Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Првото српско востание — востание на Србите против Османлиското Царство. Траело од 14 февруари 1804 година до 7 октомври 1813 година. Востанието во почетокот започнало како локална побуна против дахија, но истото прераснало во една голема револуција. На чело на востаниците застанал Караѓорѓе Петровиќ. Во 1814 година во Букурешт бил потпишан договор според кој на српскиот народ требало да му се даде автономија. Но, договорот никогаш не бил спроведен на дело. Така, во 1813 година, востанието било задушено и повторно била воспоставена целосна османлиска власт.
Прво српско востание | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Знаме од Првото српско востание |
|||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Српски востаници Поддржани од: Руска Империја |
Од 1805:
|
||||||
Команданти и водачи | |||||||
| Сулејман Паша Хурсид Паша |
Оваа востание претходело на т.н. Второ српско востание кое избувнало во 1815 година, кое придонело до создавање на современа Србија.
Во XVIII век, тимаро-спахискиот систем (османлискиот феудален поредок) влегол во фаза на целосно распаѓање, а тоа особено се одразило во меѓународната положба на Османлиското Царство и нејзиниот внатрешен поредок. Османлиската држава и војска ја изгубиле својата некогашна моќ и организираност, а во поглед на воружувањето, опремата и подготвеноста заостанувала зад армиите на европските сили. Османлиското Царство повеќе не била во состојба да го сочува својот престиж како голема сила. Империјата во серијата на австриско-турските и руско-турските војни постојано доживувала порази и со секој потпишан мир станувала се послаба. Европските сили имале големи територијални претензии врз Османлиското Царство, а т.н Источно прашање станало едно од главните меѓународни прашања во Европа и Блискиот Исток. Меѓутоа, Османлиското Царство успеала на одреден начин, благодарение на Наполеоновите војни, да ја подобри својата положба и да ги искористи противречностите помеѓу големите сили.
На внатрешен план, Империјата се соочила со анархија на цели области. Високата Порта и султанот го изгубиле својот престиж и не можеле да ги спроведуваат своите одлуки. Кон крајот на 18 и почетокот на XIX век, пашите кој ги добиле областите на управување, успеале да ги претворат во наследни пашалуци и честопати воделе политика спротивна од онаа на централната власт. Христијнаското население незадоволно до општата состојба почнало да истапува со барања за воспоставување на редот и мирот по провинциите или добивање на пошироки права во Империјата.
Во 1791 година бил потпишан Свиштовскиот мир со кој завршила војната помеѓу Хабсбуршката монархија и Османлиското Царство водена во периодот помеѓу 1788-1791 година. Со мирот, српското христијанско население се стекнало со амнестија, но останало под власта на Османлиското Царство. Во текот на оваа војна, Србите се бореле на страната на Хабсбурговците и биле организирани во доброволечки одреди под команда на домашни луѓе. По потпишувањето на мирот, српските првенци барале да се воспостави редот и мирот во Белградскиот пашалак, а положбата била сложена бидејќи српското население и понатаму било вооружено.
За да ја смири состојбата во оваа османлиска провинција, султанот Селим III бил подготвен да направи отстапки кон христијанското население. Тој издал неколку фермани во 1791, 1792, 1794 и 1796 година со кои на Србите им било дозволено да поседуваат оружје и да формираат милиции, решавање на локалните прашања, односно кнезовите да управуваат во селата, а оберкнезовите во кнежините. Српските првенци добиле право да ги собираат даноците и судска власт.
Меѓутоа, најголемиот проблем било во тоа што централната власт не можела да ги спроведе султановите фермани, а јаничарите и муслиманското конзервативно население било против какви било остапки во полза на христијаните. Во претходниот период, централната власт со цел да ги отстрани јаничарите од османлиската престолнина, каде што тие често предизикувале нереди, почнала да ги поставува по провинциите каде што јаничарите успеале да ја преземат локалната власт и да си обезбедат за себе и за своите роднини голем број на села и имоти кои ги претвориле во чифлици. Во текот на австриско-турската војна, Белград, седиштето на пашалукот бил под окупација на Хабсбурговците, а јаничарите биле принудени да се повлечат. По завршувањето на војната, јаничарите сакале да се вратат назад, а состојбата била затегната бидејќи српските првенци и христијанското население се спротивставувале на таквиот стремеж.
Централната власт, именувала нов паша кој добил задача да се пресмета со непосолушните јаничари и да ја подобри соработката со српските првенци. Набргу бил издаден ферман со кој јаничарите биле протерани од Белградскиот пашалак и се засолниле во соседните провинции.
Протераните јаничари склучиле сојуз со видинскиот ајан Осман Пазваноглу, моќен османлиски феудалец кој ја контролирал територијата помеѓу Дунав и Стара Планина. Во 1797 година, јаничарите со помош на Пазваноглу го нападнале Белградскиот пашалак. Претставниците на централната власт и српските првенци започнале заедничка борба против јаничарите и нивниот сојузник. Во 1797 година, во пашалукот била формирана српска војска на чело со Станко Харбашиќ, која во април истата година броела околу 15 000 луѓе. Централната власт и српските сили успешно излегле на крај со јаничарите, а нивниот сојузник Пазваноглу во Видин бил опседнат во неговата тврдина.
Меѓутоа, во 1798 година состојбата од корен се изменила. Наполеон извршил инвазија врз Египет, а Османлиското Царство се нашла во тешка положба. Поради надворешниот пристисок, Високата Порта и султанот решиле да се спогодат со бунтовничите елеменити во провинциите, а на јаничарите им било дозволено да се вратат во Белградскиот пашалак под услов да му се потчинуваат на тогашниот белградски управник Хаџи Мустафа.
