Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Македонското востание (во македонската историографија познато под името Кресненско востание, а во бугарската историографија познато под името Кресненско-разлошко востание) — востание на македонскиот народ против отоманската власт кренато на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година во селото Кресна, во долината на реката Струма во Пиринска Македонија.
Кресненско востание Македонското востание |
|||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Печат на Главниот штаб на Македонското востание |
|||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Македонскиот народ и Комитетот Единство | Османлиско Царство | ||||||
Сила | |||||||
околу 6 000 востаници и доброволци [1] | 8 000 - 10 000 турски аскер и башибузлук (нерегуалрни сили) |
Самите настани во Големата источна криза (1875-1881) година, Руско-турската војна, Санстефанскиот мировен договор и Берлинскиот конгрес имале силно влијание во Македонија.
Револуционерниот дух кај македонскиот народ сè повеќе растел особено по востанието во Босна и Херцеговина и ослободувањето на Бугарија од страна на Русија во Руско-турската војна.
Најголема причина за оружена борба за ослободување на Македонија предизвикал членот 23 од мировниот договор на Берлинскиот конгрес, кој се однесувал на Македонија и предвидувал нејзина автономија но останување во рамките на Османлиското Царство.
„ | Литл Бој... раскажува за дејноста на четите во Македонија и нивните дејствија ги споредува со дејствијата на селаните во Италија во 1855 г. Тој вели дека тие не се орагнизирани банди, туку производ на лошата состојба од турското општество и управ, резултат на анархичноста во аграрното уредување, на полната незаштитеност на приватната сопственост. Тој, меѓу другото, вели дека не може да се одрекува дека таквите шајки во Босна, Херцеговина, Македонија и Бугарија имаат извесни политички насочувања. Според него во такво матно време шајки можат да се претворат во војска, а ајдутството да се претвори во војна за ослободување [2] | “ |
Главните подготовки за подигнување на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци - учители, трговци, свештеници итн. Најангажирани во подготовките биле охридскиот Митрополит Натанаил Охридски и познатиот македонски револуицонер учителот Димитар Поп-Георгиев Беровски кој две години претходно бил главен водач на Разловечкото востание, познатиот македонски војвода од тој период Стефо Николов, познатиот македонски револуционер од тоа време поп Коста (Буфски) од с.Буф-Леринско и неколкумина македонски војводи.
Голема улога во подготовките и одвивањето на востанието ќе имаат и штотуку формираните т.н. благотворителни комитети Единство, кои ги организирале мирните но и вооружените протести и акции против решенијата на Берлинскиот конгрес кои имале главно негативен карактер во однос на Санстефанскиот мировен договор кој во целост бил во корист на Бугарија. Најважни од нив биле Софискиот и Џумајскиот комитет кои всушност играле и раководна улога во востанието.
При подготовките за востанието најмногу се сметало на четите кои би се формирале од доброволци - Македонци-ополченици во Бугарија кои по завршувањето на војната останале таму. Меѓутоа искуствата покажале дека за да успее востанието требало да се исползуваат чети од Македонија кои веќе ги крстосувале македонските планини, чети познати на народот, чети кои ќе ги имаат идеалите за слобода на Македонија и чети кои немаат никакво влијание од соседните држави (Бугарија, Србија, Грција).
Кон крајот на септември 1878 година Софискиот благотворителен комитет во Ќустендил го испратил Луј Војткевич (Полјак) со голема чета од 300 души за да се префрли во Македонија. По краткотрајна вооружена борба, четата била разбиена од турскиот аскер и Луј Војтеквич се вратил назад во Софија по нови инструкции.
Истиот месец Адам Калмиков (Козак од Украина) со голема чета доброволци се обидел да влезе во Македонија но и неговиот обид ќе биде неуспешен поради тоа што неговата чета целосно била разбиена од турскиот аскер. Подоцна овие двајца ќе бидат поставени од комитетот Единство со раководни функции во востанието.
На состанокот одржан на 8 септември во Рилскиот Манастир, свикан од Натанаил на кој присуствувале и Димитар Поп-Георгиев Беровски и војводата Дедо Иљо Малешевски (Марков) било решено да се повикаат сите чети кои дејствувале недалеку од демаркационата линија да се приближат до Горна Џумаја. На повикот се одзвале повеќе чети и во Горна Џумаја се одржало советување со војводите за востанието.
