From Wikipedia, the free encyclopedia
„Горски венец“ (српски: Горски вијенац - Историческо собитије при свршетку XVII вијека) е драма во стихови на црногорскиот и српски писател Петар Петровиќ Његош.
На почетокот на драмата се наведeни следниве ликови:[1]
Меѓутоа, во драмата се јавуваат и други ликови кои авторот пропуштил да ги наведе, и тоа: Вук Марковиќ, војник, втор војник, еден Цуца, деца, дете и момче, како и неколку ликови кои немаат дијалог, но се појавуваат во делото (Вук Бориловиќ, трите слуги на владиката – двајцата по име Новак и бајрактарот Пима, еден калуѓер и еден млад човек).[1]
Делото започнува со посветата „На правот на таткото на србија“ (српски: Праху оца Србије), т.е. тоа му е посветено на Караѓорѓе Петровиќ кого авторот го става во редот на најголемите српски јунаци, како и во редот на големите европски војсководачи, заедно со Наполеон, Кутузов, Суворов, Велингтон итн. Посветата е напишана во Виена, на Нова година, 1847 година.[2]
На Ловќен се собрани сите црногорски главатари (кнезови, сердари и војводи). Владиката Данило е замислен и нерешителен, насетувајќи ја неизбежната борба меѓу православните и потурчените Црногорци. Пред црквата, народот игра, а сите ја проколнуваат лошата историска судби на Србите и ги слават големите српски јунаци. Поглаварите го повикуваат владиката да преземе некаква акција, но тој најпрвин ги повикува видните луѓе од редовите на потурчените. Започнуваат преговори со нив, во кои Црногорците ги повикуваат да премиинат во православната вера, но потурчените одбиваат да го прифатат тоа. Потоа, доаѓаат гласници од Подгорица кои на владиката Данило му носат писмо од везирот Селим, кој бара од Црногорците да се покорат, плашејќи ги со големата турска војска, а владиката му враќа решителен одговор.[3]
Црногорските првенци ги раскажуваат своите соништа, искажувајќи ја желбата за борба со Турците. Потоа доаѓа војводата Драшко кој им раскажува за својот престој во Млетската република, чудејќи се на нивните животни навики и обичаи. Поглаварите набљудуваат како во полето поминуваат сватови од двете вери, кои пеат песни во слава на својата вера и на своите јунаци. Потоа, доаѓа сестрата на младиот јунак Батриќ која ја оплакува неговата смрт, а потоа самата се убива. Сите поглавари ја оплакуваат смртта на јунакот и на сестра му.[4]
На гумното пристигнуваат вооружени луѓе од повеќе црногорски племиња. Тие со себе носат една баба за која мислат дека е вештерка, а таа признава дека била уценета од Турците да внесе раздор меѓу Црногорците.[5] Додека седат поглаварите, планините се тресат, а меѓу нив доаѓа слепиот игумен Стефан кој ги повикува на јуначка борба. Откако сите поглавари ги раскажуваат своите соништа, тие влегуваат во црквата за да се заколнат дека ќе се борат против потурчените Црногорци. На Божиќ, од сите страни пристигнуваат вооружени Црногорци кои раскажуваат за своите борби со потурчените Црногорци кои ги заклале или ги протерале.[6]
„Горски венец“ претставува круна на творештвото на Његош и најпопуларното и, веројатно, најмисловното дело во српската книжевност. Мотивот за ова дело е земен од еден вистинит историски настан што се одиграл на почетокот од XVIII век - истребувањето на потурчените Црногорци од страна на христијанското население, но идејната концепција е поширока и се однесува на стремежот за ослободување од турското ропство. Исто така, како еден вид претходник на ова дело се јавува и драмскиот спев „Гордост црногорска“ (српски: Дика црногорска) на Сима Милутиновиќ, учителот на Његош. Најпосле, драмата е пишувана по угледот на античката драма.[7]
Во „Горски венец“ Његош ги оставил бескрајните вселенски простори и ги напуштил апстрактните медитации за да земе предмет од животната стварност, поставувајќи прашања кои биле блиски на неговото време и пеејќи за најубавите стремежи на својот народ. Во делото тој кажува големи животни вистини, а сето тоа го прави искрено и со висока уметничка вредност, создавајќи творба која истовремено е убава и жива. „Горски венец“ е прекрасна песна за слободата и силна осуда на тиранијата, а основната идеја во делото е потребата од народно единство како услов за запазување на црногорската слобода и независност. Преку посветата на Караѓорѓе Петровиќ, оваа идеја Његош ја поврзува и со српската борба за слобода (Првото српско востание) со што Његошевата мисла добива поширока основа и подлабоко значење.[8]
Во „Горски венец“ се изразува најголема одвратност кон домашните предавници, а авторот ог искажува ставот дека нивното уништување е патот кон народното единство и кон обезбедувањето на слободата и независноста. Затоа, со најголме презир се зборува за „дрчните и плашливите“, за „Бранковиќи и лиживагани“ и за „подтрпезните кучки“ кои станале слуги на непријателот. За народните изроди се посочува само едно решение:[9]
