македонски револуционер From Wikipedia, the free encyclopedia
Питу Гули (1865 — 12 август 1903) — македонски револуционер со влашко потекло, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Питу Гули | ||
Роден | 1865 Крушево, Македонија (денес Македонија) | |
---|---|---|
Починал | 1903 Мечкин Камен, Крушево, Македонија |
Современици сведочат дека Питу Гули имал завршено само две одделенија основно училиште и дека во младоста бил овчар, крчмар, гостилничар, заточеник и комита. По раната смрт на таткото, мајка му го главила да работи кај богатиот трговец и сточар Манду во Кочани. По некое време, како и многумина други крушевчани, во потрага по подобра егзистенција, се нашол меѓу македонските печалбари во Софија. Годината на раѓањето на Гули се изведува од сведоштвата за неговото влегување во четата на Адам Калмиков. Неколкумина современици тврдат дека во 1885 година тој бил на дваесетгодишна возраст, така што може да се прифати дека Питу Гули е роден во 1865 година. Тој бил врсник на Пере Тошев и Ѓорче Петров, а на Мечкин Камен загинал на 38-годишна возраст.
Во 1895 или 1896 година, Гули се оженил со крушевчанката Евгенија, ќерка на сточар од Крушево. Во бракот со Евгенија тие имале четири деца - тројца синови и ќерката Флора. Академик Манол Пандевски потенцира дека набргу по загинувањето, петчленото семејство на Питу се распаднало. Една година по смрта на Гули, умрела жена му од туберкулоза. Четирите деца одраснале во сиропиталиште во Битола. Нивната ќерка Фрлора умрела млада по ампутација на едната нога. Ташко Гулев (Шула Гули) загинал во 1913 година во редовите на Македонско-одринските доброволни чети во рамките на бугарската армија, Никола Гулев (Лакја Гули), кој бил еден од најверните помагачи на Тодор Александров, бил убиен од Србите во 1924 година, а Стерјо Гулев, кој бил соработник на бугарската полиција, се самоубил по влегување на партизаните во Крушево, во 1944 година.
Калмиковата чета се формирала во Ќустендил, а се состоела од 120 четници, чија главнина дошла од Софија. Со неа дошол и Питу Гули. Префрлањето преку границата станало во две групи, ноќта на 18 спроти 19 мај 1885. По влегувањето во Македонија, четата се движела во јужна насока - преку Осогово, Пијанец, Голак, Плачковица, Радовишко и Плауш кон Демир Капија. Во Радовишко четата била откриена. Против неа излегле потерни единици, составени од турска војска и башибозуци. Останувајќи без водичи и врски, четата изгубила ориентација, а преминот на Вардар кај селото Градец бил чуван од бројна аскерска единица.
Заробените востаници во Солун биле држани неколку месеци во затворот Беаз Куле (Белата Кула), којашто и денес стои до самиот морски брег. Востаниците добиле по десет години затвор, освен Ташко од Лазарополе, кој затоа што изјавил дека тие дошле да се бијат за ослободувањето на Македонија добил 15 години.
Судот го одредил затворот на градот Аргале Маден за место на издржувањето, оддалечен два дена пешачење на исток од Дијарбекир. Поаѓајќи со брод од Солун, изврзани еден со друг со синџири од по седум алки. Целото патување од Солун до Аргале Маден траело три и пол месеци, од 19 декември 1885 до 28 март 1886 година.
Питу Гули се вратил во родниот крај во годината на основањето на Македонската револуционерна организацијакојашто само по две години ќе почне да ја разгранува својата мрежа и во Крушевско. Се спријателил со семејството Зердевци кои држеле гостилница во Кичево. Питу Гули, пак во тие години и во Крушево отворил кафеанче во месноста Ќошкот, кај Влашка Корија. Зачленет во Организацијата меанчето го претворил во јатак за организационата чета на Дуко Тасев, другарот од заточеништво. Преку него крушевската организација ги одржувала врските со четите на Организацијата. Питу Гули повторно оди како печалбар и емигрант во Софија кон 1900 година. И во Софија, на периферијата од градот, Питу држел скромна гостилница која станала сврталиште на македонските емигранти и комити, во прв ред, од Крушевско, Кичевско, Прилепско, Демирхисарско. Питу Гули во Софија останал до март 1903 година, кога по вторпат, сега веќе како војвода на чета, тргнал за Крушевско.