По враќањето, јаничарите се судриле со домашните оберкнезови и набргу истапиле и против самиот белградски паша. Хаџи Мустафа, неговиот син Дервиш-бег и српските првенци започнале борба против јаничарите. Но, во јули 1801 година јаничарите го освоиле Белград и го принудиле пашата да ја повлече својата војска. По заминувањето на регуларните османлиски сили и српската милиција во Ниш, на 15 декември, Хаџи Мустафа бил убиен, а власта се нашла во рацете на јаничарите и нивните водачи.
Јаничарите не претставувале компактна целина туку биле поделени на повеќе групи на чело со одделени водачи кои започнале да водат борба помеѓу себе за превласт во пашалукот. По завршувањето на борбите помеѓу јаничарите, власта била поделена помеѓу четворица нивни водачи т.н дахии: Алија Кучук, Аганлиј, Мула Јусуф и Мехмед-ага Фочиќ. Секој дахија добил одделен дел од пашалукот, а веднаш по преземањето на власта, започнале со укинување на султановите поовластувања за христијанското население и го засилиле притисокот.
Високата Порта не можела да преземе ништо за да ја смири состојбата во пашалукот. Во Белград бил испратен Хасан-паша, меѓутоа тој не можел да ги контролира јаничарите. Портата плашејќи од можноста јаничарите да го повикаат Пазваноглу во Белград, решила да ги амнестира јаничарите и тоа со посебно писмо од 10 мај 1802 година.
Владеењето на јаничарите ги обединило сите оние кои не биле задоволни од таквата состојба. Во Земун се собрале повеќе приврзаници на поранешниот паша Хаџи Мустафа, Срби и Турци, а од нив најактивни биле Петар Ичко и поранешниот благајник Хасан бег, кој ја имал поддршката на повеќето спахии. Во летото 1802 година, тие се обиделе да организираат поголемо движење против дахиите, но поради прерано започнатата акција кај Пожаревац и Авала, движењето доживеало неуспех, а притисокот на дахиите врз спахиите се засилил. Незадоволните муслимани и христијани испратиле писмо во Цариград до султанот Селим III барајќи помош.
Во почетокот на 1803 година, дванаесет срспки кнеза одржале сосотаноок во ваљевската нахија, на средбата особено се истакнале Алекса Ненадовиќ и Илија Бирчанин. Српските кнезови се договориле за 8 месеци да започнат борба против дахиите. Некои од српските првенци одржале средба во Шумадија, каде што донеле слична одлука. Кон крајот на истата година, Алекса Ненадовиќ испратил писмо до австрискиот командант во Земун, мајорот Митезер во кое го известил дека Србите се во лоши односи со дахиите и дека најверојатно ќе до дојде до вооружена борба со нив.
Сосема случајно писмото на Ненадовиќ се нашло во рацете на дахиите и решиле први да дејствуваат. На 4 февруари 1804 година, јаничарите го извршиле т.н Сеча на кнезовите во текот на оваа акција биле ликвидирани повеќе истакнати Срби, меѓу нив имало трговци, кнезови, свештеници, а особено на мета биле оние кои се истакнале во борбите против јаничарите.
Главните жаришта на акцијата биле во источниот и западниот дел на Белградскиот пашалук, како и во Шумадија. Меѓу првите жртви биле кнезот Алекса Ненедовиќ и Илија Бирчанин ликвидирани во Валево, потоа кнезот Петар во Ќуприја и многу други, а меѓу последните жртви бил Хаџи Рувим. Бројката за убиените лица не е точно позната и варира. Според писмото на Михајло Пејиќ испратено до Стефан Стратимировиќ, бројот на жртвите изнесува 72 души. Меѓутоа во писмото испратено од српските првенци до рускиот престваник во Цариград од 3 мај 1804 година се споменува бројка од 150 души.
Српските првенци кои се спасиле во т.н Сеча на кнезовите, еден дел од нив се засолниле, а други започнале да го организираат народот за борба против јаничарите во сите краеви на пашалукот. Во западниот дел на пашалукот, борбата била предводена од Јаков и Матеј Ненадовиќ, како и од Милош Обреновиќ. Во Шумадија, народот бил организиран и предводен од Караѓорѓе Петровиќ со помош на ајдучкиот војвода Станој Главаш. Во источниот дел на пашалукот, отпорот бил предводен од Миленко Стојковиќ, кнезот Момир Дугалуќ, Перта Добрњац и други [1][2][3].
Во првата етапа, српските востаници не се побуниле против централната власт туку против јаничарите и нивните водачи. Во текот на овој период, востаниците ги продолжиле своите контакти и преговори со Високата Порта. Во оваа етапа, востаниците барале спроведување на ферманите издадени од султанот Селим III. Целта на востаниците била ослободување на пашалукот од дахиите, а не добивање на независност од султанот и Високата Порта. Востаниците во овој период сакале да добијат гаранции дека јаничарите ќе бидат протерани од пашалукот, како и укинување на нивната сопственост над земјоделските имоти.
Веднаш по т.н Сеча на кнезовите, во Шумадија најпрво средба одржале Ѓорѓе Петровиќ, кој од Османлиите бил наречен Караѓорѓе, Јанко Катиќ и Васо Чарапиќ, а набргу им се придружило локалното српско население и повеќе ајдуци, меѓу кои биле Станој Главаш и ајдукот Вељо.
По пристигнувањето на веста за подготовка на борбата против дахиите, се кренало и населението до другата страна на Колубара, тука се истакнале братот на Алекса Ненадовиќ, Јаков и свештеникот Лука Лазаревиќ. Слична била состојбата и од онаа страна на Морава каде што се истакнале Миленко Стојковиќ и Петар Теодоровиќ Добрњац. Набргу речисите сето машко христијанско население во Белградскиот пашалук се кренало на оружје.