Токму на ова советување бил прифатен предлогот на еден од поистакнатите војводи Стојан Карастоилов, востанието да започне со нападот на Кресна. Тука било прифатено со нападот да раководи Стојан Карастоилов.
Иако во целост подготовките за востанието биле во раководени од македонските војводи, сепак комитетот Единство како главен иницијатор на востанието (иако сакал востанието да изгледа како дело на Македонија), не можел да допушти целото востание да се одвива во рацете на македонските војводи и Македонците. Затоа по нивното барање командата на востанието му била доверена на офицерот на руската армија козакот Калмиков.
Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на Кресненските анови во кои била сместена турската војска. Во нападот учествувале 400 востаници и многу селани од околните села. При самиот напад на турскиот гарнизон на востаниците им се предале 109 турски војници.
По ослободувањето на Кресна востанието се проширило во околината и подалеку во Мелничко, Беровско, Делчевско, Демирхисарско. Настанала голема слободна територија.
Една од првите мерки на востаничките водачи, по ослободувањето на селата, била да воведат нова месна административна власт, да извршат мобилизација за пополнување и формирање на нови чети како и избор на воено-востаничкото раководство. На општото собрание востаниците за востанички водач го избрале Калмиков, за началник на штабот Димитар Поп-Георгиев Беровски, а за прв војвода на четите Стојан Карастоилов.
За ова Поп-Георгиев Беровски уште на 20 октомври (8 октомври, стар стил) го известил Џумајскиот комитет и се потпишал како началник штаба на македонските востаници:
До Добротворниот комитет во Џумаја! Господин К. Бошков! Вашето писмо од 6 овој месев (бр.7) го зедов исправно. На 7 овој месец, вчера, Турците нападнаа на нашите стражи во село Влахи, ги разбија и изгореа околу 20 куќи. Ние ги одбивме Турците, убивме 4 од нив и нивниот јазбашија. За ранетите не се знае, битката продолжи 13 часа, го изгоревме турското село Грнчар. Вам ви пишувам за да ги известите другите комитети дека востаниците го одбраа Г-на Адама Јованаовича (Калмиков), наименуван од востаниците, за атаман. Мене, Димитрија П. Георгиев за началник на Штабот, Героги Михајлов за помошник на Штабот, благајник и одговорен за оружјето. За прв војвода Стојан Карастоилов од четата Губернатор Тухолка, за втор војвода Коста Георгиев од четата Каравелов, за трет војвода Стојо Торолинко од четата Алабин, за четврти Крсто Аризанов од четата Домонтови...
— Ве поздравува Началникот на Штабот на Македонското востание Д. П. Герогиев, с. Влахи, 8. X. 1878 [3]
Овде се појавиле првите несогласувања и недоразбирања помеѓу македонските револуционери и бугарските комитети. Претставниците на комитетот Единство, Адам Калмиков и Луј Војткевич сакале востанието да биде проширено што поскоро и во останатите делови на Македонија со цел да се привлече вниманието на европската дипломатија.
Меѓутоа Стојан Карастоилов, Димитар Поп Георгиев и другите македонски војводи се стремеле најпрво востаничката територија да се организира, да се набави оружје, муниција и друг воен материјал, да се регрутираат свежи востанички сили и дури потоа да се удри на останатите области.
Веднаш по востанието било формирана полициска управа. Во сите ослободени места била воспоставена народна власт, а народот без разлика на националната и верска припадност (Македонци, Турци, христијани, муслимани) бил целосно ослободен од сите даноци.
До Џумајскиот македонски комитет! Господин К. П. Василков!... Во Кресна се формира Полициско раководство кое ќе има грижа да собира војници од заземените места, да собира данок од неспособните за војска, да ги гони бегалците, да го варди редот и спокојството на населението и друго. Погрижетесе се вие да испратите во таа полициска управа еден поопитен писар со плата кој ќе воведе ред
— Ве поздравува Началникот на Штабот на Македонското востание Дим. П. Герогиев, с. Влахи, 17. X. 1878 [3]
Во ослободените места не биле забележани протерувања, убиства и изживувања врз турското муслиманско население. Македонското население од сите ослободени места со големо воодушевување го помагало востанието не само преку човечка сила (одење на селани во востаници) туку и преку давање на жито, земјоделски производи, резерви на храна и облека, а подоцна и преку давање засолништа на востаниците. Задачи на полициските стражи биле:
Раководството презело мерки и за орагнизирање на регуларна војска:
До македонскиот џумајски добротворен комитет! Го примивме вашето писмо од 17. X. 1878 година. Ги примивме и 60 пушки калпаклии, шест и пол товари куршуми и 16 шинели. Работите одат досега добро. Во селата Игралишта, Добрилаќе и Гореме се определија за постојано како регуларна војска 400 души да стојат готови за секој случај и тие преку секој десет ден ќе се сменуваат. По овој начин сето население ќе се држи на постојана внимателност и да биде вооружено за борба. Сите селани им го поставивме за капетан Златко. Тој ќе е како судија и ќе седи во с. Цапарево (Петричко). Во секое село селаните се прибраа од колибите и со нивно избирање определивме старешински совети што ќе се грижат за храната на востаниците и на војниците од три села...
