Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
„Волшебниот рид“ (германски: Der Zauberberg) е роман на германскиот писател Томас Ман од 1924 година.
Романот се состои од седум глави:[1]
„Волшебниот рид“ го означува почетокот на вториот период од творештвото на Ман. Делото настанало така што Томас Ман престојувал кај својата жена во Давос во текот на три недели, а потоа побегнал пред да го задржат лекарите, кои веќе ги откриле симптомите на неговата болест. Тој започнал да работи на романот уште во 1912 година, но во работата го прекинала Првата светска војна, така што романот го завршил дури во 1924 година. На почетокот, Ман имал намера да напише расказ за Давос, но потоа делото го проширил во роман, напишан во традицијата на германскиот воспитен роман, но со широк, европски план. И во ова дело е прикажана сликата на Европа пред Првата светска војна, слика на општество во криза, растргнато од спротивни идеологии.[9][10]
Дејствието се одвива во текот на осумте години пред избувнувањето на Првата светска војна. За време на престојот во санаториумот за белодробни болести во Давос, главниот лик, Ханс Касторп, се колеба меѓу болеста и здравјето, меѓу смртта и животот, меѓу напредните и конзервативните гледишта, сѐ додека војната не го одведе на бојното поле. Санаториумот претставува експериментален производ на науката и заработувачката, магијата и луксузното претпријатие, истовремено лековито чистилиште и Венерин брег. Таму, госпоѓата Шоша, руската Венера, го држи Танхојзер од Хамбург заробен седум години на тој волшебен рид. За тоа време, долу во рамнината, живее светотот на Буденброкови, кој ја претставува позадината составена од здрави луѓе, трговска активност, синџирот на предците и гласот на родниот крај. Болеста што го заробила Ханс Касторп го оддалечува од луѓето од рамнината и постепено и незабележливо го преобразува, му ја одзема волјата, му ги менува инстинктите и му ја засилува фантазијата. На прв поглед, како Ман да ја симпатизира болеста, како неговата уметност да значи верност кон слабоста, страдањето и смртта, како неговата должност да е откривањето на трошноста, ограниченоста и привременоста на животот. Имено, „Волшебниот рид“ е меѓународно собиралиште на оние кои се борат со смртта, а темата на агонијата и смртта се провелкуваат како лајтмотив низ целата книга. Чувствителноста, декаденцијата, траснпарентната разновидност која стапува во разговор со смртта е најнежната инструментација на душата. Но, таа не се залага за идејата на смртта, туку истапува како истражувач на животот. Зашто, само во царството на сенките потполната светлина делува како усреќување и само во сознанието за смртта животот станува свесен за самиот себе. Поради тоа, Ман пишува: „Ако имам некаква желба во однос на судбината на моето дело, тогаш тоа е желбата за него да се каже дека му е блиско на животот, иако ја познава смртта.“[11]
Љубовта во романот е прикажана со трагична иронија, со разбирање и сожалување. Всушност, тој го остава отворено прашањето дали Ханс Касторп е веќе болен кога пристигнува во санаториумот или болеста му е предизвикана од љубовта кон Клавдија.[12]
Едно од централните места во романот е духовниот двобој меѓу демократот и хуманистот Сетембрини и тоталитарниот догматичар Нафта, двобој кој не е завршен и разрешен. Во својата студија за Ман, Ѓерѓ Лукач го опишува Нафта како претставник на фашистичко-реакционерниот поглед на светот, но во својата беседа „Моето Време“ (1950) самиот Ман вели дека Нафта е олицетворение на „езуитски воспитан комунист, на стравичната догматска диктатура, на железната стега која ја спроведува тоталитарната држава“.[13]
Томас Ман има посебен однос кон мерењето и густината на течењето на времето во „Волшебниот рид“. Така, уште на почетокот од романот, во разговорот меѓу Ханс и неговиот роднина Јоахим, првиот вели: „Но, овде времето мора брзо да ви минува.“ На тоа, Јоахим одговара: „Брзо и полека, како сакаш. Тоа воопшто не минува, ти велам, тоа воопшто не е време, а не е ни живот.“ Всушност, уште во предговорот кон романот, Ман го поставува својот временски мотив, велејќи дека настаните за кои сакаме да раскажуваме мора да претставуваат минато, и тоа колку подалечно минато, толку подобро за раскажувачот. Меѓутоа, во романот не се обработува само ова апстрактно време, туку во ова дело Ман првпат се ослободил од конзервативните општествени и политички ставови карактеристични за периодот пред Првата светска војна и во романот ја прикажува борбата меѓу хуманистичко-демократските и реакционерно-авторитативните погледи на светот, претставени низ ликовите на Сетембрини и Нафта. Угледувајќи се не Гетеовите дела „Вилхелм Мајстер“ и „Поезијата и вистината“, Ман во својот роман гради голема композиција на човековите односи и идеите на неговата епоха, еден вид воспитен роман на времето. Така, во еден приватен разговор од мај 1953 година, самиот Ман потврдил дека за него „Волшебниот рид“ претставува пресврт и дека со него започнал нов живот во мисловен и уметнички поглед. Имено, токму во периодот на создавањето на романот, Ман ги надминал погледите изнесени во збирката статии со наслов „Разнислувањата на еден неполитичен“, а истовремено, тој го отфрлил натуралистичкиот композициски принцип, така што „маскарадата на фабулата повеќе не му значи ништо, а душата, инспирацијата — сè.“[14]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.