На собирот на најугледните луѓе од Шумадија за водач на востаниците најпрво бил предложен Станоје Главаш, меѓутоа тој ја одбил понудата, а подоцна бил предложен кнезот еодосиј Маричевиќ, но и тој го одбил предлогот и на 14 февруари 1804 година на собирот во Орашец (Шумадија), од страна на 300 првенци од околината, за водач бил избран Караѓорѓе Петровиќ.
Собирот во селото Орашец бил импровизиран собир на одреден дел од српските првенци, главно од Шумадија. Според изворите, на овој собир најмногу имало претставници од Крагуевачката нахија и кнежината Јасениц, како и од Рудничката нахија. Меѓу присутните биле и ајдуците на Станоје Главаш. Според некои српски историчари, собирот немал сесрпски народен карактер [4], меѓутоа со изборот на Караѓорѓе за водач биле поставени основите за формирање на централно востаничко раководство кое успешно ги предводело борбите против Османлиите.
Дахиите биле изненадени од масовноста на востанието и разни подмитувања и преговори се обиделе да го спречат движењето. На 21 февруари 1804 година, Аганлиј со 400 јаничари заминал за Шумадија за да започне преговори со српските првенци. На средбите, Аганлија на востаниците им ведил подобрување на положбата на христијаните и укинување на хановите, а на Караѓорѓе Петровиќ му понудил парили или на територијата на Хабсбуршката монархија да му купи имот. Караѓорѓе личната понуда ја одбил, а во однос на промена на општата на соостојба во пашалукот побарал хабсбуршките власти да бидат гарнат дека јаничарите ќе ги спроведат своите ветувања. Бидејќи Аганлиј не можел да се договори со востаничките првенци решил да ги нападне, меѓутоа во Битката кај Друлуп на 24 февруари неговите сили биле поразени, а самиот Аганлиј бил ранет и одвај се спасил бегајќи за Белград. Оваа битка била првиот судир помеѓу востаниците и дахиите, а победата која ја оставариле востаниците го кренал моралот на христијанското население.
По овој пораз, дахиите повторно се обиделе да преговараат со српските првенци за постигнување на мир и испратиле своја делегација која на 4 март во Хасан-пашината палата во Смедерево била примена од Караѓорѓе. Српскиот водач како услов за постигнување на договор, побарал дахиите да се предадат, но неговото барање бил одбиено со што преговорите пропаднале. По неуспешните преговори, востаниците ги продолжиле своите акции и на 18 март го освоиле Рудник, а во април кај Боточин и Јагодина ги поразиле јаничарите. Остатокот од поразените јаничарски сили кои се повлекувале кон Белград биле разбиени кај селото Лештан од страна на востаниците предводени од Васо Чарапиќ. Кон крајот на април, целата територија на Шумадија била исчистена од јаничарското присуство, а во почетокот на март, околу 10 000 востаници предводени од Караѓорѓе се нашле во близната на Белград.
На 20 март во Белград завладеала паника поради присуството на востаниците. Дахиите започнале организирање на отпорот и побарале помош од рани страни, особоено од Босна и Видин, а од друга страна биле подготвени на преговори и значајни остапки во полза на христијаните. Не можеле да побараат помош од Портата, бидејќи биле во лоши односи со неа, а некои од околните паши учествувале во борбите против јаничарите. Помошта им била скратена и од нивниот поранешен сојузник Пазвантоглу од Видин кој се стремел да го потчини Белград.
Целата територија од Сава до Дунав била востаната, под команда на Јаков на Сава и Чарапиќ на Дунав, а меѓу нив се наоѓале востаничките сили под команда на Караѓорѓе и Катиќ, таквата состојба го привлекло вниманието на централната власт. Хасан бег, Ибрахим ага Видајиќ и други се обиделе во самиот Цариград се обиделе да го придобијат вниманието на големиот везир, укажувајќи му дека состојбата во Белградскиот пашалук се претвора во вистинска војна. Тие сметале дека е корисен отпорот против дахиите, големиот везир му дозволил на Хасан бег околу себе да ги собере спахиите кои побегнале од јаничарите, а Јован Рашковиќ кој тогаш се наоѓал во престолнината на Османлиското Царство го назначил за надгледник на царината во Белград, а од друга страна босанскиот паша добил наредба да ја презеем целата работа во свој раце, да ги протера дахиите и да го воспостави редот во оваа османлиска провинција.
Босанскиот везир Абу Бекир со 3 000 луѓе пристигнал во Белградскиот пашалак и бил пречекан со најголеми почести. Неговото доаѓање ги исплашило дахиите, бидејќи постоела можност од склучување на сојуз помеѓу босанскиот паша и христијаните. Кон крајот на април, Караѓорѓе преговарал со австрискиот капетан Сајтински. На сосотанокот кој бил одржан, Караѓорѓе како претставник на востаниците побарал заштита од Хабсбуршката монархија. Меѓутоа, Хабсбурговците биле зафатени со Наполеон Бонапарт и сакале да ги сочуваат добрите односи со Високата Порта, отука барањата на востаниците биле одбиени. Австриските власти официјално ја гонеле српската емиграција, меѓутоа потајно Србите добиле дозвола за купување на оружје и муниција. Српските водачи отакао биле одбиени од Виена, решиле да се обратат до рускиот претставник во Цариград, во писмото кое било испратено до него била истакнати положбата и барањата на српското население, меѓутоа била истакната и верноста кон султанот.