— Ве поздравувам и сум ваш Д. П. Герогиев, 20. XII. 1878 [5]
Уште во почетокот на востанието биле изработени Правила на Македонскиот востанички комитет или Привремени правила за организација на македонското востание[6].
Правилата претставувале законодавен акт за време на Востанието, а со нив биле регулирани целиот социо-економски и општествено-политички живот и на востаничките територија и сили но и на целата територија на Македонија. Кон крајот на Декември 1878 година Правилата биле преработени и по обем и содржински. Наместо поранешните 232 члена по преработката имале 211 члена. Во уводниот дел се истакнуваат причините за востанието и било истакнато дека:
„ | Познато ни е на сите нас дека злосреќната наша земја Македонија поради причини за егоистични цели од страна на големите сили и е оставена на Турција по Берлинскиот конгрес. Во резултат на тоа дојде во одделните области на нашата татковина до многу кравави сцени познати на секого. Во желба да го отфрлиме од нашата татковина турскиот јарем, секој од нас, кој колку може, станавме да се жртвуваме, бидејќи од секого од нас е нужна помош. Ние востанавме како поборници на слободата. Со нашата крв што ја пролеваме низ полињата и горите македонски ние служиме, како македонска војска на Александар Македонски, за слободата со нашата девиза: Слобода или смрт! Меѓутоа, поради настаните и ослободувањето на голем број села од нашите востаници и вопијушите потреби да се воведе еден ред во земјата каде што дејствуваат востаниците, решивме да поднесеме едни правила од Македонскиот востанички комитет, односно Устав, по кој сите ќе се управуваме и сите ќе ги исполнуваме додека не ја ослободиме нашата татковина Македонија[7] | “ |
Некои од членовите:
Кресненското востание било прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија. Очигледното мешање во политиката на востанието и водењето на борбата и спроведувањето на своите зацртани планови на бугарските комитети довеле до големи недоразбирања и судири со македонските востаници и револуционери.
Првиот судир се случил уште при борбите за ослободување на Кресна, помеѓу македонскиот војвода Стојан Карастоилов и рускиот офицер во бугарска служба Калмиков. Иако судирот бил од воено - тактички карактер сепак тука за првпат се судриле и целите и плановите на македонските револуционери и бугарските комитети.
Подоцна судриот помеѓу двајцата странци Калмиков и Војткевич ќе предизвика толкаво незадоволство кај македонското раководство што Димитар Поп-Георгиев Беровски ќе напише доста остро писмо во кое го осудува самоволието и мешањето на Софискиот и Џумајскиот комитет во Македонското востание.
Под притисок на комитетот Единство востаничките сили удриле во Разлошката котлина. Со акциите раководеле Луј Војткевич и бугаринот Бано Маринов. Бил заземен административниот центар, потоа Банско и други села. Маринов бил ранет при овие борби и не можел повеќе да учествува во акцијата. Востаниците оваа територија ја држеле 2 недели по што турската војска почнала да настапува, востаниците морале да се повлечат. По повлекувањето на востаниците аскерот почнал со палење на селата.
По борбите во Разлошката котлина, Стојан Карастоилов, Димитар Поп-Георгиев Беровски и другите македонски војводи од раководните позиции на востанието ги смениле Адам Калмиков и Луј Војткевич. Меѓутоа комитетот Едниство на тоа остро реагирал и од своја страна испратил комисија од тројца комесари кои од своја страна спровеле воен суд за Стојан Карастоилов и луѓето блиски до него. Пресудата гласела смрт.