„Биј го врагот да му згине трагот,
ел губи ги и обата света!“
Понатаму, „Горски венец“ е песна на борбата и на херојството со истакнување на неопходноста и оправданоста на борбата:[10]
„Нема воскрес ако смрт немаше“
„Нека стане борба едностојна
Нека биде и што не бидува.“
Пошироко гледано, „Горски венец“ е дело за борбата против тиранијата и нечовештината, зашто слободата и среќата на народите не можат да се остварат ако не се уништи тирнаијата:[11]
„Но тиранство со нога да згазиш
да го свиеш право да познае,
тоа долг е најсветол човечки!“
Во „Горски венец“, мислата ја заменува суштината на сцената, а дикцијата се јавува како замена за движењата и акцијата. Поради оваа мисловна тежина, често се јавуваат различни коментари и толкувања на одредени делови од драмата. На пример, во стиховите 583-584 се вели:
„На јунакот често му се сака -
ведрото небо да го насмее гласно -“
Според еден коментатор, овие стихови значат дека често небото му се насмевнува (силно засветлува) на јунакот како одраз на неговото јунаштво. Меѓутоа, кај Његош, зборот „грохот“ означува грмотевица, со што стиховите добиваат сосема поинакво значење, т.е. често се случува јунакот како гром од ведро небо ненадејно да удри на непријателот. Слично е и со стиховите 2513-2514, кои гласат:
„Морето стенка под силата небесна,
се колеба во морето небото,“
И овие стихови коментаторите ги толкуваат нејасно, т.е. според некои, тие значат дека небото го тормози морето, а морето пак му се заканува на небото, а други ги толкуваат како наивно-реалистична слика, додека најправилно би било тие да се сфатат метафорично, т.е. земната сила (морето) е во судар со надземната сила (небото).[12]
Делото дише со црногорскиот и народниот дух, а во него не е опишан само еден настан, туку е даден народниот живот во неговата целокупност, т.е. покрај херојската борба е прикажан и животот на народот со сите негови маки и радости, обичаи и суеверја, без идеализирање на сметка на вистината; подвизите и јунаштвото се дадени без преувеличување; желбите и нежниет чувства се прикажани со лирска топлина; наивните страни и верувања се дадени верно и искрено. Во делото видно место му е дадено на народот, кој е изворот на решителноста и на борбеноста. Пркеу ората, народот дејствува колективно и ја поткрепува решителноста на првенците, особено кога владиката Данило не може да ја донесе решителната одлука. Токму народот ги осудува и српските феудални големци за раздробувањето на земјата, за сеењето неслога и за труењето на српството. Понатаму, Његош ја осудува и експлоатацијата и националното потиснување од страна на Венецијанската Република, а ги исмејува и осудува и раскалашеноста на богатата класа, распространетоста на кодошите, стравот што владее меѓу народот и суровите венецијански затвори. Понатаму, делото има и поширока национална концепција за ослободување на јужнословенските народи. Затоа, делото му е посветено на Караѓорѓе Петровиќ, водачот на Првото српско востание, а во него, војводата Драшко со болка во душата му раскажува на Мандушиќ за несреќната судбина на Далматинците и на останатите Хрвати под венецијанска власт. Воопшто, „Горски венец“ е поетска творба што дава сила и отвора перспектива на праведната народна борба, а во секојс тих од поемата извира борбен и слободољубив глас. Поради тоа, поемата е едно најубавите јужнословенски творби, како по основната замисла, така и по уметничката обработка, а за тоа сведочат повеќе од 80 изданија и преводите на голем број јазици.[13]
Делото е повеќепати објавено на македонски јазик. Првото издание потекнува од 1947 година (Државно книгоиздателство на Македонија), во превод на Блаже Конески, направен според десеттото српско издание од 1940 година, под редакција на Милан Решетар. Во својата белешка, Конески нагласува дека преводот „во извесни работи отстапуе од нашата денешна литературна норма“ со намера „да ја предаде колоритноста на Његошевиот народски збор“.[14]
Во 1988 година, делото било објавено како заедничко издание на три издавачки куќи: Мисла, Култура и Македонска книга, а во рамките на библиотеката „Странски и југословенски автори“. Препевот е дело на Блаже Конески, ликовното уредување го извршил Кочо Фидановски, а коректурата ја направила Вера Арсовска. Книгата, со обем од 159 страници и со димензии од 20 сантиметри, е испечатена во печатницата „Киро Дандаро“ во Битола. Книгата каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 86-15-00019-0.[15] И во ова издание, преводот е направен според десеттото српско издание на Милан Решетар од 1940 година.[16]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.