До собранието во Остружница, борбите во Белградскиот пашалук биле во полн ек. Во западниот дел, борбите биле предводени од Јаков и Матеј Ненадовиќ, а востанието се проширило во Колубара, Тамнав и Посавина. Ситуацијата се усложнила кога Османлиите од Шабац ја примиле веста за востанието во Шумадија и побарале помош од Али бег од Зворник кој со неколку стотина свои војници се упатил кон овој град. Меѓутоа, на 28 февруари 1804 година во Битката кај Свилеув, неговите сили биле поразени, а победата на востаничките сили придонела за разгорување на движењето во Шабачката нахија. На 18 март, востаничките сили го освоиле и запалиле Валево, а Шабац бил опседнат. На опседнатите јаничари им пристигнала помош од Босна, кон крајот на април кај манастирот Чокешин востаниците предводени од Јаков Ненедовиќ биле поразени од босанските сили, во борбите особено се истакнале браќата Дамјан и Глигорије Недиќ [5]. И покрај поразот, востаниците успеале да го освојата Шабац и поголемиот дел од нивните сили биле испратени кон Белград.
За борбите во Пожаревачката нахија во текот на февруари нема конкретни сведоштва. Од достапните информации се дознава дека под водството на Миленко Стојковиќ и некои други првеници, било покренато востание, а локланото муслиманско население се засолнило во градот Пожаревац, каде што започнале со организирање на одбраната. Со доближувањето на востаничките сили од Дунав, за случувањата во оваа нахија се зголемуваат сведоштвата. Во извештајот на австриските власти од 8 март се напоменува дела целата Пожаревачка нахија, која ги опваќала Браничево, Звижд и Горњак, се наоѓа во востани и дека има околу 2 000 души на оружје. Миленко со големи сили започнал да го стега обрачот околу Пожаревац, а во градот тогаш имало околу 1 000 куќи у околу 1 500 вооружени муслимани. Здружените востанички сили успеале да ја исчистата Пожаревачката нахија, а ноќта на 7 март востаниците се упатиле кон Пожаревац, кој подоцна бил принуден да се предаде.
Во тој период, Ѓуша Вуличевиќ го опседнувал Смедерево. Од смедеревската област во Ресава се префрлил Стојко Кривокуќ од Аџибеговец, по неговото пристигнување и оваа област се кренала на востание. Во средината на март 1804 година, востаниците ги исчистиле силите села во белградската нахија, а муслиманското население се засолнило по градовите и тврдините, како што се Белград, Шабац, Пожаревац, Смедерево, Јагодина, Крагуевац и други.
Од 6 до 15 мај 1804 година се состанале српските првенци за да го утврдат понатамошниот тек на востанието. На собирот, покрај Караѓорѓе Петровиќ, учествувале: Станоје Главаш, Младен Миловановиќ, Ѓуша Вуличевиќ, Тодосије Маричевиќ (Булатовиќ) од Орашец, Јанко Катиќ, Васо Чарапиќ, Сима Марковиќ, Алекса Лазаревиќ од Сопиќ, Павле Поповиќ од Вранич, Јуриша Михаиловиќ од Грабовец, Петар Ериќ од Звечак, Ѓорѓе Миловановиќ од Железник, Марко Дољахчевиќ од Остружница, Радоје Трнавац од Раниловиќ, Ристо Радојчиќ од Блазнав, Танаско Рајиќ од Страгара, Ранко Радиќ од Неменикуќа, Рака Левајац, Матеј Ненадовиќ, Милоје Петровиќ од Трнава, Михаило Лазаревиќ од Сопиќ, Милан Обреновиќ од Брусница, Теодосије Филиповиќ од Книќ, Сава Игуман Раванички, Јосиф Игуман Калениќки, Милоје Вукашиновиќ и други.
Главно прашање со кое се занимавале српските првенци идните преговори со дахиите, а станало збор и за понатамошниот развој на востанието, организацијата на новите власти, набавката на муниција и слично.
Собранието на српските превенци одлучило да се побара: дахиите да го напуштат Белград, секој везир да управува според султановит ферман од 1793 година, во секоја нахија да има судница и на секој христијанин да му се суди според законот, слобода на веросиповед, слободна трговија, христијанското население самостојно да ги бира своите кнезови.
Во текот на работата на собранието, со посретство на командантот на Славонската краина, генералот Џенејн, бил организиран сосотанок помеѓу српските првенци и претставниците на дахиите на 10 мај во Земун.
На средбата, српските првенци побарале во Белградскиот пашалок да стапи во сила самоуправните поваластувања од 1793 година, јаничарите да го напуштат пашалукот и Хабсбуршката монархија да биде гарант на договоорт. Претставниците на дахиите ги одбиле барањата на српските првенци, а собранието во Остружница решило да продолжи борбата против дахиите.
По неуспешните преговори во Земун, водачите на српското востани започнале своите сили да ги групираат околу Белград. Крагуевачката и рудничката востаничка војска биле предводени од Караѓорѓе Петровиќ, а баљевската и шабачката војска била предводена од Јаков и Матеја Ненадовиќ, Живко Дабиќ, Остоја Спуж и Андреја Витомировиќ. Нивна основа цел била освојување на Белград.
На 9 мај 1804 година, Караѓорѓе заминал во пресрет на ваљевската војска, а муслиманските сили предводени од дахиите и Алиј Гушанац несупешно се обиделе да го спречат. Во битката која се разврзала, српските востаници постигнале победа со која се зацврстила опсдата на Белград. Набргу пота, востаниците усепале да ги освојата Пожаревац и Смедерево.
Босанскиот везир Абу Бекир од централната власт добил задача да го воспостави ред и мирот во Белградскиот пашалак, а добил и султанова дозвола за ликвидација на четворицата дахии. Со овој чин османлиските власти се надевеле дека ќе смираат востаната христијанска раја во оваа провинција. Абу Бекир ги изолирал четворицата дахии на островот Ада Кале, а потоа им овозможил на српските првенци да ги ликвидираат. Во обид да ги придобие српските водачи, Абу Бекир назначил дваесет кнеза и им ја доверил управата над градовите во Белградскиот пашалок, со што исполнил дел од барањата на востаниците.
