From Wikipedia, the free encyclopedia
Обична ѕвингалка или снегар (науч. Fringilla coelebs) — честа и широкораспространета мала врапчевидна птица од семејството на ѕвингалките (Fringillidae). Распространета е низ цела Европа, вклучувајќи ја и Македонија, низ Азија до Сибир и во северна Африка.
Обична ѕвингалка | |
---|---|
Мажјак ⓘ | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Ѕвингалки |
Род: | Fringilla |
Вид: | Обична ѕвингалка |
Научен назив | |
Fringilla coelebs Linnaeus, 1758 | |
Лето Постојан жител Зима Населен canariensis spodiogenys[б 1] |
Оваа птица за првпат е опишана од Linnaeus, 1758, во десеттото издание на неговата „Систем на природата“ под нејзиното сегашно научно име. Fringilla е латински збор за ѕвингалка, а coelebs значи неженет или самец. Се издвојуваат поголем број подвидови во зависност од шарките и разликите во боите. Тие се поделени во три поголеми групи: coelebs групата, со птици во Европа и Азија; spondiogenys групата - во северна Африка и canariensis групата - на Канарски Острови.
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Обичната ѕвингалка е долга околу 14.5 см, има распон на крилјата 24.5-28.5 см и тежи околу 18-29 грама. Возрасниот мажјак има црно чело и синосива круна и тил. Над опашката е светломаслинавозелен, а грбот е кафеав. Страните на главата, грлото и градите се бледа ’рѓацрвена боја која преоѓа во светла кремаворозова на стомакот. Опашката е темносивоцрна. На црните крилја има бела лента, а секундарните пердуви се црни, но обрабени со кремавобело.
Возрасните женки се многу побледи од мажјаците. Главата и поголемиот дел одозгора е сивкавокафеав, а долните делови се посветли. Над опашката и долниот дел од грбот се бледомаслинавозелени. Младенчињата се слични со женките.
Песната на обичната ѕвингалка е моќна и позната. Мажјакот обично има 2-3 различни типа песни, а постојат и различни типови во зависност од областа.[18]
Британецот Вилијам Торп, во својата влијателна студија, ги утврдувал влијанијата врз пеењето на овие птици. Па, така, заклучил дека ако младенчињата во еден критичен период од животот не научат од повозрасен да пеат, тие никогаш нема да ја научат песната соодветно. Исто така, го утврдил и влијанието на тестостеронот. Без него (со кастрација) птицата воопшто не пее, а со вбризгување дополнителна количина, таа пее и во ноември, кога вообичаено не го прави тоа.[19][20]
Обичната ѕвингалка се размножува во шумите каде летните температури во јули се меѓу 12 и 30 °C. Таа не е преселница во поумерените области на нејзиниот опсег, но од посеверните, сепак, зиме се движи понајуг. Формира мали и непостојани јата вон сезоната на парење, понекогаш мешани со планинската ѕвингалка.
Основната храна на оваа птица се семињата, но за разлика од другите ѕвингалки, младенчињата ги хранат исклучиво со инсекти, како и возрасните за време на сезоната на парење.
Полова зрелост достигнуваат на едногодишна возраст. Претежно се моногамни. Почетокот на сезоната на парење зависи од температурите, и започнува порано понајуг, а подоцна понасевер. Гнездото го гради само женката и обично го сместува на чатал од грмушката или дрвото на неколку метри од земја. Тоа е длабока чашка направена од гранчиња и тревки, однадвор со мов и трева, па лишаи и пајаживи, а внатре послано со ситни коренчиња и пердувчиња. Леглото има најчесто 4-5 јајца, нежни и сјајни и во многу различни бои. Од светлосинозелени до светлоцрвени со виолетовокафеави точки, линии и дамки. Ги инкубира само женката во период од 10 до 16 дена. Потоа ги грее уште 6 дена додека не почнат да се оперјуваат и за тоа време ги хранат обата родитела, најмногу со гасеници. Уште три недели зависат од родителите кои им носат храна. Овие птици ретко имаат второ легло, но ако го имаат, тоа е во ново гнездо.
Обичната ѕвингалка е широкораспространета на околу 7 милиони км². Само во Европа има околу 130-240 милиони пара, а вкупната популација изнесува околу 530 - 1.400 милиони единки. Нема показатели дека таа опаѓа. Затоа, според Црвениот список на МСЗП ова е вид со најмала загриженост од изумирање.[21]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.