По пристигнувањето во родниот крај Питу Гули наеднаш бил вброен меѓу командниот кадар и вклучен во војводското тело на Крушевскиот востанички реон. Сите биле максимално ангажирани во подготовките на востанието, а за Питу ги обиколувал селата. Неговиот одред бил најмногуброен. Тој од селата ја собрал и селската милиција, па одредот на почетокот броел околу 350 луѓе. На Втори август утрината Питу пред сите востаници одржал говор, наспомнувајќи им ја заклетвата и барајќи строго извршување на наредбите од претпоставените старешини. Веднаш по преземањето на градот, Питу Гули демонстративно ја искажал својата гордост и радоста од постигнатиот успех. Јавнат на бел ждребец, облечен во запленета беговска срмена облека, тој одел на чело на одредот, следен од знаменосецот Ѓорѓи Димев, со развеано знаме. Утрото на 12 август Бахтијар паша го испратил фатениот Крушевчанец Коста Њику Баждавела во својство на парламентарец кај востаниците со порака да се предадат на милоста на султанот. Заедно со пораката дошол и ултиматумот дека доколку не се предадете и не наведнете глави, градот ќе го бомбардирам и запалам, додавајќи дека тој го смирил Косово и е кадарен да го смири Крушево. Иако постоело колебање во Штабот, конечното решение гласело градот да се брани, а на војводите им била испратена наредба секој да остане на своите позиции. Наум Томалевски знае дека Питу на последното советување во Штабот решително го отфрлил предлогот за предавање на градот, изјавувајќи дека тргнува кај четата за да се бие и да ги брани честа и градот.
Тој добил известување дека турскиот аскер наидува од три правци, така што морал да ја поведе четата кон Мечкин Камен. Пред конечниот распоред на бојното поле војводата, со кратка реч ги окуражил борците, строго наредувајќи им никој да не отстапува од своето место, а стрелбата да ја почнат само откако ќе го чујат истрелот од неговата пушка. Еден од учесниците во битката убаво се сеќава:
„ | Потоа Ѓорѓи знаменосецот го раздипли свиленото црвено знаме и го забоде во земјата близу до себе и до двајцата свои наследници - знаменосци. Ја изгореа сета архива, се испрегрнавме и избацивме и фативме позиции во каменестото место. Питу беше во средината. Чекавме да наближат Турците. По сигналот од војничка труба, непријателот тргнал во жесток јуриш, но бил запрен од плотуните на востаничките пушки и бомби [1] | “ |
Томалевски запишал:
„ | Турската колона кај Трстеник и Врбовец се појави зад грбот на четата, која веќе е блокирана скоро од сите страни. Страшен бој. Дојдовме на 5-10 метри, потем на 2-3 чекори и најпосле се измешавме со Турците... Не можевме да се служиме со пушките, зашто недостасуваа фишеци, а и затоа што тетовките и грчките пушки се прегреаја и не ги исфрлаа куршумите. Приквечер борбата престана, зашто Мечкин Камен беше покриен со мртви и тешко ранети четници на коишто никој не можеше да им помогне. Турците не запреа, туку со брз марш го продолжија своето настапување кон градот. Четници, башибозуци и турски војници лежеа мртви и ранети еден до друг. Дури утредента, по конечното освојување на градот, Мечкин Камен повторно поцрне од војници. Дојдоа да ги доубијат нашите ранети, да ги ограбат и да ги погребат своите [1] | “ |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.