по ликвидирањето на дахиите, сосотојбата во Белградскиот пашалак не се подобрила. Јаничарите останале во оваа османлиска провинација, тука било и конзервативното муслимаско население кое било против какви било остапки во корист во полза на христијанското населнеие и Србите кој сè уште биле вооружени. Во зимата и летото 1805 година, јаничарите повторно се одметнале, го опустошиле паѓалокот и успеале да го соборат Абу Бекир.
Победите на востаничките сили ја зголемиле самодовербата на српските првенци кои биле подготвени да ги продолжат контактите со Високата Порта, меѓутоа решиле да побараат заштита од големите сили. Во овој период од востанието, биле нправени првите обиди за добивање на помош од Виена и Санкт Петербург. Српските првенци најпрво се обратиле кај Хабсбурговците меѓутоа биле одбини.
Во 1804 година во Руската Империја била испратена делегација која побарала еден вид на гаранат за автономијата. Српската делегација имала средба со рускиот министер за надворешни работи Адам Чарториски. Тој ги советувал да преговараат со Портата. Руската Империја во овој период водела политика на соработка со османлиската власт.
Додека српските водачи се обидувале да ја добијат наклонетоста на двете големи европски сили, султанот решил да ги смири востаниците преку преговори. Тој ги замолил влашкиот и молдавскиот кнез да бидат посредници помеѓу востаниците и Високата Порта. Во есента 1804 година, влашкиот кнез го испратил својот претставник кај востаниците, кој пак од своја страна ја истакнале својата верност кон султанот и централната власт.
Востаниците од Портата побарале да го отстрани Алиј Гушанац од Белград, а преговорите и евентуланиот договор со Абу Бекир да биде гарантиран од една голема сила. Меѓутоа, не бил постигнат договор, султанот од своја страна ги одбил востаничките барања, а српските водачи одбиле да ги распуштат востаничките сили.
Втората етапа од востанието започнала во август 1805 година, кога српските востаници за првпат се судриле со регуларни сили на османлиската држава. Во овој период, востаниците биле подготвени да ги продолжат преговорите со Високата Порта со цел добивање на широка автономија, нивните барања не се разликувале од барањата од првата етапа на востанието.
Султанот Селим III повторно се соочил со криза. Состојбата била сложена, јаничарите биле непослушни поданици, влијателните муслимани се спротивставувале на остапките што им се давале на христијаните, а Србите не сакале да се разоружат. Централната власт стравувала од отворено востание против нејзиата власт од Србите, меѓутоа постоела можност и од османлиски отпор. Караѓорѓе ги послушал советите на посредниците да води толернантна политика кон Портата и го намалил бројот на српските сили околу Белград. Меѓутоа, во март 1805 година востаничките сили кои биле дислоцирани од Белград кон Западна Морава, каде што требало да ги освојат Карановц, Трстеник, Пожеге и Ужице, останатите востанички сили биле распоредени кон Голема Морава каде што требало евентуално да го спречат османилското навлегување.
Султанот Селим III ја променил својата политика, наместа да ги смири Србите, тој решил да ги задуши. Високата Порта му наредила на новоименуваниот белградски паша Хафиз паша, дотогашен заповедник на Ниш, да ги нападне и уништи востаничките сили. Хафиз паша пристигнал до Голема Морава каде што бил пречекан од Караѓорѓе и Миленко Стојковиќ.
Стојковиќ во селото Иванковец изградил систем на утврдувања. На 18 август 1805 година, започнала Битката кај Иванковец. Хафиз паша со своите сили утрото на 18 август ги нападнал српските сили, битката траела цел ден, а востаниците биле принудени да се повлечат во главното утврдување. Ноќта на помош на востаничките сили им пристигнал Караѓорѓе по што Хафиз паша бил принуден да се повлече кон Параќин, а потоа кон Ниш. Битката кај Иванковец била една од најголемите во текот на востанието. Со оваа битка, започнала втората етапа од востанието, борба против централната власт.
Во 1806 година, османлиските власти се подготвувале за конечно пресметување со востаниците. Бил предвиден напад на Белградскиот пашалок од три правци: од Видин, од Ниш и од Босна. Востаниците своите сили ги насочиле надвор од пашалокот кон Кладово, Параќин, Крушевац, Вишеград, Нов Варош, Шабац и Белград. Миленко Стојковиќ ги освоил Пореч, Кладовов и Неготин, Добрњац ги освоил Параќин, Ражањ и Алексинац, Главаш и Младен Миловановиќ го освоиле Крушевац. Радич Петровиќ продрел во долината на Ибра и ја освоил Пазарската нахија, меѓутоа бил поразен од Сулејман паша Скопјанецот. На исток, востаниците го поразиле Пазвантоглу. Босанската војска ги освоила Мачва и Подриње, а овие османлиски сили биле пречекани од Караѓорѓе. Дошло до одлучувачка битка кај Мишар на 13 август 1806 година во која осналиските сили биле поразени и пшринедни на повлекување кон Шабац. Везирот Ибрахим паша со својата војска продрел во долината на Морава, а востаниците го дочекале во Делиград каде што цели пет недели се спротивставувале.
Караѓорѓе по победата кај Мишар се упатил кон Делиград за да им помеогне на опколените востанички сили. На 3 септември се одиграла одлучувачката битка кај Делиград, уште пред доаѓањето на Караѓорѓе, во текот на која востаниците предводени од Добрњац, Главаш и Миловановиќ ги победиле османлиските сили. Охрабрени од победите кај Мишар и Делиград, востаниците започнале офанзива. Станој Главаш го запалил Прокупле и продрел до Лаба, Бањска и Брвеник. Караѓорѓе стигнал до Нипа, а Миленско Стојковиќ до Видин.
Во почетокот на востанието Караѓорѓе Петровиќ бил избран за водач на востаниччите сили. По мај 1804 година, Караѓорѓе ги потпишувал своите прокламации со титули како што се врховен војвода и водач.
