народ и јас, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите, ги пренесувам зборовите на искрена поддршка до сите погодени од оваа трагедија, а исто така моите желби за брзо закрепнување на сите повредени“, се вели во пораката на сочувство на белорускиот претседател Александар Лукашенко.[140]
  • Босна и Херцеговина Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ упатиле сочувство до претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски во врска со трагичниот пожар во Македонија.[141] 18 март бил прогласен за Ден на жалост на територијата на Федерацијата БИХ и округот Брчко.
  • БугаријаБугарија ја споделува болката на граѓаните на Република Македонија за пожарот во Кочани, во кој загинале и биле повредени многу луѓе“, напишал на Икс бугарскиот претседател Румен Радев.[142] Бугарскиот премиер Росен Жељазков изјавил дека пожарот е огромна човечка трагедија и изразил сочувство.[143] Во вторник на 18 март, бил прогласен Ден на национална жалост како израз на солидарност. Ова го соопштил премиерот Росен Жељасков.[137]
  • Грузија Грузиското министерство за надворешни работи упатило најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските погодени од оваа трагедија.[144]
  • Грција Сочувство за загубените животи и подготвеноста на Грција да помогне по трагедијата во Кочани, изразил грчкиот премиер Киријакос Мицотакис преку платформата Икс. Тој најавил: „Искрено сочувство до народот на Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време“.[145]
  • Израел Министерот за надворешни работи Гидеон Саар разговарал со својот колега, министерот за надворешни работи на Македонија Тимчо Муцунски за да му изрази сочувство во име на Државата Израел за трагедијата во Кочани. Тој му порачал дека израелски медицински стручњаци ќе отпатуваат во Македонија во текот на следниот ден за да обезбедат медицинска помош.[146]
  • ИталијаИзразувам сочувство до семејствата на многуте млади луѓе што биле вклучени во трагичниот пожар што се случил во текот на ноќта во Кочани. Стоиме со пријателска европска земја во ова многу тешко време“, порачал Антонио Тајани, вицепремиер на Италија.[147]
  • Косово Премиерот на Косово, Албин Курти, изразил длабоко сочувство до семејствата што ги загубиле своите најблиски, како и до лидерите и владата на Република Македонија и на целата земја.[148]
  • ЛатвијаДлабоко сме тажни поради трагичниот пожар во Кочани, Македонија. Го пренесуваме нашето најдлабоко сочувство до најблиските на жртвите и посакуваме брзо закрепнување на сите повредени“, порачало Латвиското министерство за надворешни работи.[149]
  • ЛитванијаЛитванија се солидаризира со Македонија. Нашите мисли и молитви се со жртвите, нивните семејства и пријатели. Литванија е подготвена да им пружи медицинска помош на тешко повредените во оваа трагедија и да ги пречека на лекување во нашата земја“, порачало Литванското министерство за надворешни работи.[150]
  • Молдавија Претседателката на Република Молдавија, Маја Санду, упатила порака за поддршка до народот на Македонија, изразувајќи сочувство до семејствата погодени од разорниот пожар.[151]
  • ОАР Во соопштението, Министерството за надворешни работи на ОАЕ изразило искрено сочувство до Македонија и нејзиниот народ, како и до семејствата на жртвите и желби за брзо закрепнување на сите повредени.[152]
  • ПолскаНајдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од пожарот во Кочани. Полска се солидаризира со Македонија во овој трагичен момент“, напишал на Икс полскиот премиер Доналд Туск.[153]
  • РоманијаДлабоко сме тажни поради разорниот пожар во Кочани, Македонија. Им изразуваме сочувство на семејствата кои ги загубија своите најблиски, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Романија се солидаризира со народот на Македонија во овие трагични моменти“, напишал Илие Болојан на платформата Икс.[154] Авион на романските воздухопловни сили Спартан Ц-27Ј, опремен за медицински цели, полетал од Букурешт за да изврши хуманитарна мисија за транспорт на четворица пациенти со изгореници од Македонија на лекување во болница во Вилнус, Литванија.[54]
  • Русија Амбасадата на Русија во Македонија изразила длабоко сочувство до семејствата и најблиските на загинатите во катастрофалниот пожар што го зафатил ноќниот клуб во Кочани. Оваа порака дошла како дел од меѓународните реакции по трагедијата, придружена со симболичен гест на цвеќе, според објавата на службената страница на Амбасадата на социјалните мрежи.[155]
  • САД Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, изразила сочувство на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а на премиерот Мицкоски му понудила помош.[156] Американската телевизија Си-ен-ен објавила потресна вест за трагедијата што се случила во Кочани. Според извештаите на државните медиуми, најмалку 59 лица загинале, а над 150 други биле повредени во пожарот што избувнал во ноќниот клуб „Пулс“ во оваа македонска општина.[157]
  • Србија На седницата, Владата на Република Србија, на предлог на претседателот на Република СрбијаАлександар Вучиќ, го прогласиле вторник, 18 март 2025 година, за Ден на жалост во Република Србија поради трагедијата во Македонија.[158] Српското министерство за надворешни работи изразило сочувство до народот и властите во Македoнија по пожарот во дискотеката во Кочани.[159] Вкупно 30 од повредените со авиони и амбулантни возила биле пренесени во болниците во Белград и во воената болница во Ниш на 16 и 17 март, а лекарска екипа од Белград пристигнала во Скопје.[51]
  • СловачкаУжаснат сум од трагичните настани во Кочани, Македонија. Упатувам најдлабоко сочувство до семејствата на сите жртви и посакувам брзо закрепнување на повредените“, напишал министерот Јурај Бланар на платформата Икс.[160]
  • СловенијаДлабоко сум тажна поради трагичниот пожар во Кочани, Македонија, кој однесе животи на толку многу млади луѓе“, напиша на Икс претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар.[161] Следниот ден владата одлучила да ѝ донира 550.000 евра на Македонија.[162]
  • Турција Во писмената изјава, Турското МНР изразило длабока тага за загубените животи во пожарот и изразило солидарност со народот на Македонија. „Длабоко сме тажни поради загубата на животи поради пожарот за време на концертот во Кочани, Македонија денеска (16 март)“, се вели во соопштението.[163]
  • Украина Претседателот на Украина, Володимир Зеленски се огласил за трагедијата во Кочани. Тој упатил сочувство до семејствата и најблиските на жртвите, претседателката Гордана Сиљановска Давкова и македонскиот народ, за страшната трагедија во Кочани.[164]
  • Унгарија Министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто веднаш се консултирал со својот колега, Тимчо Муцунски по инцидентот и понудил Унгарија да се грижи за дел од повредени и дека е подготвена да го обезбеди потребниот воздушен транспорт.[165]
  • ХрватскаВо име на Владата на Република Хрватска и во мое лично име, изразувам најдлабоко сочувство до вас, македонскиот народ, а пред се до семејствата и пријателите на жртвите. На повредените им посакувам брзо и успешно закрепнување“, порачал хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.[166]
  • Црна Гора Премиерот на Црна Гора, Милојко Спаиќ, го прогласил понеделник, 17 март, за Ден на жалост на целата територија на државата како знак на сочувство со граѓаните на Македонија.[135]
  • ЧешкаДлабоко сум тажен од веста за трагичниот пожар во Кочани. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите и мислам на сите повредени. Чешка стои до Македонија во овој тежок момент“, напишал на Икс чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски.[167]
  • Шведска Министерката Марија Малмер Стенергард изразила длабоко сочувство од Шведска за загубените млади животи и посакува брзо закрепнување на повредените во трагичниот пожар во Кочани.[168]