Смртната казна врз Стојан Карастоилов била извршена на 6 декември 1878 година, додека пак Димитар Поп-Георгиев Беровски се спасил благодарение на Натанаил Кучевишки. Беровски ја задржил должноста војвода во областа Каршијак но и таа подоцна му била одземена. На тој начин македонските војводи биле одстранети во раководењето со востанието, а тогаш главен раководител на востанието станал комитетот Единство. Меѓутоа набргу доброволците почнале да ги напуштаат востаничките редови, а тројцата комесари не можејќи да ја контролираат ситуацијата се вратиле во Бугарија.
Втората фаза од востанието е каракатеристична што македонските војводи биле одстранети од челните функции, а раководењето го презел комитетот Единство. Во Софија бил свикан собир на ограноците на Единство и требало да се избере централен комитет за воени акции но сите ограноци не испратиле свои претставници и затоа Софискиот огранок го овластил Натанаил Кучевишки да раководи со сите административни и финансиски работи на востанието. Кон Натанаил се приклучиле Стефан Стамболов и Никола Обретенов.
Натанаил Кучевишки и Стефан Стамболов потоа заминале за Ќустендил и започанле со формирање и воружување на чети составени од доброволци. Со таа цел тие почнале да формираат и логори за четите во селата североситочно од Ќустендил по што се пристапило кон организирање на четите.
Четите имале свој војвода, десетар и писар. Секоја чета се состоела од 50-80 души. Во почетокот егзистирале 8 чети, а на 1 април 1879 година бројот на четите изнесувал 12 чети со јачина од 597 души. Бил создаден и штаб за четите чие седиште се наоѓало во Босилеград, а на чело на штабот бил поставен словенeцот Мирослав Хубмаер. Покрај штабот била формирана и воена управa со војнички совет - Воено управление во него влегувале сите војводи на четите.
Од 12 раководители, 7 биле Македонци, 1 Русин, 1 Црногорец, 1 Грк, 1 Влав, а меѓу добровлците во четите формирани во Бугарија имало Македонци, Бугари, Срби, Руси, Полјаци и Црногорци.
Кон крајот на 1878 или почетокот на 1879 година Стефан Стамболов ги посетил софискиот, ќустендилскиот и дупничкиот огранок, а потоа и востаничкиот штаб во Босилеград. Пред обиколката Стамболов сета бадлежност во врска со востанието ја препуштил на Натанаил Кучевишки.
За потребите на четите бил изработен и еден дисциплински устав од 12 члена, од страна на Натанаил Кучевишки, Стефан Стамболов и Хубмаер. Некој од членовите на овој устав:
Во пролета 1879 година во логорите на територијата на Бугарија како и на востаничката територија состојбата се влошила. Во логорите имало недостаток од секакви средства, храна, облека, муниција и други материјали, поради тоа дошло до дезертирање на четниците. Постепено дошло до самовлни напади на карулите, а тоа придонело и самите Турци да вршат напади од таа страна.
Истовремно се влошила положбата и на востаничката територија и таму имало недостаток на оружје и муниција. Од друга страна по остранувањето на македонските војводи од раководните позиции, востаниците започнале да ги напуштат востаничкте редови на доброволната војска.
Во средината на Февруари 1879 година комадантот на турскиот гарнизон во Петрич ги повикал селаните да се предаат од востаничката територија. Барањето било одбиено по што турската војска започнала со својата акција. Хусеин бег од Петрич со 8 000 аскер и башибозук (нерегуларни воени сили) удрил на востаничите редови. Напредувањето на Турците било постепено и внимателно.
Раководителите на востанието најверојатно поради стратешки цели голем дел од востаниците ги испратиле во внатрешноста на Македонија во Битолско, Воденско и Костурско за да го покренат и таму на востание населението.
На 14 мај 1879 година востаничкиот комитет од Малешевските планини испратиле повик до целото население на востание но одзивот бил многу мал.
Од друга страна демолизирачки врз населението и востанието била и веста дека руската војска која се наоѓала во Горна Џумаја си заминала по што Турците почнале да се враќаат во Горноџумајско. Четите во внатрешноста на Македонија од Градец на Вардар заминале на територијата меѓу Вардар, Мариовските планини и Демир Капија, со цел да го кренат населението но неуспешно...
Истовремено со деморализацијата на востаничките редови и добровлните чети дошло до слабеење на активноста на комитетите на Единство во Горна Џумаја, Софија, Ќустендил и Пловдив, поради напуштање на членството.
Поради таквата состојба Натанаил Кучевишки заминал за селото Падеж и таму на 6 јули 1879 издал наредба за демобилизација на четите и собирање на оружјето кое требало да се складира во селото Бураново. Со самото тоа Кресненското односно Македонското востание завршило.