Поради опасноста, српските првенци ја прифатиле потребата од воспоставување на силна власт. Караѓорѓе станал значајна фигура иако се соочил со сè поголема опозиција. Караѓорѓе Петровиќ е роден во Шумадија, а неговото семејство кое било сиромашно емигрирало во Хабсбуршката монархија.
За време на Австриско-турската војна, Караѓорѓе станал член на српските фрајкорпуси и се борел во Западна Србија. По воспоставувањето на мирот се вратил во Шумадија каде што започнал да се занимава со трговија. Караѓорѓе се приклучил во христијанската милиција која имала овластување од Селим III и станал офицер.
Караѓорѓе се стекнал со значително воено искуство уште пред востанието. Иако имал титула на врховен командант на востаничките сили, Караѓорѓе биле само еден од многуте слични српски првенци кои имале престиж и моќ по окрузите. Првенците биле подготвени жестоко да ги бранат своите лични позиции и биле нетрпеливи кон секоја централна власт.
Во 1805 година, Караѓорѓе дал согласност за формирање на еден Управен совет (на словеносрпски: Правитељствујушчи совјет сербскисо) кој требало да ја дели власта. Во почетокот тој успеал во Советот да именува свој приврзаници, а во 1808 година се прогласил за наследен врховен водач. На сите главни позиции, Караѓорѓе поставувал свои приврзаници.
Правитељствујушчи совјет сербски (Правителствующи совѣт сербскій) бил основан на 14 август 1805 година во Борка од страна на Српското народно собрание. Главните основачи на овој совет бил протата Матеј Ненадовиќ и Божа Грујовиќ, професор по историја на правото при универзитетот во Харково.
Според нацртот изработен од Грујовиќ, Советот се состоел од 12 избрани претставници од 12 нахии. На чело на советот стоел претседател кој бил биран од 12 -те претставници секој месец. Биле предвидени и 6 министри кои исто така биле бирани од страна на членовите на Советот.
Меѓутоа, министерставата биле воведени дури во 1811 година и тоа за: војска, финансии, правда, просвета и црква. Првото седиште на Советот се наоѓало во манастирот Вољавча, под планината Русник, а подоцна било пренесено во манастирот Боговач.
Во тој период нахиите биле реорганизирани во магистрати (судови). По освојувањето на Смедерево 1806 година, Совететот се префрлил во овој град, а повторно го сменил своето седиште по ослободувањето на Белград во 1807 година, каде што останал сè до крајот на востанието во 1813 година. Во првиот совет (август 1805 година) влегувале:
Чланови на советот во 1811 година биле:
И покрај воените успеси, српските водачи и понатаму биле подговени да преговараат со Високата Порта врз основа на поранешните барања за добивање на поголеми права. Во летото 1806 година, востаниците во Цариград го испратиле Петар Ичко кој во име на востаниците требало да ги претстави нивните барања. Ичко во престолнината на Османлиското Царство пристигнал кон крајот на јули 1806 година и со посретство на цариградскиот патријарх ги започнал преговорите. Тој вешто ги искористил османлиските порази кај Мишар и Делиград во август истата година, како и влошувањето на односите помеѓу Османлиската и Руската Империја. Ичко успеал да ја убеди Портата да ги прифати барањата на востаниците.
Во септември 1806 година, Ичко склучил мир со Портата, според кој јаничариите биле протерани од Белградскиот пашалок, Србите требало данокот да го плаќаат со одсек, а требало да го прима султановиот мухаил, јавните служби и чувањето на границите требало да ги извршуваат Србите. Меѓутоа, тоа не било мир во вистинска смисла на зборот бидејќи не постоел пишан документ кој би го гарантирал [7][8][9].
И покрај преговорите на востаниците за постигнување на договор со Високата Порта, тие решиле да не го прифатат Ичковиот мир. Меѓународната состојба во 1806 година се изменила, односно Руската и Османлиското Царство ги расипале односите, во тоа време руската армија била стационирана во Дунавските кнежевства, една руска флота дејствувала по Јадранското Море, а руските сили со помош на Црногорците ги освоиле Котор и Будва. Сето тоа влијаело врз востаниците и српските водачи решиле да ја продолжат борбата со руска помош.
Во септември 1806 година, Петар Ичко и мухасилот Хасан ага пристигнале во Белградскиот пашалок со задача да ги пренесат усните ветувања. Во октомври истата година, востаничкото собрание во Смедерево ги примило условите за мир испратени од Портата, а Ичко бил испратен во Цариград за конечно утврдување на договорот. Додека Ичко престојувал во престолнината на Османлиското Царство, Караѓорѓе решил да дејствува. На 30 ноември, Белград бил освоен, а на 27 декември паднала и османлиската тврдина.
Во јануари 1807 година, Портата ги усвоила условите на Ичковиот мир, меѓутоа по освојувањето на Белград, српските востаници се повразле со Руското царство и ги отфрлиле одредбите на Ичковиот мир. Самиот Петар Ичко одвај се извлекол од Османлиското царство. Српските водачи го отфрлиле договорот бидејќи немало гаранција дека тој ќе биде спроведен откако ќе поминела руската опасност.
Во јуни 1807 година во Белград пристигнал рускиот емисар, маркизот Ф. О. Паулучи со задача да изврши проценка на ситуацијата и да види што им е потребно на српските востаници. Маркизот немал дозвола од руската влада за постигнување на регуларен договор со востаниците. Меѓутоа, тој во јуни склучил формална конвенција. Според неа се предвидувало руска помош за српските востаници и зацврстување на руското влијание во иднина. Со членот еден се предвидувало:
Со овој договор, српските востаници и нивните водачи направиле јасен избор, тие ја одбиле османската понуда на автономен статус и одлучиле да и се приклучат на Руската Империја и борбата за целосна независност. Меѓутоа српските водачи не знаеле дека за преговорите не е дадено овластување од Санкт Петербург. Одлуката што ја донеле српските востаници се покажала како погрешна. Приваќањето на рускиот сојуз се совпаднал со средбата на Наполеон Бонапарт и Александар I во Тилзит. Двата монарха склучиле договор со кој биле решени повеќето спорни прашања. Со договорот, Наполеон се согласил да се обиде да преговара за примирје помеѓу Руската Империја и Османлиското царство. Договорот спречувал каква било поголема помош за српските востаници од Русија. Во август 1807 година, Русија и Османлиското царство склучиле примирје. Рускиот цар не ги одобрил неговите услови, но следувал период на двегодишен мир.