Меѓународни организации

  • Европска Унија Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во објава на Икс изразила „длабоко жалење“ поради трагедијата во Кочани.[169]

Верски заедници

  • Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква — Охридска Архиепископија со исклучителна тага и жал ја прими злокобната вест за огромната трагедија во Кочани, во која животот го загубија голем број на наши млади чеда, а уште многумина се борат за живот. Се молиме Троединиот Бог — Богот на љубовта, да ги прими душите на невино постраданите Свои чеда во Едемската градина, а на нивните најмили да им даде утеха и сили, испраќајќи им ја Својата небесна закрила. На повредените, пак, Бог — Лекарот на сѐ, да им дарува брзо закрепнување и исцеление“, стоело во соопштението од Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.[170][171]
  • Ватикан Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски бискуп монсињор д-р Киро Стојанов изразил сочувство по повод трагичната несреќа „Епископот Стојанов ги ветува своите лични молитви и молитвата на Црквата, препорачувајќи ги загинатите на Божјото милосрдие. Повредените, семејствата и сите оние кои се борат за нивните животи тој ги препорачува на застапништвото на Пресвета Богородица, да им дарува побрзо оздравување, сила, утеха – се вели во соопштението од Католичката црква“. Во црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица се служела панахида за покојните, наместо трибината за Јубилејната година, којашто била планирана за тој термин.[172]
  • Ватикан Папата Франциск, преку телеграма потпишана од кардиналот државен секретар Пјетро Паролин упатил порака на сочувство по пожарот во ноќниот клуб во Македонија.[173]
  • Порака со сочувство за трагедијата во Кочани, испратил вселенскиот патријарх Вартоломеј до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до митрополитот Брегалнички Иларион. Како што соопштиле од Цариградската патријаршија, Вартоломеј „му се моли на Бога за успокојување на душите на жртвите и да ги поддржи нивните семејства, како и да помогне во брзото закрепнување на здравјето на повредените“.[174]
  • Бугарскиот Патријарх г.г. Даниил во телефонски разговор со архиепископот на МПЦ ОА, г.г. Стефан изразил сочувство за трагедијата во Кочани. „Патријархот Даниил го увери својот брат дека православните христијани во Бугарија се молат со сето свое срце за упокојување на душите на починатите, за утеха на нивните најблиски и за брзо закрепнување на сите повредени. Болката и страдањето што во овој момент ги доживуваат нашите браќа и сестри од Македонија се во исто време и наша болка и наше страдање“, истакнал бугарскиот патријарх.[175]
  • Романскиот патријарх Даниел упатил порака со сочувство по трагедијата што се случила во неделата во Кочани. Во пораката упатена до поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, патријархот Даниел се моли за упокојување на починатите, за исцелување на повредените и за утеха на ужалените семејства.[176]

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.