Во почетокот на јули 1879 година престанале секакви дејствија во однос на востанието но со доаѓањето на Турците во Горна Џумаја започнало бегство на населението од Џумајската каза и од внатрешноста на источна Македонија. Околу 25 000 - 30 000 христијани заминале во Бугарија и тоа била една од првите поголеми миграции на населението од Македонија во Бугарија. На местата на избеганото населението почнале да се доселуват муслимани од Бугарија.
Во Бугарија востанието се нарекува Кресненско-разлошко востание, затоа што во опфатот на востанието се додава и востанието во истото време околу градот Разлог.
Според бугарски историчари наведениот „Правилата на Македонскиот востанички комитет“ од 1878 година, кој што е единствено сведошство за етничкиот македонски карактер на востанието и кој нема зачуван оригинал е фалсификат изработен од македонскиот историчар Славко Димевски.[8]
Според бугарските научнци постои само еден нормативен акт а тоа се Привременни правила за нареждането на Македонското въстание (или "Правила на македонскиот востанически комитет") и тие биле напишани од Стефан Стамболов и Натанаил Охридски[9].
Другите зачувани документи не говорат за Македонско востание во етничка смисла.[10][11][12][13][14][15][16][17][18] Во Апелот на привремената влада, издаден на Пирин Планина на 10.XI.1878 година се вели:
„ | Браќа Бугари и Словени! Познато е на сите вас дека несреќна е нашата страна, Македонија, татковина на нашите просветители и извор на словенската писменост. Ако и да се ослободи од петвековното ропство од нашата покровителница и бранителка на сите балкански христијани, Русија, но по причина на себичниот и од други цели, се остави пак на Турција по Берлинскиот конгрес, и се наоѓа во очајна положба... Вие треба да знаете дека Македонија, еднаш оставена под турски арем, таа и за нас е изгубена; бидејќи непријателите на нашето обединување неусетно дејствуваат и гледајќи дека останатото за нив е изгубено, се обратиле главно внимание на нашата земја со цел да истребат во неа бугарскиот елемент. И така, браќа, настана веќе време кога да покажеме на себеси дека сме народ достоен за слобода, дека во нашите жили не е сопрела да тече крвта на Крум и Симеон...[19]" | “ |
Македонските историчари во Кресненско востание гледаат како на важна етапа во борбата за човекови права и слободи, борба за создавање на самостојна македонска држава и како важна етапа во развојот на македонското националноослободително револуционерно движење.
Правила на Македонскиот востанички комитет од 1878 година се пронајдени во приватната архива на бугарскиот патријарх Кирил од страна на македонскиот историчар Славко Димески, меѓутоа таквиот документ од страна на бугарските историчари е оценет како фалсификат. Бугарските историчари истакнуваат дека по смрта на патријархот таквиот документ не бил најден во неговата архива. Мистеријата околу овој документ останува и понатаму.
Треба да се истакне дека такви случаи има повеќе, различните толкувања на документите не се ретки во бугарската и македонската историографија.
Таков пример е интегралниот текст од спомените на Иван Хаџи Николов. Бугарската историографија се користи со текстот даден од страна на Христо Шалдев, меѓутоа таквата презентација на документот не е прифатлива за македонските историчари.
Имено Гане Тодоровски тврдеше дека тој го имал во рака интегралниот текст од спомените на Николов и таквиот документ одстапувал од текстот на Шалдев.
Во однос на бугарските тврдењата дека освен Правилата на Македонскиот востанички комитет од 1878 год нема други документи за Кресненско востание во етничка смисла, треба да се посочи печатот на главниот штаб каде јасно стои Македонско востание.
Самите раководители востанието го нарекле Македонско, а најголемиот дел од раководителите и востаниците биле Македонци, во ниеден норамативен акт на востанието, дури и во оној создаден од Хубмаер, не може да се сретне зборот Бугари и Бугарија, во смисла дека востанието има бугарски карактер.
Еден од раководителите на востанието Димитар Поп-Георгиев Беровски, секогаш во својата коресподенција се потипишувал како Началникот на Штабот на Македонското востание, а писмата испратени до комитетот во Горна Џумаја се адресирани како до Џумајскиот македонски комитет!.
Во целата достапна документација евидентно е дека недостасуваат белези за каков било бугарски карактер на Кресненско востание.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.