Во 1809 година, српските востаници добиле помала руска помош. Ситуацијата се подобрила во 1810 година кога бил воспоставен одреден степен на руско-српска воена соработка и кога со операциите против Османлиското царство командувал генералот Кутузов. Во тој период спрспките востаници добиле одредено количество на оружје, муниција, медицински резерви и финансиска помош.
По 1807 година, успесите на востаниците постепено опаѓале, а крајниот исход на самото востание сè повеќе зависело од меѓународните случувања и односите помеѓу големите сили. Во овој период дошло до раздор меѓу востаничките водачи. Караѓорѓе и понатаму бил прва личност но се соочил со поголема опозиција. Локалните српски првенци не сакале да ја предадат власта во рацете на еден човек и да прифатата секундарна позиција во власта. Тие се спротивставувале на секаков трансфер на власта во полза на една централна влада и водач. Меѓутоа, Караѓорѓе успеал да ја задржи власта во своите раце.
Во 1808 година, меѓународната политичка сцена повторно била непогодна за српските востаници. Наполеон Бонапарт и рускиот цар Александар I одрале средба во Ерфурт каде што било видливо дека неможат да се усогласат околу Источното прашање. Во меѓувреме се влошила и внатрешната положба во Османлиското Царство. Во Цариград, султанот Селим и неговиот наследник Мустафа IV биле соборени и ликвидирани, на османлискиот престол седнал Махмуд II. Оваа политичка криза ги принудила Османлиите повторно да им понудат на востаниците, широка автономија, меѓутоа двете страни не можеле да се договорат околу границите на автономната српска држава. Од своја страна, српските востаници сè уште сакала гранација од некоја голема сила. Различните погледи придонелe да не биде постигнат договор.
Во 1809 година, борбите помеѓу востаниците и Османлиите биле возобновени по две години на затишје. Српските востаници очекувале воена помош од страна на Руското царство, меѓутоа била испратена мала помош. Востаниците биле принудени да заземата дефанзивна позиција, а во август 1809 година една османлиска армија се упатила кон Белград. Османлиската армија внела паника меѓу христијанското населени, а Србите започнале масовно да го преминуваат Дунав, меѓу нив бил и рускиот претставник Родофиникин. Караѓорѓе се соочил со пораз и се обратил за помош кон Наполеон Бонапарт и Хабсбуршката Монархија, меѓутоа без успех. Османлиите не успеале да ја освојат целата востаничка територија, но српските востаници се нашле во дефанзива, нивната нова цел била да ги задржат териториите што ги контролирале, а не нови освојувања. Востаничката положба се подобрила во 1810 година кога добиле поголема руска помош.
Во 1811 - 1812 година, меѓународната сосотојба повторно не била погодна за српските востаници. Руското царство се соочило со француска инвазија, а руските дипломати извршиле притисок за склучување на договор со Османлиите. Во текот на овие разговори, Русите се стремелe да ги добијат Дунавските кнежевства или во крајна мера само Молдавија. Положбата на востаната Србија била од второстпено значење за Руското царство во тој момент. Меѓутоа, востаниците не биле заборавени. Со членот 8 од Букурешкиот договор од 1812 година било предвидено Османлиите целосно да ја окупираатвостаничката територија и да ја воспоставата својата власт. Османлиските сили требало да се вратат:
Но со цел овие трупи на никој начин да не ги вознемируваат Србите спротивно на нивните права како поданици, Великата Порта, потикната од чувството на милозливост, ќе ги реши со српската нација неопходните безбедносни прашања. Таа ќе им гарантира на Србите, на нивно барање, исти поовластици што ги имаат нејзините поданици на островите од Архипелагот и на другите земји и ќе стори се да се почувствуваат ефектите на големата милост со тоа шо ќе им ја предадае администрацијата на нивните внатрешни работи, целосно ќе ги фиксира нивнит еданоци, ќе ги прима од нивна рака и накусо, ќе ги реши сите прашања со српската нација [11]
Востаничките водачи не биле запознаени со преговоите и договорот помеѓу Османлиите и Руското царство, а руската влада не ги информирала за нивната содржина. Србите ги дознале условите кога османлиските власти побарале нивно исполнување. Српските водачи најмногу биле погодени од одредбата која предвидувала Србија да биде окупирана од османлиската армија. Претставниците на Руското царство ги советувале српските водачи да преговараат дирекно со османлиската власт по прашањето за автономијата која во Букурешкиот договор не била доволно јасна.
Положбата на востаниците уште повеќе се влошила кога Русите биле принудени да ги повлечат своите сили од Србија, Влашка и Молдавија. Русија не била во позиција да изврши притисок врз Високата Порта за да ги почитува обврските од договорот.
Востаничката благајна била празна, борбите кои се воделе од 1804 година ја оставиле Србија без средства за борба против Османлиите. Руското царство целосно било зафатено со француската инавазија на Наполеон Бонапарт и не можело да им помогне на српските востаници. Во јули во Србија биле испратени три османлиски армии, во јачина од четврт милион војници: 130.000 од Босна, 60.000 од Ниш и 60.000 од Видин.
Со 100.000 војници од запад продрел босанскиот везир, востаниците биле поразени на Морава, Дрина и Тимок. Во септември се разврзала Битката кај Равње. Востаниците биле поразени, Зеко Буљубашијата загинал со своите 800 луѓе, а живоите ги изгубиле и уште околу 3 000 востаници. Во оваа борба загинале и други истакнати српски водачи: Петроније Шиша и Јоксим Карамарковиќ. Битката кај Равње била последната борба во Првото српско востание.
Во октомври 1813 година, Караѓорѓе заедно со владиката Леонтиј и други членови на српската влада го преминале Дунав и се засолниле на територијата на Хабсбуршкото царство. Четири дена подоцна османлиската армија го освоила Белград, а востанието било задушено.
По возобновувањето на османлсиката власт во Србија, била прогласена општа амнестија, голем број на емигранти се вратиле од хабсбуршите територии. Српските првенци кои не ја напуштиле земјата, се потчиниле на власта на новиот белградски паша Сулејман Скопјанецот. Меѓу овие српските првенци се наоѓал и Милош Обреновиќ кој бил назначен за оберкнез на Рудник. Набргу потоа главнината на османлиската армија ја напуштила Србија, но состојбата и понатаму останал сложена. Србите и понатаму биле вооружени и биле побројни од Османлиите, прашањето за администрацијата останало отворено, долгите години на борба оставиле зад себе горчливо чувство меѓу хритијаните и муслиманите, а на двете страни постоеле услови за појава на инциденти и злосторства.
Иако востанието било задушено, тоа претставувало основа за кревање на Второто српско востание во 1815 година, по кое уследило создавањето на Кнежевството Србија на чело со Милош Обреновиќ.
Уште пред да избувне Австриско-турската војна од 1788-1791 година еден дел од македонските печалбари во Србија, особено од Мавровскиот крај, не можејќи да ги поднесат јаничарските зулуми, заедно со неколку повидни Срби пребегнале во Австрија. На повик од австриските воени власти, Македонците се вклучиле во борбата против Османлиите [12]. Според Лазар Арсениевиќ-Баталака од Белград во Австрија преминале:
„Петар и Јован Новаковиќ, браќа Чардаклии, Велчо и Кузман, браќа Џикиќи, Дели Ѓорѓи Чипљак, Милош Брко, Тримче Трпковиќ, Деспот Чукула и Геро Новаковиќ“. По вклучувањето во воените единици пребегнатите од Белград добиле чинови: „Петар и Јован Чардаклија за капетани, Велчо и Кузман Џикиќ исто така, Дели Ѓорѓи исто така, Милош Брко заминал како офицер против Французите. Заслугите на Тримче Трпковиќ, Деспот Чукула и Геро Новаковиќ биле од посебен, невојнички вид; овие тројца биле наградени со пензии и со царски документи за признавање.“ [13]
Според истиот извор браќата Петар и Јован Новаковиќ-Чардаклии биле родум од село Леуново, во Македонија. Петар Новаковиќ – Чардаклија пред австриската војна од осумдесеттите години на XIX век бил анџија во Белград. Велчо и Кузман Џикиќ биле од Маврово во Македонија, а според објасненијата на авторот тие биле австриски доброволци и станале капетани во Австриско-турската војна (1788-1791).
По избувнувањето Првото српско востание во 1804 година, мнозина македонски учесници во Австриско-турската војна кои живееле во Австрија, и други македонски печалбари од Белградскиот пашалак, се вклучиле во борбите на страната на српските востаници и се истакнале не само како добри борци туку и како вешти дипломати [12]. За учеството на Македонците во Првото српско востание Арсениевиќ-Баталака истакнува:
„Караѓорѓе во договор со старешините ги повика познатите на српските трговци... Тој момент од Германија, се префрлиле скришно во Србија Петар и Јован Чардаклија, првиот ритмајстор, а вториот оберлајтнант, двајцата благородници на Унгарското кралство, потоа Велчо и Кузман, браќа Џикиќи и двајцата капетани, дели Ѓорѓе Чипљак капетан... Сите овие се родум од Дебарскиот пашалак и се викаат „Рекалии" поради реката Радика, којашто низ нивните села од каде што се родум тече. Тие од поодамна дошле без своите фамилии во Белградскиот пашалак и држеле во Белград анови и меани. Се занимавале со анџилак, касаплак и мандраџилак. Во долгото време тие добро се помагале и со Србите од овој пашалак... Сите овие Рекалии биле луѓе со војнички дух. Тие и кога се дома на вилаетот не им даваат на Турците лесно да ги гмечат. Сите се воопшто трудољубиви и штедливи. Не се кој знае колку имашливи или цврсти и постојани на зборот. Искрени се и простодушни, па и зборливи...За своите заслуги, освен чинови и благородства биле осигурани со пензии од австрискиот двор, но штом чуле дека Караѓорѓе со народот се кренал против Турците, сосема се фрлиле, оставиле и од љубов кон своите дошле скришно кај Караѓорѓе за да се принесат на жртва за своите браќа Срби.“[13]
На бојното поле се истакнале браќата Џикиќ. Велчо бил и градител на делиградските утврдувања, а Петар Јокиќ за тоа ќе каже „Дојде Џикиќ од Македонија, донесе неколку беќари, направи ров и го нарече Делиград“. Велчо загинува на Велики петок на делиградското утврдување, а неговиот брат Кузман го зазема неговото место. На дипломатски план, во заштита на резултатите на востанатиот народ, се истакнал Петар Чардаклија, потоа Петар Ичко, кој го склучил со турската влада познатиот Ичков мир во 1806 година и други. Дека Србите не можеле без писмените Македонци зборува и фактот дека писар на српскиот јунак ајдук Вељко бил Ристо Димитриев(иќ) - Лешко, родум од Маловишта, кој во Смедерево имал кафеана по име „Македонија“.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.